Дискусионен форум во Битола во соработка со Здружението на судии на Република Македонија

На 23 март 2017 година, Здружението на судии на Република Македонија во во соработка со Центарот за правни истражувања и анализи одржа форум за дискусија на тема Судска пракса во Република Македонија и Матрица за мерење на перформансите на правосудст

На 23 март 2017 година во хотелот Епинал во Битола, Здружението на судии на Република Македонија во рамките на проектот Денови на правосудството 2017 година, поддржан од Мисијата на ОБСЕ, Британската амбасада Скопје и Центарот за правни истражувања и анализи одржа форум за дискусија на тема Судска пракса во Република Македонија и Матрица за мерење на перформансите на правосудството за Апелационото подрачје Битола. На настанот учествуваа 24 судии од апелационото подрачје Битола, претставници на Центарот за правни истражувања и анализи, преставник од Британската амбасада и останати учесници.

Работниот дел на форумот започна со воведното излагање на претседателот на ЗСРМ д-р Џемали Саити, кој ги запозна присутните со целиот комплекс на активности кои  се имплементираа и останатите кои се предвидени во рамките на проектот Денови на правосудството 2017 година.

Во продолжение, пред форумот се обрати Жарко Хаџи Зафитов, раководител на Програмата „Подобрување на квалитетот на правдата во Република Македонија“, истакнувајќи ја добрата соработка на Центарот за правни истражувања и анализи со Здружението на судиите. Тој накратко ја објасни програмата на Центарот која е поддржана од Британската амбасада Скопје елаборирајќи ги трите компоненти. Програмата се базира на зајакнување на капацитетите на судството се цел да се воспостави воедначена примена на правото во Македонија, односно примена на правото на Европскиот суд за човекови права кое е веќе предвидено со одреден број законски решенија, како и примена на правото на Врховниот суд на Република Македонија, односно следење на неговите начелни ставови и правни мислења. Понатаму Хаџи- Зафиров говореше за важноста од воспоставување и имплементирање на Матрица која ќе го мери напредокот и достигнувањата во правосудниот систем на државата преку веќе востановени ЕУ стандарди, кое мерење ќе даде јасна слика за тоа кои области во правосудството достигнале одреден напредок а во кои области ќе треба да се работи во иднина, со цел да се добие целосна слика. Притоа ова мерење и оваа Матрица, која Центарот ја изготвува во соработка со Министерството за правда и Судскиот совет на Република Македонија ќе послужи како алатка при креирањето на идните статегии за правосудството од страна на Министерството за правда. Притоа, Хаџи- Зафиров ја објасни и третата компонента на програмата која се бави со истражување и изнаогање на методологија за мерење на средната вредност на еден спор во судот, почнувајќи со споровите од мала вредност, со цел да се добие слика за тоа колку секој спор ја чини државата, судот но и граѓанинот како странка.

Во првиот панел за дискусија „Развој и промоција на судската пракса во Република Македонија“ свое излагање имаше  проф. Д-р Гордана Лажетиќ Бужаровска, Професор по Казнено процесно право на Правниот факултет „Јустинијан Први.“ Таа се осврна на важноста на судската пракса, како и тоа дека правниот систем кој е доста динамичен во поглед на законски измени, бара неопходно следење на судската пракса. Оттука, главниот акцент се става на правната сигурност, потребно е цитирање на одлуки не само на Европскиот суд за човекови права, туку и на повисоките домашни судови. Дополнително, таа истакна дека треба да се има предвид важноста на структурирање на одлуките.

Во делот дискусија и прашања по првиот панел земаа учество повеќе учесници, и во поглед на структурирањето на одлуките сметаат дека тоа не би значело ограничување на судијата во работењето, напротив би се доживеало како еден вид водич, рамка која би им ја олеснила работата. Понекогаш, проблемот со структурирањето на одлуките е во начинот на изразувањето во делот на образложувањето на одлуката. Учесниците беа согласни дека пресудите треба да бидат структурирани и во аргументирањето да се користи судска пракса.

Во вториот дискусионен панел „Презентација на Матрицата за мерење на перформансите во правосудството“ свои излагања имаа Никола Јовановски, менаџер на Програмата „Подобрување на квалитетот на правдата во Република Македонија“, Александар Гоџо, правен експерт, и Катерина Шапкова Коцевска, експерт по методологија и статистика кои го презентираа процесот на исготвување на матрицата. Тие истакнаа дека креирањето на матрицата и методологијата за истата е долг и инклузивен процес кој активно се одвива во изминативе 3 години. Во подготовката на Матрицата биле вклучени меѓународни и национални експерти, правници, методолози и статистичари. Притоа, на работните средби за изработка на индикаторите на Матрицата и методологијата на спроведување на истата, присуствувале претставници од Министерството за правда и Судскиот совет кои придонеле за комплетирање на Матрицата со своите конструктивни забелешки и коментари.

Во првата фаза на проектот била изработена нацрт матрица која содржела 171 индикатори, кои понатаму биле намалени на моменталните 75. Истите се поделени во 5 области:

1.Ефикасност,
2.Транспарентност и одговорност,
3. Квалитет на судската правда,
4. Независност и непристрасност, и 
5. Професионален развој и соодветна застапеност.

На прашањата/индикаторите ќе одговараат претставници на правосудните органи, како и странки во споровите. Таргет групите се поделени на: судии, судски службеници, судска администрација, адвокати, јавни обвинители, државен правобранител, странки во спорови (физички и правни лица), медиуми (кои известуваат за правосудството), НВО (кои работат во областа на правосудството), академска заедница и Академијата за судии и јавни обвинители.

Со цел примерокот на истражувањето да биде репрезентативен, методолозите ја разработиле методологијата за тоа од која таргет група кој е минимумот на испитаници кои треба да го одговорат прашалникот. Притоа, поради фактот дека медиумите и невладините организации кои работат на ова поле се во мал број, истите ќе го одговараат прашалникот преку длабинско интервју. Истото важи и за Академијата за судии и јавни обвинители поради нејзинита специфична структура.

Методолозите имаат развиено два пристапа на одговарање на прашалникот, односно на прибирање на податоците. Едниот е преку праќање на прашалникот во анонимен веќе адресиран плик или пак преку праќање на истиотоnline кој повторно би бил анонимен и заштитен со специфичен код за секој испитаник посебно.

Притоа собраните податоци ќе бидат категоризирани по географско и по апелационо подрачје.

Во делот за дискусија на овој панел, учесниците разговараа и разменуваа мислења за тоа дали е потребно анкетните прашалници да се надградат во некои делови и за тоа кој е најсоодветен начин за одговарање на прашалниците од страна на судиите.

Пред самиот крај, учесниците повторно се осврнаа на важноста на користењето на судската пракса како средство за аргументирање на одлуките.

Gorica Nadjinska
Share
This