Воедначување на судската пракса во Македонија, заеднички настан на ЦПИА и ИПА 2010

Заеднички настан на Центарот за правни истражувања и анализи и ИПА Проектот за „Понатамошна поддршка за независно, одговорно, стручно и ефикасно судство и унапредување на пробациската служба и алтернативните мерки“.

На 16 номеври 2016 година во хотелот Арка, програмата на ЦПИА „Подобрување на квалитетот на правдата во Македонија“ заедно со ИПА 2010 проектот за „Понатамошна поддршка за независно, одговорно, стручно и ефикасно судство и унапредување на пробациската служба и алтернативните мерки“ оддржаа заеднички настан за Воедначеност на судската пракса во македонското судство.

Настанот го отвори судија Лидија Тасева, раководител на одделот за судска пракса во Врховниот суд на Република Македонија, која се заблагодари во името на колегите од Врховниот суд за поддршката од проектите, вложувањето напори и придонесот за напредокот во судството, особено во периодот кога судството добива неповолна оценка. Таа накратко се осврна и на важноста од овие настани, работилници и тркалезни маси во надминувањето на т.н. ментална бариера помеѓу судиите за применување на судската пракса.

Госпоѓа Лидија Стојкова Зафировска, претседателка на Центарот за правни истражувања и анализи ја поздрави соработката со Врховниот суд на Република Македонија и ИПА проектот. Зборувајќи за важноста на судската пракса, особено во Македонија, таа истакна дека истражувањата покажуваат дека граѓаните немаат доверба во институциите кога тие покажуваат честа неконзистентност во функционирањето, селективност и недоследност, што пак се поврзува со неотчетност и затвореност која кај јавноста се изразува преку нискиот степен на доверба во судството и перцепција за тешко достижна правда за секого. Стојкова Зафировска посочи дека да се соработува во овие времиња низ партнерство кон надминување на препреките за развој и постигнување согласност за заедничко влијание е позитивна приказна и речиси ретка можност и привилегија како и дека ЦПИА успеа да ги препознае потребите на граѓаните но и на институциите кои се стремат и се спремни да преземат чекори кон подобрување, а со создавање на претпоставки за понатамошни скромни, но доследни промени. Таа накратко ја презентираше програмата на Центарот за правни истражувања и анализи поддржана од Британската амбасада, објаснувајќи дека компонентата која се бави со судската пракса во Македонија се темели на два столба – изработка на Водич од страна на Врховниот суд (во соработка со домашни и меѓународни експерти) за користење на судската пракса заради воедначување на примената на правото како и поддршка на Академијата за судии и јавни обвинители за спроведување редовни обуки за судиите за судска пракса како дел од редовната програма на Академијата во соработка со Судскиот колеџ од Лондон. Претседателката на ЦПИА ја поздрави поддршката од Министерството за правда за оваа програма, кое со цел успешно имплементирање на активностите на Центарот, во септември оваа година потпиша Меморандум за соработка со Британската амбасада Скопје и Центарот за правни истражувања и анализи. Во своето излагање таа заклучи дека преземањето водство и конкретен исчекор на Врховниот суд во овој зафат не едноставно исполнување на уставните и законските начела и одредби за гарантирање еднообразна примена на правото од страна на судовите туку е водство во поширока смисла на ангажман и посветеност, која треба да резултира со менување на начинот на работа кај сите останати судови. Ова е само почеток на едно многу важно патување за македонското судство – кое реално ќе има ефект на вистинско подигнување на довербата во судовите и кредибилитетот кој е честопати оспоруван.

На присутните им се обрати и Довидас Виткаускас, раководител на ИПА 2010 проектот, кој истакна дека го радуваат заедничките, координирани настани и активности од проектите за судската пракса. Тие всушност покажуваат дека оваа важна тема бара посветеност и соработка од сите чинители заедно. Господинот Виткаускас изрази задоволство што во последните години тематските дискусии за судската пракса се надминати и дека веќе не станува збор за копирање на англиски правен систем, туку за обврска од Европскиот суд за човекови права за усогласена судска пракса, односно униформирана примена на законот. Тој истакна дека јасноста и предвидливоста се едни од најважните начела за владеењето на правото, кое може да се постигне преку употреба на судската пракса. 

Судијата Берт Ман од Холандија, меѓународен правен експерт на ИПА, се заблагодари на присуството и можноста да ги презентира работите што ИПА проектот се обиде да ги постигне. Тој истакна дека појдовна точка за судската пракса во Република Македонија е улогата на Врховниот суд да обезбеди усогласеност на одлуките во државата, а самата судска пракса се темели на два аспекти. Праксата пред се мора да биде објавена и достапна, а судиите треба да знаат како да ја најдат соодветната судска пракса што им е потребна во конкретниот случај.

