
Платформата за еколошка правда со длабока загриженост реагира по повод пожарот во кругот на компанијата „Ф-Групација“ во Трубарево, каде што гореле отпадни батерии, акумулатори, литиум-јонски батерии и електронски отпад. Согорувањето на вакви материјали ослободува исклучително токсични материи.
Граѓаните беа изложени на загадување и на силен, задушлив мирис, што дополнително ја зголемува загриженоста за долгорочното влијание врз квалитетот на воздухот и здравјето на населението. Оваа состојба е особено алармантна ако се има предвид природната и географската положба на градот и околината, но и фактот дека скоро истовремено со пожарот во Трубарево гореа и депониите Вардариште и Дрисла, со што Скопје беше континуирано изложено на сериозно аерозагадување од повеќе извори.
Клучни прашања:
- Дали складирањето било во согласност со дозволите што компанијата ги поседува, и дали биле вршени редовни инспекциски контроли?
- Дали компанијата имала дозволи за сите типови на отпад што биле складирани на локацијата?
- Дали мешањето на различни категории отпад (батерии, акумулатори, електронски отпад) може да биде причина за пожарот?
- Дали пожарникарите, полицијата и медицинските екипи што интервенираа биле соодветно заштитени со специјализирана опрема за справување со пожар од такви размери?
- Дали пожарот е резултат на несреќен случај или постои можност тој да бил подметнат, имајќи предвид дека речиси истовремено се случија пожари и на депониите Вардариште и Дрисла?
- Зошто повторно сведочиме на задоцнета институционална реакција, со што на граѓаните им беше оставено да дишат загаден воздух со часови без никакво предупредување и заштитни мерки?
Наши барања:
- Итна и јавна објава на податоци за квалитетот на воздухот, почвата и водата, со независни мерења и вклучување на експерти.
- Објава на сите издадени дозволи со придружните документи и елаборати на сите легално регистрирани депонии и фирми кои се занимаваат со отпад. Истражување и утврдување на одговорност за одлуките со кои фабрики за опасен отпад во населени места добиваат дозвола само со елаборат, со што се исклучува јавноста и се ускратува правото на граѓаните да бидат информирани и да дадат мислење за сериозен загадувач во нивната непосредна околина.
- Итни, јасни и континуирани препораки за населението во тесниот круг на пожарот: дали смеат да излегуваат од дома и во кој временски период, кои мерки за заштита треба да ги преземат, дали е безбедно да наводнуваат или да користат производи од своето земјоделско производство.
- Заштита и грижа за сите службени лица кои биле на терен.
- Итна, транспарентна постапка за откривање на причината за пожарите и процесуирање на сторителите доколку се утврди намерно подметнување, како и утврдување на одговорноста на компанијата за пропусти во управувањето со отпадот, дури и ако пожарот не бил намерно предизвикан.
- Воспоставување протоколи за итно предупредување на граѓаните во случаи на вакви еколошки катастрофи.
- Да се воспостави и имплементира систем за редовен инспекциски надзор и засилени проверки во управувањето со отпадот, со посебен фокус на фирмите и депониите кои ракуваат со опасни материјали. Да се обезбеди итно постапување за идентификување и затворање на сите нелегални и диви депонии, вклучително и привремено запирање на работа, санкции и обврска за санација/рекултивација на местата.
- Подготовка на сеопфатен план за превентивни активности против пожари, кој ќе ги опфати сите извори на опасност и ќе ги прецизира техничките и кадровските услови за нивно спречување и брза реакција.
Повикуваме на итна акција и целосна одговорност – затоа што здравјето и безбедноста на граѓаните мора да бидат највисок приоритет.
Реакцијата е поддржана од: Центар за правни истражувања и анализи, Македонско здружение на млади правници, Фронт 21/42, Mилиеуконтакт, Еко-свест, Институт за социолошки и политичко-правни истражувања, Заедница на единиците на локалната самоуправа на Република Северна Македонија (ЗЕЛС), Македонска академија на науките и уметностите (МАНУ), Академија за судии и јавни обвинители, Факултет за безбедност – Скопје.
Линк до ПЛАТФОРМА ЗА ЕКОЛОШКА ПРАВДА