Новинарска сторија: Депонија Русино- Патот до интегрирано собирање и управување со отпад во Полошкиот регион

Еколошката правда започнува во моментот кога ќе настане првото нарушување на природната рамнотежа.

Ова треба да биде основниот постулат кога се разгледува начинот на управување со загадувачките супстанци, како што е депонирањето на отпадот. Со минатото општествено уредување беа создадени 34 комунални депонии, а во 1996 година се создадоа уште 20 нови комунални депонии во земјава. Од тој периоднаваму беа уништени 320 локалции со илегалните или т.н. “диви депонии“, а граѓаните и натаму не се задоволни со начинот на кој се собира сметот и со тоа како надлежните институции се справуваат со решавањето на овој проблем. Ваквите еколошки опасности произлегуваат од бројни причини како што е недостатокот на соодветни локации за депонирањето на отпад, но и ниската свест на граѓаните да превенираат ситуации во кои можат да ја загрозат животната околина.

Полошкиот регион бележи лоша состојба поради слабата и неорганизираната инфраструктура на локалните власти, недоволните капацитети на јавното комунално претпријатие, но поради немањето на соодветни објекти за собирање на отпадот и инфраструктура. Приказната за формирањето на првиот регионален систем за управување со отпад во Полошкиот регион ги помина сите инстанци кои им беа на располагање за граѓаните и надлежните институции за да се преземат неопходните активности со контрола и управување на одлагањето на отпадот во Русино. 

ЛокацијаДепонијата Русино е формирана на локацијата на некогашна фабрика за циглана, на локација над Бањичко поле каде поминува Сушичка река пред да се влее во Вардар. Според тогашните власти, местото било избрано како најсоодветнопорадисоставотназемјатаодносноприродатанаглината којаенепропустливаипорадитоанедозволувадасеапсорбираат загадените материи. На депонијата се одложува отпад од девет општини од Полошкиот регион во количина приближно од 120.000-140.000 тони годишно[1], кој често се пали без да се спроведе соодветен надзор врз работењето на депонијата. Бројнистудии, меѓукоинаШвајцарскатаАмбасада презентираат сценарија во кои се нагласува дека со доизградба и уредување натеренот (тампонирањена специјалнисупстанцивоглината, системи на третман на атмосферски води, канали и пумпи), локацијатаможеда се преработи во еколошка средина со стандарди за современа регионална депонија. За таа цел надлежните власти преку меѓународна поддршка[2] обезбедиле средства за подготовка на Регионален план за управување со отпадот и Стратегиска оцена на влијанието врз животната средина и на местото на постоечката нестандардна депонија да се изгради централен објект за управување со отпадот- регионална депонија за комунален отпад во Русино. Надлежните власти имаат подготвено нацрт-план за регионално управување со отпад во кој е утврден начинот на 

општинското управување со цврст отпад во Полошкиот регион, а предвидена е и временската рамка во која мерките треба да бидат спроведени. 

Граѓански иницијативи за еколошка свест

Неконтролираното носење на отпад од деветте општини, без да се утврдат стандарди за санација на отпадот и депонијата ги поттикна граѓаните и властите да преземат иницијативи и активности за заштита на околината. Според граѓаните, опасноста била постојана поради непријатните мириси, честите пожари и чадот од депонијата Русино што поради природното движење на воздухот се ширел и во околината и градот, па така загадувањето влијаело  на жителите, животната средина и водите кои припаѓаат во вардарското сливно подрачје.

Еден од примерите е фармерот Реџаит Мемеди, кој што над една деценија има фарма во Горна Бањица и укажува дека неконтролираното депонирање на отпад има штети врз животната средина, луѓето и животните. Тој самиот имал штета која немал начин како да ја надокнади, а се работело за значителен дел од неговиот добиток кој угинал поради загадување од поток во кој се слевала вода која проаѓала во близина на депонијата. Граѓаните сведочат дека во минатото на таа почва се одгледувале разни земјоделски култури поради плодноста на земјата и незагаденоста на водите, кои доколку се одгледуваат во сегашните услови можат да бидат штетни по здравјето на луѓето. Покрај санацијата на депонијата Русино, тие апелираат и да се испита степенот на загаденост на подземните води и почвата во околината.  

