Одржана прва напредна обука за еколошка правда во 2025 година

Центарот за правни истражувања и анализи во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители, на 10 јуни 2025 ја одржа првата од три планирани напредни обуки за спроведување на еколошка правда во рамки на проектот „Добро владеење во животната средина за имплементација на Зелена Агенда за Западен Балкан“ поддржан од Европската Унија.

На обуката присуствуваа судии, јавни обвинители, претставници од стручната служба, Министерството за внатрешни работи и Инспекторатот за животна средина, со цел унапредување на нивните знаења и практични вештини во областа на екологија и правосудство.

Програмата на обуката ги опфати следните теми:

  • Меѓународна и национална правна регулатива за заштита на животната средина, каде што беше даден преглед на релевантните закони, конвенции и политики кои ја уредуваат оваа важна област. Предавач м-р Елена Накова ги истакна клучните обврски и стандарди што земјата треба да ги исполни, со посебен фокус на хармонизацијата на домашното законодавство со законодавството на Европската Унија. Беше нагласена потребата од континуирана едукација, градење институционални капацитети и соработка помеѓу јавниот сектор, граѓанските организации и приватниот сектор за постигнување на одржлив развој.

  • Криминалистички истраги за сузбивање на еколошкиот криминал, каде што проф.д-р Марина Малиш Саздовска презентираше методи и техники за ефикасно истражување и откривање на еколошки прекршувања и криминални дејствија. Таа се осврна на современите пристапи во криминалистиката кои вклучуваат мултидисциплинарна анализа, користење на форензичка технологија и соработка со еколошки инспекторати и јавни обвинителства.

  • Анализа на судската практика и казнената политика во областа на еколошкиот криминал, при што јавниот обвинител Сузана Мирчевска и проф.д-р Гордана Лажетиќ презентираа актуелни предизвици, судски решенија и препораки за унапредување на казнената политика. Во рамките на своите излагања, тие се осврнаа на ограничувањата во постојната судска практика, вклучително и недоволно иницирани постапки, ниска застапеност на осудителни пресуди, како и честото изрекување на поблаги санкции кои не ја одразуваат тежината на делата и не ја постигнуваат целта на казната. Беше истакнато дека потребна е поголема специјализација на правосудните органи во областа на еколошкото право, со цел подобро разбирање на сложеноста на овие кривични дела, нивното влијание врз јавниот интерес и долгорочните последици по животната средина.

Обуката заврши со интерактивна дискусија за прашања и дилеми од практиката, која овозможи размена на искуства и поттикнување на соработка меѓу сите релевантни институции. Ова беше прва од трите напредни обуки што ќе се реализираат во текот на годината, со цел постојано зајакнување на капацитетите на правосудството и другите надлежни органи за ефикасна заштита на животната средина и спроведување на еколошката правда.

Курикулумот за напредна обука од областа на еколошката правда може да го преземете тука.

Обуката беше одржана во рамки на проектот „Добро владеење во животната средина за имплементација на Зелена Агенда за Западен Балкан“  финансиски поддржан од Европската Унија.
Ana
Share
This