Кога чуварите на правото ќе потфрлат, граѓаните го носат товарот

Став на Блупринт групата на граѓански организации за реформи во правосудството во врска со укинувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација

По скоро четири месеци од разгледувањето на иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Законот за спречување и заштита од дискриминација, Уставниот суд на својата 14та седница одржана на 14.5.2020г. одлучуваше по предметот, при што донесе одлука за укинување на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Одлуката со најавеното издвоено мислење на Претседателот на Уставниот суд, судија Сали Мурати, беше јавно објавена на веб страната на Уставниот суд на 27.5.2020г. По анализата на донесената одлука на Уставниот суд и издвоеното мислење уште еднаш би сакале да го изнесеме ставот на Блупринт групата на граѓански организации за реформи во правосудството во врска со оваа правна проблематика, а кој став е во насока на издвоеното мислење на Претседателот на Уставниот суд.

Комисијата за заштита од дискриминација, во моментот на поднесување на иницијативата нема правен субјективитет, а со тоа ни право да поднесува иницијативи до Уставниот суд

Според мислењето на Блупринт групата на граѓански организации за реформи во правосудството, Уставниот суд направил пропуст бидејќи не направил проверка на процесните претпоставки потребни за водење на постапката и поради тоа дозволил како подносител на иницијативата да се јави Комисијата за заштита од дискриминација. Во принцип, не е спорно дека Комисијата може да поднесе иницијатива. Меѓутоа имајќи предвид дека станува збор за колективен орган, Уставниот суд бил должен да утврди дали Комисијата имала легитимитет да поднесе иницијатива односно дали Комисијата имала донесено одлука да поднесе иницијатива до Уставниот суд. Вториот пропуст на Уставниот суд е дека не утврдил дека не постои процесната претпоставка за правен субјективитет на подносителот на иницијативата односно дали во време на целата постапка подносителот имал правен субјективитет односно дали постоел во правниот сообраќај, што е основна процесна претпоставка за водење на постапка пред било кој суд или државен орган. Имено, Законот за спречување и заштита од дискриминација (Службен весник на РСМ, бр. 101 од 22.5.2019 година) во членот 48 од Преодните и завршните одредби предвидува дека “(1) Со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува мандатот на членовите на Комисијата за заштита од дискриминација, а продолжуваат со работа до изборот на нови членови, но не подолго од три месеци.” Оттука имајќи предвид дека со Законот за спречување и заштита од дискриминација (Службен весник на РСМ, бр. 101 од 22.5.2019 година) се предвидува нова комисија со различен мандат а не постојат одредби за тоа дека Комисијата која е формирана со Законот за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2010) продолжува да работи и согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација (Службен весник на РСМ, бр. 101 од 22.5.2019 година), се смета дека со Законот од 2019 година се формира нова комисија со различен мандат и надлежности од претходната. Ова значи дека Комисијата која била подносител на инцијативата престанала да работи односно да постои по истекот на 3 месеци по денот на влегувањето во сила на Законот за спречување и заштита од дискриминација (Службен весник на РСМ, бр. 101 од 22.5.2019 година) односно на 21.08.2019 година и со тоа не е исполнета процесната претпоставка за постоење на правен субјективитет на подносителот на иницијативата, со што се исполнети условите за запирање на постапката пред Уставниот суд предвидени во членот 47, согласно кој Уставниот суд ќе ја запре постапката: – ако во текот на постапката престанат процесните претпоставки за нејзино натамошно водење.

Собранието применило правилно мнозинство во донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација, Уставниот суд несоодветно ги толкува уставните одредби

Дополнително, нашето мислење останува дека согласно член 75, Уставот не пропишува механизам за забрана односно пречка за претседателот за потпише указ. Членот 75 од Уставот не го уредува прашањето за потребното мнозинство за донесување на некој закон, туку прашањето за прогласување односно промулгација на законите. Се согласуваме со нагласеното во издвоеното мислење каде што се вели дека треба да се има предвид дека во одредбата се користи изразот „усвои“, наместо изразот „донесе“ којшто Уставот го користи за мнозинствата потребни за донесување на законите, што е суштинска разлика.

Уставот не предвидува посебно мнозинство за донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација

Потребното мнозинство за донесување на законите е утврдено со Уставот на РСМ, односно со резидуалната норма од Амандман X на Уставот и на одделните членови од Уставот во кои се пропишува некое посебно мнозинство било да е тоа просто или релативно мнозинство, апсолутно или квалификувано мнозинство или двојно или т.н. Бадентерово мнозинство. Така, Уставот, предвидува посебни мнозинства за одредени закони, но во однос на предметниот закон, Уставот не предвидува посебно мнозинство за и доколку Собранието го усвоило Законот со потребното мнозинство, во случајот, мнозинство гласови од присутните пратеници, и претседателот сакал да го потпише указот, сметаме дека тоа е во согласност со Уставот.

