На ден 16.09.2021 година во рамките на проектот ,,Заедничка заложба за подобри достигнувања во судството‘‘, проект финансиран од страна на Европската Унија и ко-финансиран од страна на Британската амбасада во Скопје, се одржа седмата и воедно последна средба.
Советодавната работна група во текот на траењето на проектот за своја цел го имаше следењето на промените на законите од правната рамка согласно Стратегијата за реформите во правосудството 2017-2022 година.
На оваа дискусија, учествуваа претставници од Здружението на судии на РСМ, Здружение на судската администрација на РСМ, Центар за правни истражувања и анализи, Институтот за човекови права, Коалиција сите за правично судење, Институт за европска политика, Македонско здружение на млади правници, Центар за управување со промени и Здружение за кривично право и криминологија.
На настанот беше опфатен кус преглед на постигнатите резултати во текот на овој проект ( февруари 2019- септември 2021). Имено, за времетраењето на проектот беа одржани повеќе средби, а исто така беа подготвени повеќе документи. После отворањето на настанот кој беше проследен со огромна посветеност, беше формирана Советодавна работна група, беа одржани средби на советодавната работна група за следење на промените во законодавствот и нивното влијание врз судството. За оваа цел беше подготвена Методологија за следење на промените во законодавството и нивното влијание врз судството.
Како составен и клучен дел од овој проект беа работилниците одржани со судиите и судската администрација. Овие средби беа одржани во 5 наврати, имено за секое апелациско подрачје поединечно, а поради големината на скопското апелационо подрачје беа одржани две средби.
Паралелно со овие средби, беше направено и истражување за судската администрација – перцепција, предизвици и потреби, исто така беше подготвен документот ,,Заеднички Протокол за унифицирана имплементација и ефикасност во секторот Правда‘‘, беше подготвен документ за политики со препорака ориентирана кон акција за транспарентно, одговорно и ефективно судство.
Во рамките на овој проект се подготвени и три видеа кои се однесуваат на работата на судската администрација во судовите на Република Северна Македонија, а кои може да им помогнат на граѓаните да добијат појасна слика за работењето на судовите.
Поради интересот на засегнатите страни, донаторот одобри продолжување на проектот во времетраење од три месеци, а за овој период беше предвидена подготовка на документ за постапување на судството во услови на вонредна состојба – менаџирање со човечки ресурси и време, како и одржување на онлајн академија за судиите и судската администрација.
Проектот во свој фокус ги имаше работењето на судската администрација во судовите, а преку предвидените активности вклучените страни се залагаа за промоција на неопходноста за висок степен на функционалност на судската служба.
Носители на проектот ,,Заедничка заложба за подобри достигнувања во судството‘‘ се Институтот за човекови права (ИЧП) и Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА) заедно партнерите Здружение на судии на РСМ и Здружение на судска администрација на РСМ.
Овој проект е финансиран од страна на Европската Унија и ко-финансиран од Британската амбасада во Скопје.