Центарот за правни истражувања и анализи промовираше пет документи за јавни политики кои произлегоа од главните заклучоци од Првиот национален извештај од Матрицата на индикатори за мерење на перформансите и реформите во правосудството.
Промоцијата се одржа во Скопје, на 6 октомври 2019 година, и на неа учествуваа судии и претставници од судската служба од основните судови од апелационото подрачје Скопје кои ги дискутираа препораките од документите за јавни политики за понатамошни судски реформи и предлагаа практични решенија за надминување на потешкотиите во вршењето на судската функција.
Настанот го отвори Никола Јовановски, програмски менаџер кој се осврна на резултатите од првото национално мерење на перформансите и реформите во правосудството како што е проблемот со објавување и пребарување со одлуките, следењето на судската пракса на Врховниот суд и Европскиот суд за човекови права и недостатокот на судии и судски службеници. Тој воедно ги информираше присутните дека за секоја од забележаните проблематики ЦПИА веќе спроведува активности и ќе ја даде потребната поддршка на судството и во иднина. ЦПИА е во процес на формирање на координативно тело за идентификување на проблеми со применливоста на законските одредби и предлагање решенија за проблемите преку судската пракса на високите судови, како и за почетокот на процесот за иницијативата за Отворено судство со континуирана поддршка на Британската амбасада Скопје.
Клучните препораки и предлози во документите ги презентираше професорката Гордана Лажетиќ која се осврна на проблемите и предлозите во делот на независноста и непристрасноста на судиите, квалитетот и ефектот на судската правда, транспарентноста и отчетноста во судството, ефикасноста и професионалниот развој на судиите.
Преку широка дискусија, судиите дебатираа за најважните проблеми со кои се соочуваат, како што е механизмот за одредување на ориентационата норма која влијае врз квалитетот на судиското одлучување и утврдувањето на сложеноста на предметите, начинот за оценување и унапредување на судиите како суштински аспект на независноста на судиите, функционирањето на АКМИС системот, но и континуираниот недостаток на технички и човечки ресурси како и прашањето за финансиската самостојност на судството. Беа дискутирани клучни законски одредби, улогата на Судскиот совет на РСМ во обезбедувањето на независност на судиите и раководењето со човечките ресурси.
Никола Прокопенко, државен советник во Министерството за правда истакна дека сите политики кои досега биле предвидени за судството не се направени врз основа на фактичка анализа, па затоа во овој период за повеќето од институциите се прават детални функционални анализи за да се утврдат вистинските капацитети и потребните политики во правосудството. Тој истакна дека во моментот се изработува Стратегија за човечки ресурси во судството и јавното обвинителство и дека таа треба да биде во фокус во наредниот период.
Најважните согледувања од овие документи и нивните препораките се наменети за креаторите на јавните политики во правосудството, членовите на Судскиот совет, судиите, судската служба, јавните обвинители, правната професија како и сите засегнати страни во правосудството и истите се усогласени со главните цели и мерки во Стратегијата за реформи во правосудството 2017-2022 на Министерството за правда. Во периодот кој следи ЦПИА ќе ги презентира документите пред секое апелационо подрачје и пред високите судови и ќе подготви план за подобрување и спроведување на политиките кој ќе биде споделен со Министерството за правда и Судскиот совет на Република Северна Македонија .
Подготовката на документите за јавни политики како и нивната промоција е со поддршка на Британската амбасада Скопје во рамки на програмата „Подобрување на транспарентноста, правната сигурност и ефикасноста на судството во Северна Македонија“ имплементирана од Центарот за правни истражувања и анализи.