Дискусија за планот за подобрување во правосудството

Судии од апелационите судови, Врховниот суд и управните судови ги дискутираа заклучоците од документите за јавни политики за подобрување на состојбите во правосудството.

Настанот се одржа на 12 февруари во хотел Мериот и претставуваше завршен настан на процес за предлагање на мерки за подобрување на перформансите во правосудството кој започна со првото национално мерење на перформансите во правосудството.

Настанот го отвори Никола Јовановски, програмски менаџер кој истакна дека за секоја од забележаните проблематики ЦПИА веќе ја дава потребната поддршка и во иднина, како што е преку формирањето на координативно тело, предлагање на решенија за проблемите преку судската пракса на високите судови како и за почетокот на процесот на иницијативата Отворено судство. Заклучоците и препораките беа презентирани низ призмата на резултатите од Првиот национален извештај за мерење на перформансите во правосудството. Жарко Алексов, правен експерт од ЦПИА кој се осврна на аспектите на квалитет и ефикасност истакна дека недостатокот на доволен број на судски службеници е проблем кој мора да се реши час поскоро и следните чекори треба да бидат насочени кон судската администрација како двигател на судовите.  

Проф. др. Гордана Лажетиќ ги истакна најгорливите прашања кои беа дискутирани во четирите апелациони подрачја од страна на основните судови. Посебно внимание беше посветено на механизмот за одредување на ориентационата норма која влијае врз квалитетот на судиското одлучување и утврдувањето на сложеноста на предметите, начинот за оценување и унапредување на судиите како суштински аспект на независноста на судиите, функционирањето на АКМИС системот, континуираниот недостаток на технички и човечки ресурси како и прашањето за финансиската самостојност на судството. Беа дискутирани клучни законски одредби, улогата на Судскиот совет на РСМ во обезбедувањето на независност на судиите и начините за раководење со човечките ресурси.

Планот за подобрување кој ги опфаќа петте клучни области во судството содржи конкретни мерки и препораки како и временска рамка за спроведување и одговорен надлежен орган.

Претставникот од Министерството за правда, Никола Прокопенко ги презентираше идните заложби и цели на Стратегијата за реформи во правосудството (2017-2022) во насока на дополнување на планот за подобрување.

Настанот беше организиран во рамки на програмата „Подобрување на транспарентноста, ефикасноста и правната сигурност во Република Северна Македонија“, поддржан од Британската амбасада Скопје. 

Gorica Nadjinska
Share
This