Поради неконтролираното депонирање на отпад, група на граѓани ја формираше иницијативата „Стоп Русино“ и покрена активистичко движење кое беше изразено во блокирање на влезот на депонијата за сите, освен за камионите на јавните комунални претпријатија кои го одложуваат сметот од домаќинствата. Граѓанските иницијативи бараа од властите да се санира депонијата и да се воспостави нова на локација по планирани стандарди. Активистичкиот карактер на движењето беше забележан во медиумите поради блокадите на влезот на депонијата и пропуштање само на комуналните претпријатија кое како акција траеше повеќе од три месеци. За потребата да се контролира користењето на депонијата, иницијативата секојдневно ги информираше граѓаните со слики и видеа за состојбите на депонијата и ги предупредуваше граѓаните кога постои зголемена загаденост. Како граѓанска иницијатива, истата се забележува како успешна бидејќи ги поттикна надлежните институции да реагираат на овие активности, беа остварени меѓусебни средби и официјални состаноци и надлежните институции почнаа да дејствуваат.

Соработка на централните и локалните власти

Недостатокот на утврдени стандарди за работа и немањето на механизми за управување со отпадот предизвика институциите да ја префрлат надлежноста за изнаоѓање на решенија за депонијата Русино. Од една страна, Општината Гостивар преку ЈКП Комуналец од Гостивар преку наплатата на отпадот кој се одлага на депонијата Русино е должна да ја одржува локацијата со минимални технички услови за заштита на животната средина, сречување на влез на неформални лица, обезбедување од пожари и слично. Одговорите од општината беа дека им е одземена надлежноста поради донесување на Одлука за воспоставување регионален систем за управување со отпадот, односно регионална депонија и придружна инфраструктура која се уште не е воспоставена на локацијата Русино.

Во знак на соработка помеѓулокалнитевласти, во почетокот на 2018 година беше потпишан Меморандум за соработка помеѓуградоначалницитенадеветопштини во Полог, според којДепонијатаРусиноќе биде уредена со соодветни процедури и стандарди за да прерасне во Регионална депонијакојанемадаимапоследиципоздравјетоналуѓетоинемадајазагадува околината. Имајќи ги предвид досегашните заложби и активното вклучување на граѓаните и институциите, но и вложениот капитал за санација на депонијата и нејзино прераснување во инженерски дизајнирана комунална депонија постои потенцијал „Русино“ да претставува транзиционо решение кое ќе не доведе до фаза во Полошкиот регион да се воспостави депонија која ќе ги исполнува сите стандарди и препораки за заштита на животната средина на Европската Унија.

Формирањето на Регионалниот центар за управување со отпад во Полошкиот регион е планиран да се спроведе во неколку фази, при што првата требаше да се заврши во 2020 година со изградба на насипи и ровови за да се решат најсериозните влијанија на депонијата Русино врз животна средина. Втората фаза од доизградбата требаше да започне годинава (во 2021 година ) до 2026 година и предвидува набавка на контејнери за селектирање и рециклирање на отпадот. Тоа што беше значајно за овој потфат на властите е што ги искористи законските прописи да покрене заедничка иницијатива преку формирањето на регионално јавно претпријатие кое ќе работи по стандарди и ќе управува со депонијата во Полошкиот регион.

Градоначалниците на деветте општини во Полошкиот регион потпишаа Договор за основање на претпријатие кое ќе управува со отпадот во регионот. Со договорот беше утврдено дека општините ќе го одлагаат отпадот во Русино во наредните пет години, но со обврска да вршат надзор над камионите кои ќе го одлагаат отпадот. Со договорот беше покренато и прашањето за дислоцирање на новата регионална депонија за полошкиот регион која ќе исполнува еколошки услови и стандарди (се разгледувале локации во општина Боговиње)[3].

Постојна ситуација на локацијата на депонијата Русино[4]

Административните постапки го одолговлекоа формирањето на заедничкото јавно претпријатие на деветте општини за собирање и депонирање на комуналниот смет. Во текот на 2020 година како реакција на неконтролираните пожари во депонијата Русино и се алармираше преку социјалните мрежи, а мерните станици регистрираа надминувања над дозволените вредности на загаденост во воздухот.

Како одговор на потребите за санирање на последиците по животната средина од Русино, во декември 2020 година, Министерството за животна средина и просторно планирање  издаде наредба за итни мери за санирање на отпадот кој се одлага во Русино. Преку средства обезбедени од проект[5] за формирање регионален систем за управување со отпад меѓу предвидените мерки спаѓаат изградба на систем за третман на исцедокот , административна куќарка за вработените, вага за мерење на возилата, набавка на контејнери и изработка на рекламни спотови за подигање на јавната свест кај граѓаните.[6]

Санацијата на депонијата Русино е планирана да започне од март 2021, а надзорот врз интервентните мерки за контрола врз отстранувањето на отпадот да го врши Државниот инспекторат за животна средина. Во санацијата на депонијата Русино покрај ДИЖС, учествуваат и Центарот за развој на Полошкиот плански регион, Општина Гостивар, Јавното комунално Претпријатие Гостивар и Регионалното претпријатие за управување со отпад кое е формирано од сите општини во Полошкиот регион.

