Повик до граѓанскиот сектор за пријавување член во Совет за ПОВ

Партнерство за отворена власт (ПОВ)[1] претставува доброволна меѓународна иницијатива која цели кон креирање и спроведување конкретни заложби од страна на владите кон нивните граѓани, за да промовираат транспарентност, да го поттикнат граѓанското учество, борбата против корупцијата и искористувањето на новите технологии со цел да се зајакне доброто владеење/управување.

Граѓанскиот сектор акумулира огромна креативна енергија која треба да се користи п(р)оактивно во јавниот сектор преку подобрување и негување на културата на вклученост и почитување на правата на сите граѓани во процесот на креирање политики и носење одлуки, закони и пристап до информации.

Мрежата на граѓански организации за Партнерство за отворена власт (во натамошниот текст Мрежа за ПОВ) се залага за воспоставување нова структура за координација на процесот на ПОВ во Северна Македонија соодветно на меѓународното искуство, со цел подобрување на комуникацијата на сите вклучени страни и зајакнување на мониторингот и евалуацијата на активностите. Мрежата за ПОВ учествува и придонесува за воспоставување структура за координација и мониторинг на развојот и спроведувањето на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023 година (во натамошнит текст: НАП за ПОВ 2021-2023 година).

Оттука, врз основа на член 55 став (1) од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ број 58/00, 44/02, 82/08, 167/10, 51/11 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 6/19 и 110/19), а во врска со Насоките за управување и учество во иницијативата за Партнерство за отворена власт и Стандардите за ко-креирање и дизајнирање на форум со повеќе засегнати страни, Министерот за информатичко општество и администрација донесе Упатство за начинот на формирање и работа на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт број 16-4844/1, 20.12.2021 година врз чија основа Мрежата на граѓански организации за Партнерство за отворена власт објавува:

за изразување на интерес за членување на 1 (еден) претставник од заинтересирани граѓански организации во Советот за координација и следење на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023 година

Отворениот повик треба да овозможи пријавување на 1 (еден)[2] претставник од заинтересирани граѓански организации кои ги споделуваат вредностите на Партнерството за отворена власт и се залагаат за поголема партиципативност, отвореност и отчетност на властите и ги применуваат тие принципи во своето работење, за нивно учество во Советот за координација и следење на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023 година (во натамошнит текст: Советот за ПОВ) при процесот на спроведување и следење на НАП за ПОВ 2021-2023 година. Имено, Советот за ПОВ 2021-2023 е конституиран на 11 март 2022г., но поради испразнето место за член на Советот се распишува овој отворен повик.

Советот за ПОВ 2021-2023 година е советодавно тело за координација и следење на развојот и спроведувањето на акциските планови. Членувањето во Советот за ПОВ е доброволно и без надомест. Советот за ПОВ има клучна советодавна и одлучувачка улога во сите фази на процесот на ПОВ, низ циклусот на планирање, во развојот на НАП и во спроведувањето, следењето и известувањето за НАП. Совет за ПОВ се формира за да се поттикне транспарентноста и отвореноста на работата на органите на државна управа, како и други институции на државната власт и да се поттикне учеството на граѓанското општество во спроведувањето и следењето на иницијативата ПОВ во Република Северна Македонија; да се обезбеди меѓусекторска соработка и да се воспостават јасни, структурирани и трајни механизми за постојан дијалог меѓу властите и граѓанското општество; да се зголеми учеството на граѓанското општество во процесите на ПОВ и во подготовката на акциските планови за ПОВ и за поддршка, поттикнување и следење на спроведувањето на тековниот акциски план.

Преку членство во Советот за ПОВ пријавениот учесник ќе може да обезбеди свој придонес при спроведување и следење на заложбите во состав на петте приоритетни области од НАП за ПОВ 2021-2023: Транспарентност, отчетност, проактивност и инклузивност; Спречување на корупција и промовирање на добро владеење; Испорака на јавни услуги, Пристап до правда и Животна средина и климатски промени и да влијаат во процесот за нивна навремена, непречена и успешна реализација, како и на заложбите во состав на Акциските планови на Отворено судство и Отворен парламент 2021-2023 година.

Со овој повик се покануваат сите заинтересирани граѓански организации формирани согласно Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 52/10, 135/11 и 55/16) да се пријават преку доставување на приложената пријава  и потребните документи* со кои се докажува исполнувањето на критериумите.

Рокот за поднесување на пријавите е 10 март (петок) 2023 година.

Пријавувањето за членство во Совет за координација и следење на НАП за ПОВ 2021-2023 година се врши по електронски пат, со доставување на пополнета пријава и потребните документи* на следната електронска адреса: danche@metamorphosis.org.mk

Отворениот повик се објавува на веб страницата www.ovp.gov.mk.

По разгледување на пријавите од страна на Мрежата за ПОВ, организациите кои изразиле интерес за членство во Советот за ПОВ ќе бидат информирани за процесот и избраниот член.

Ana
Share
This