Одржана втора напредна обука за еколошка правда во 2025 година

Центарот за правни истражувања и анализи, во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители, на 20.10.2025 година ја одржа втората од трите планирани напредни обуки за спроведување на еколошка правда, во рамки на проектот „Добро владеење во животната средина за имплементација на Зелена Агенда за Западен Балкан“, поддржан од Европската Унија.

На обуката присуствуваа судии, јавни обвинители и претставници од стручната служба со цел унапредување на нивните знаења и практични вештини во областа на животната средина и правосудството.

Програмата на обуката беше идентична со онаа реализирана на првата напредна обука и ги опфати следните теми:

  • Меѓународна и национална правна регулатива за заштита на животната средина, каде што проф.др Јулија Брсакоска Базеркоска даде преглед на релевантните закони, конвенции и политики кои ја уредуваат оваа област, со посебен фокус на хармонизацијата на домашното законодавство со законодавството на Европската Унија.

  • Криминалистички истраги за сузбивање на еколошкиот криминал, тема што ја презентираше проф.д-р Светлана Николоска, која ги објасни методите и техниките за ефикасно истражување и откривање на еколошки прекршувања и криминални дејствија.

  • Анализа на судската практика и казнената политика во областа на еколошкиот криминал, при што адвокатот Александар Гоџо ги презентираше актуелните предизвици, судски решенија и препораки за унапредување на казнената политика.

Обуката заврши со интерактивна дискусија за прашања и дилеми од практиката, која овозможи размена на искуства и поттикнување на соработка меѓу сите релевантни институции.

Оваа обука е втора од трите напредни обуки што ќе се реализираат во текот на годината, со цел континуирано зајакнување на капацитетите на правосудството и другите надлежни органи за ефикасна заштита на животната средина и спроведување на еколошката правда.

Обуката беше одржана во рамки на проектот „Добро владеење во животната средина за имплементација на Зелена Агенда за Западен Балкан“, финансиски поддржан од Европската Унија.

Ana
Share
This