Кога законот при повторно разгледување е усвоен со просто мнозинство, Претседателот може да го потпише указот

Ставот 3 на член 75 од Уставот, во таа смисла, не пропишува дека некој закон што се донесува со просто мнозинство, мора да се усвои со апсолутно мнозинство кога се усвојува по втор пат откако претседателот на Републиката претходно одбил да го потпише указот, туку само ја потенцира должноста и обврската претседателот да го потпише указот за прогласување на законот кој при повторното разгледување е усвоен со апсолутно мнозинство. Во таа насока сметаме дека апсолутното мнозинство во овој член е предвидено исклучиво во насока на должност на претседателот и како механизам за обврзување за потпишување на указ на определен закон кој бил донесен со пропишаното мнозинство, а кој претседателот не сака да го потпише. Уставниот суд во одлуката оценил дека од причина што овој закон бил повторно ставен на гласање по отакако претходно Претседателот на Републиката одбива да го потпише указот за прогласување на законот, законот добива поголем легитимитет и истиот треба да се донесе со апсолутно мнозинство гласови.1 Во Одлуката на Уставниот суд е наведено дека од причина што овој закон бил повторно ставен на гласање по претходно даденото вето од претседателот на Републиката, Судот оцени дека во тој случај законот добива поголем легитимитет и истиот треба да се донесе со апсолутно мнозинство гласови како што предвидува член 75 став 3 од Уставот, норма која што според оценката на Судот е императивна правна норма.

Прашањето на легитимитет на законите преку дефинирање на различни мнозинства за нивно донесување е материја утврдена со Уставот, а не дискреција на Уставниот суд

По однос на прашањето на легитимитетот кој што е третиран од страна на Уставниот суд во Одлуката, легитимитетот на законите е материја која е регулирана од страна на Уставот преку дефинирањето на различни потребни мнозинства за донесување на законите, како што посочивме погоре во текстов, што не остава простор истиот да биде одреден од страна на Уставниот суд.

Остануваме на ставот дека не може да се негира уставното право на Собранието да донесува закони со мнозинство од вкупниот број на присутни пратеници а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство. Не можеме ниту на претседателот да му го ускратиме дискреционото правото да одлучува за потпишување на указот. На Собранието останува дали ќе обезбеди апсолутно мнозинство при враќање на законот за да потпишувањето стане обврска, односно должност на претседателот.

Овој преседан на Уставниот суд креира механизам за опструкции во донесувањето на законите од страна на Претседателот на државата

Мора да напоменеме и дека според се’ гореискажано, Блупринт групата за реформи во правосудството не се согласува со искажувањата на Претседателот на државава дека направен е превид во процедурата, од причини што се детално елаборирани во овој документ. Со оваа одлука се направија поместувања во различните уставно пропишани мнозинства и истата може да преставува опасен механизам за опструкции од страна на Претседателот на Републиката и можност за изменување на уставно пропишаните потребни мнозинства за донесување на законите.

Во време на вонредна состојба, немаме Законот за спречување и заштита од дискриминација кој ги штити граѓаните

Со оглед на тоа дека како што вели Уставот како највисок правен акт во земјава, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни, останува само да се ублажат последиците од оваа одлука.
Одлуката за укинување на овој Закон од страна на Уставниот суд беше донесена во специфични услови на прогласена вонредна состојба поради глобалната пандемија од коронавирусот, техничка Влада и распуштено Собрание. Како резултат на оваа состојба за донесување на нов закон за заштита и спречување од дискриминација, по спроведувањето на најавените парламентарни избори, ќе одлучува новиот состав на Собранието, што остава временски простор и празнина од укинувањето на стариот закон и носење на новиот закон. Тоа што овој закон беше укинат значи дека законот легитимно бил дел од правниот промет на земјата, и стапиле на сила неговите преодни одредби во кои е пропишано дека со денот на влегувањето во сила на овој закон, престанува да важи претходниот Закон за спречување и заштита од дискриминација.

Во моментов, потребна е директна примена на Европската конвенција за човекови права и судската пракса на Европскиот суд за човекови права

Во ваква една состојба, потребна е директна примена на Европската конвенција за човекови права и судската пракса на Европскиот суд за човекови права, како и другите ратификувани меѓународни документи кои се дел од правниот поредок на нашата земја.

Дополнително, имајќи предвид дека забраната на дискриминација е уставна категорија за чија заштита е надлежен Уставниот суд, ваквата состојба ја нагласува важноста на Уставниот суд во престојниот период да постапува и да ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Новиот собраниски состав им должи на граѓаните веднаш по неговото конституирање, да го усвои Законот за спречување и заштита од дискриминација

Би сакале уште еднаш да ја потенцираме суштинската важност веднаш по спроведувањето на најавените парламентарни избори и изборот на новиот парламентарен состав, Законот за спречување и заштита од дискриминација да се најде меѓу првите точки на дневниот ред на Собранието. Потребно е да се усвои Законот, а веднаш потоа и да се спроведе постапката за избор на нови комисионери во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, со цел граѓаните конечно да добијат подобра, постручна и поефикасна заштита на нивните основни права и слободи.

Gorica Nadjinska
Share
This