Меморандум за соработка помеѓу Министерство за правда и Британска амбасада

На 13 јули 2015 година, во ЕУ Инфо Центарот во Скопје, Министерот за правда на Република Македонија Аднан Јашари и британскиот амбасадор Чарлс Гарет потпишаа Меморандум за соработка со цел унапредување на правниот систем во Р. Македонија.

Дел од Меморандумот се два проекти за судскиот систем во Македонија кои ги спроведува Центарот за правни истражувања и анализи а се поддржани од Британската амбасада Скопје; „Развивање на индикатори за мониторинг на перформансите на правосудството“ и „Поддршка за воспоставување на унифицирана судска пракса во македонскиот правен систем“.

Целта на првиот проект е развивање на релевантна и сеопфатна матрица на индикатори за следење на напредокот на судските реформи во Република Македонија. Со вториот проект ќе се овозможи креирање на поволни услови за поддршка на воспоставување унифицирана судска пракса и ќе се зајакне улогата на судската пракса во македонскиот правен систем со стандардите на ЕУ.

Во рамките на овие два проекти ќе постои инклузија на повеќе засегнати страни и субјекти во правосудниот систем, со цел преку соработка да се изнајдат поквалитетни решенија за ефикасна правда и ефикасно правосудство. Имено, како страни засегнати во реализацијата на проектот се посочуваат Врховниот суд, претседателите на судовите, Судскиот совет, Советот на јавни обвинители, судската администрација, адвокати, нотари, извршители, јавни обвинители и Академијата за судии и јавни обвинители.

Претседателката на Центарот за правни истражувања и анализи, Лидија Стојкова Зафировска, во рамките на своето излагање истакна дека целта на проектите е да се постигне сеопфатна анализа на судската пракса, нејзина хармонизација и унифицираност и јакнење на капацитетите на судството. Исто така, таа додаде дека ќе се направи и компаративна студија за клучните принципи и препораки во процесот на судските реформи.

„Резултатите од овие проекти ќе овозможат да се оценува напредокот во областа на правосудството низ призмата на неколку фактори, од кои најважни се квалитетот, непристрасноста, интегритетот, независноста“, оцени министерот Јашари, кој го истакна и значењето на проектот за судската пракса, која, како што подвлече министерот, не е целосно унифицирана.

„Овие два проекти се многу важни зашто овозможуваат да се создаде еден систем кој ќе биде ставен во пракса и кој ќе може да работи еднакво за сите засегнати страни во овој широк сектор“ истакна британскиот амбасадор Гарет.

Gorica Nadjinska
Share
This