Веб платформата „Justice Observers“ на Центарот за правни истражувања и анализи започна со објавување на вториот циклус анализи на пресуди од домашната судска практика и од практиката на Европскиот суд за човековите права.
Целта на веб платформата е да се зајакне конзистентноста на судската практика, да се подобри правната сигурност и да се унапреди транспарентноста преку доближување на работата на судството до граѓаните.
На овој начин се дава значаен придонес во обезбедувањето на поинклузивна, поквалитетна и повидлива правда што воедно подразбира и поефикасна заштита на човековите права и постоење на поефикасни правосудни институции.
Како форум за развојот на судската практика, веб платформата „Justice Observers“ има исклучиво и единствено значење за стручната и за пошироката јавност во поглед на опсервацијата и проучувањето на пресудите, применувањето на европските стандарди и усогласеноста на националната со меѓународната судска практика.
Во фокусот на „Justice Observers“ се одлуки на Врховниот суд на РСМ, Вишиот управен суд, Управниот суд, апелационите судови, Уставниот суд на РСМ и Европскиот суд за човековите права.
За таа цел, правни експерти на веб платформата ги анализираат и ги коментираат донесените одлуки на националните судови и на Судот во Стразбур кои се значајни за правниот поредок, воедно предлагајќи насоки за зајакнување на правната аргументација и убедливоста на правното размислување како важни компоненти во постапувањето на домашните судови.
Тимот на правни експерти на „Justice Observers“ е составен од познати имиња во правната професија и го сочинуваат универзитетски професори, адвокати, судии, научни соработници и правни консултанти.
Анлизите објавени на „Justice Observers“ се стручни, едукативни, информативни и напишани на јасен јазичен стил. Посебен акцент во анализите е ставен на применувањето на ковенциското право и на практиката на ЕСЧП. Анализите упатуваат на домашни и на меѓународни научни и литературни извори, како и на домашната и меѓународната судска практика.
Од особена важност во анализите е што се потенцира значењето на конкретна судска одлука, односно се изведува заклучок за нејзиното влијание во контекст на правосудството и правата на граѓаните.
Оттука, од посебно значење е што „Justice Observers“ во своите анализи, меѓу другото, ги истакнува и пресудите кои носат „општествени промени“ и во таа насока ги елаборира импликациите кои ги имаат таквите судски одлуки за владеењето на правото и заштитата на човековите права.
Во оваа смисла, подготвените анализи за пресудите објавени на веб-платформата се корисни како од аспект на едукацијата и практиката, така и од аспект на пошироката читателска јавност. Со тоа се остварува една од клучните цели на веб платформата – приближување на судската практика до граѓаните од чие име се донесуваат пресудите.
Веб платформата „Justice Observers“ во Република Северна Македонија е единствена по својата цел и мисија, а идејата за нејзино креирање потекнува од трендот што постои во Европа.
Ваквиот тренд овозможува зголемена транспарентност на правосудството и на донесените пресуди од страна на националните судови и од Европскиот суд за човековите права, со што целокупната правна фела, граѓанската и медиумската јавност и академската заедница можат низ стручна призма континуирано да ја следат судската практика.
Со ваквиот пристап не само што се овозможува експертски осврт на судиската практика, туку непосредно се зајакнуваат и општите принципите на владеењето на правото и примената на стандардите на Европскиот суд за човековите права во тој контекст.
Вториот циклус на веб платформата „Justice Observers“ e дел од програмата ,,Унапредување на квалитетот и одговорноста во Македонскиот правосуден сектор“, која се спроведува од Центарот за правни истражувања и анализи со финансиска помош од Амбасадата на Кралството Холандија.
Спроведувањето на проектот е во насока на заложбите на Центарот за правни истражувања и анализи да ги оспособи граѓаните, како индивидуално така и колективно, подобро да го разберат функционирањето на правниот систем и неговата ефикасност, како и влијанието што го има тој врз нивниот живот во рамките на владеењето на правото.
Новинарската сторија е изработена од Даниела Марковска Алексовска во рамки на проектот „Унапредување на квалитетот и одговорноста во Македонскиот правосуден сектор“ финансиран од Амбасадата на Кралството Холандија.