По повод 28 јануари – Европскиот ден на заштита на личните податоци се одржа настан на темата „Заедно за заштита на личните податоци’’ во Europe House во Скопје. Настанот беше организиран од страна на Делегацијата на Европската Унија заедно со Фондација Метаморфозис, Агенцијата за заштита на лични податоци и Центарот за правни истражувања и анализи.
Настанот го отвори Имер Алиу, директор на Aгенцијата за заштита на личните податоци, тој во своето излагање го потенцираше значењето на заштитата на личните податоци и приватноста и напомена дека истите се едно од основните човекови права на чија што заштита мора да се работи. Директорот Алиу ги сподели и проблемите со кои се соочуваат при усогласувањето на секторската легислатива со Законот за заштита на личните податоци како последица од неприменувањето на одредбите од Деловниот за работа на влада на РСМ. Тој истакна дека Агенцијата ќе се труди да го зајакне својот независен и самостоен статус, особено во областа на управувањето со човечки ресурси и во обезбедувањето на независни буџетски средства, бидејќи сето тоа е неопходно за да може да се имплементира законската регулатива за заштита на личните податоци. На самиот крај на излагањето Алиу ја најави новата десетгодишна стратегија за заштита на личните податоци, во чија што подготовка ќе учествува и ЕУ.
Свое излагање имаше и Штефен Худолин, шеф на секторот за соработка при Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија. Тој укажа на значењето на Агенцијата за заштита на лични податоци и дека токму таа е факторот кој може да придонесе за целосно и правилно имплементирање на Законот за заштита на лични податоци. Според него, агенцијата мора да ги добие потребните ресурси за работа и исто така, таа не смее да не биде вклучена во консултациите и преговорите во однос на заштитата на личните податоци.
Во своето обраќање програмската директорка на Фондација Метаморфозис, Данче Даниловска Бајдевска го потенцираше значењето на соодветната примена на законите, вклучително и Законот за заштита на личните податоци и придобивките кои би произлегле. Таа потенцира дека не треба да се плашиме од дигиталните технологии, не треба да создадеме отпор кон дигитализацијата, напротив треба да ги користиме, но истовремено да бидеме ангажирани, да учиме едни од други како безбедно да ги користиме во наша полза.
Претставници од Центарот за правни истражувања и анализи го претставија новиот проект “Ефикасна правда за заштита на основните слободи и правото на приватност во онлајн просторот” кој ќе го имплементираат во соработка со Македонско здружение на млади правници. Проектот е финансиски поддржан од ЕУ и ќе започне со имплементација во февруари 2023 година. Според изјавата на Лидија Стојкова – Зафировска, “Судската заштита на правото на заштита на личните податоци и приватноста е од суштинска важност за целосно остварување на ова право, согласно меѓународните и европските правила и стандарди. Центарот за правни истражувања и анализи и Македонското здружение на млади правници ќе работат со правосудството обезбедувајќи експертиза и приближување на праксата на ЕСЧП во областа на заштита на личните податоци во дигиталниот простор. Ова е нова и динамична област и граѓаните треба да се сигурни дека институциите одговорно ќе ги заштитуваат нивните права, што неминовно ќе резултира со зголемена доверба во системот.” Во рамки на проектот ќе се испорачаат обуки за заштита на лични податоци и заштита на фундаменталните права во дигиталниот свет за судии и јавни обвинители, ќе се утврдат празнините во правната рамка со фокус на правосудството и неговите капацитети да овозможи ефикасна правда за заштита на овие права, ќе се зајакне дијалогот меѓу клучните институции и преку кампања ќе се едуцираат граѓаните за правните инструменти кои им стојат на располагање за заштита на правото на приватност во онлајн просторот.
Свое излагање имаше и Емес Савоиа – Келети, службеник за заштита на податоци во Европска служба за надворешно дејствување која го претстави и објасни Законот за заштита на лични податоци на ЕУ и потенцираше дека Северна Македонија е една од првите кои ја потпишаа и ратификуваа Конвенцијата на Советот на Европа која се однесува на заштитата на личните податоци. Таа истакна дека сеуште постојат предизвици бидејќи поединците сакаат да имаат заштитени податоци и приватност , а бизнисите, пак, препознаваат дека заштитата на личните податоци им придава конкурентска вредност.
Слободанка Славковска од Агенција за заштита на лични податоци ја претстави новата интернет-страница изработена со поддршка на Европската Унија, презентирајќи ги можностите и функциите што ќе бидат достапни на страницата.
Весна Радиновска од Фондација Метаморфозис го претстави проектот „Техничка и интегрирана заштита на личните податоци – градење инклузивен дигитален екосистем“. Таа додаде дека организацијата секојдневно е во контакт со контролорите, кои информираат за тоа колку тешко оди имплементирањето на законот, најмногу поради недостатокот на ресурси, но и инфлацијата, енергетската криза и ковид-пандемијата.