Жарко Хаџи-Зафиров, раководител на програмата во ЦПИА се осврна на пристапот на Центарот за правни истражувања и анализи во делот на директна комуникација со институциите на кои организацијата им пружа помош во рамките на проектите. Тој ги презентираше активностите на ЦПИА во рамките на минатогодишниот проект „Поддршка за воспоставување на унифицирана судска пракса во македонскиот правен систем“ кој беше еден вид пилот тестирање на капацитетите за воспоставување на таков систем во Македонија. Во рамките на проектот беше изготвена анализа со цел да се направи увид на состојбата во македонскиот правен систем во делот на судската пракса но и во други држави во Европа со континентален правен систем каде што судската пракса е дел од нивниот систем, а потоа започнаа директни разговори со Врховниот суд на Република Македонија за тоа каде проектот може да му помогне на судот за униформна примена на законот. Со таа цел, на работилница одржана со судии, адвокати, нотари, извршители и претставници од Министерството за правда во февруари оваа година, беше заклучено дека се потребни измени во Законот за судови. За таа цел ЦПИА организираше работна група за нацрт измени на Законот за судови со цел да се загарантира правна сигурност во Македонија преку употреба на судската пракса. Паралелно со тоа, ЦПИА оствари соработка со Академијата за судии и јавни обвинители каде беше одржана обука за судии и јавни обвинители за примена на судската пракса како и обука за обучувачи на истата тема со Судскиот Колеџ од Лондон. Судиите од Судскиот Колеџ изработија Насоки за обучувачи за користење на судската пракса кои ќе бидат дел од Академијата за судии и јавни обвинители. Откако проектот беше добро прифатен од сите чинители, а пред се со најголема поддршка се истакна Врховниот суд во Република Македонија како главен чинител за вооедначената примена на законите во државата, ЦПИА повторно со поддршка од Британската амбасада започна со имплементирање на 2 годишна програма во која една од главните компоненти е токму судската пракса. Во првата фаза од програмата, во тек е изработка на Водич за користење на судската пракса на Европскиот суд за човекови права и Врховниот суд на Република Македонија. По негово усвојување од страна на Врховниот суд, истиот ќе биде десеминиран до сите судии во Република Македонија како незадолжителен но корисен прирачник кој ќе го помогне цитирањето на судските одлуки пред се од технички карактер. Во понатамошниот период, ЦПИА со помош на експерти ќе направи проценка на компјутерските потреби на Врховниот суд во делот на судската пракса, а веќе обезбеди систем на волонтирање во судот во истиот сегмент, со цел да се скенираат одлуките кои се во тврда, писмена форма со цел да станат компјутеризирани и да можат да бидат предмет на пребарување. Исто така ќе се помогне и Здружението на судии во делот на објавување на одлуките на Врховниот суд на нивната веб страна. Целта е да се помогне процесот на правна сигурност и целиот процес на имплементација на веќе зацртаните законски и подзаконски постулати во однос на судската пракса.

Д-р. Јелена Ристиќ, адвокат од Скопје и правен експерт во Центарот за правни истражувања и анализи претстави сублимиран приказ на националната правна рамка за користење на судската пракса во Република Македонија. Пример за закони кои содржат одредби за примена на судската пракса во Македонија се Законот за парнична постапка, Законот за управни спорови, Законот за кривична постапка, Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета како и Законот за заштита на приватноста.

Во вториот дел од настанот, тимот на експерти од ИПА проектот, судијата Берт Ман, господинот Таурас Пестининкас и господинот Ѓорѓи Гичев се осврнаа на потребата од функционални веб страни и IT поддршка за функционирање на системот на судската пракса во една држава. Судијата Ман го претстави холандското искуство, додека господинот Пестининкас и Гичев зборуваа за веб страниците на македонското судство и моменталната состојба во Република Македонија.

Господинот Атанас Георгиевски, адвокат од Скопје и правен експерт во двата проекта, ги презентираше искуствата од Академијата за судии и јавни обвинители и аспектите за тоа како судската пракса се користи во Академијата како алатка. Тој зборуваше за активностите кои во соработка со проектите ги презеде Академијата за судии и јавни обвинители во однос на обуката и образовните аспекти за воедначување на судската пракса.

Во последниот дел од настанот, судија Лидија Тасева говореше за тековните активности на одделот на судска пракса во Врховниот суд во соработка со програмата за „Подобрување на квалитетот на правдата во Македонија“ со Центарот за правни истражувања и анализи, а м-р Весна Андоновска, секретар на одделот и самостоен судски соработник зборуваше за техничките потреби на различни степени и нивоа во судовите.

На крај, професор д-р. Гордана Бужаровска Лажетиќ, постар правен експерт во ЦПИА накратко го презентираше Водичот за цитирање на судската пракса на Европскиот суд за човекови права и Врховниот суд на Република Македонија. Таа истакна дека треба да се има предвид фактот дека Македонија има условно кажано „изгубено“ доста пресуди пред Европскиот суд за човекови права токму поради невоедначена примена на правото која отвара многу прашања за вледеењето на правото, правната сигурност и конзистентноста. 

Gorica Nadjinska
Share
This