Претставничка на граѓанската иницијатива „Стоп Русино“, Анастасија Дуковска[7] вели дека иницијативата е во мирување поради постигнатиот договор и преостанува на надлежните институции да ја препознаат итноста во преземањето на неопходните мерки за санација на депонијата Русино. Граѓанската иницијатива има воспоставено комуникација со Министерството за животна средина и просторно планирање и истакнува дека првичните мерки за санација ќе започнат во март 2021 додека МЖСПП бара средства за наредните фази. Иако граѓанската иницијатива е се уште на ставот дека депонијата Русино мора да се дислоцира тие ги очекуваат наредните чекори и резултати од активностите на надлежните институции.

Заклучок

Наоѓањето на соодветно решение за отстранување на комуналниот отпад трае со децении и можеби треба да почнеме да гледаме и надвор од нашите граници. Моменталните придобивки од селектирањето на отпадот се минимални за поединецот и нашето општеството, а економските прашања за управување со отпадот се уште се непознати. За споредба, во европските држави, како што е пример Австрија се воспоставени системи за рециклажа на селектираниот отпад (пластика, стакло, метал, хартија, органски отпадоци) и постојано се размислува за нови еколошки методи како што се пример аксцелеторите. Ваквите алтернативни начини кои го претвораат отпадот во придобивка имаат приходи и значително го намалуваат загадувањето на околината. 

Словенија бележи најдобра и најуспешна практика во промената кога станува збор за управувањето со отпад. Mинатата година Љубљана стана првиот главен град со нула отпад. Таму постојат повеќе облици на селектирање и на рециклирање. Пред 15 години и тие биле во иста ситуација како ние сега во Полошкиот регион, кога сиот отпад се оставал на депонија, но тоа сега е целосно променето. Во 2002 година било стартувано со посебно собирање хартија, стакло и амбалажа, а четири години подоцна, градот почнува да собира биоразградлив отпад – од врата до врата. Во 2013 година, секое домаќинство, пак, добило канти за амбалажа и за хартија. Практиките кон кои можеме да се стремиме можеме да ги најдеме во скандинавските земји, како што е примерот на Шведска која се соочува со парадоксален предизвик да мора да увезува отпад од други земји за да продолжи со програмата за рециклирање на отпадот кој претставува основен извор за производство на енергија и топлина за домаќинствата.

Развојот на најмодерната фабрика за третман на биолошкиот отпад во Европа бил најголемиот  чекор во остварувањето на целта – до 2025 година да се рециклира најмалку 75 проценти од отпадот. Регионалниот центар за управување отпад бил отворен во 2015 година. Таму се користи  гас за производство на сопствена топлина и електрична енергија. Центарот обработува 95 проценти од отпадот во материјали што може да се рециклираат и во цврсто гориво и праќа помалку од пет проценти отпад на депонијата. Отпадот го претвора  во висококвалитетно ѓубриво за градини. Според информација добиена од нивните платформи на интернет, овој центар обработува 170 илјади тони отпад годишно од кои 150 илјади тони е измешан комунален отпад и преку 20 илјади тони посебно собран биоотпад. Опслужува 700 илјади жители, или 43 општини во Словенија што претставува една третина од државата.

Фабриката за рециклирање на термички отпад Звентендорф во Австрија[8]  е во целосна работа од 2004 година и денес има вкупен капацитет од 500.000 тони годишно. Ова го прави најголем ваков објект во Австрија и еден од најголемите и најсовремените објекти за собирање, управување и рециклирање на отпад во Европа. Фабриката рециклира термички отпад, индустриски и отпад од домаќинства и притоа енергијата која ја произведува заштедува околу 100 000 тони јаглен и 1 милион кубни метри природен гас годишно.

Промените се потребни итно пред се поради здравјето на секој граѓанин и треба да се размислува на нивна практичност во однос на реализација и стандардизацијата. И не само во полошкиот туку и во останатите  региони.Отпадот е насекаде.Во светот  на него гледаат како на извор за финасии,а кај нас е суште груба слика,опасност од зарази,загадување,болест за сите.А за природата жива рана,која тешко се лечи.Покрај потребата од динамичен план потребна е координирана акција на локалните и централните власти за мапирање на потребите за заштита на животната средина, имајќи предвид дека со редовно известување за резултатите од надзорот ќе се постигне размена на информации и одржлива соработка со граѓаните.

Автор:

Сузана Трајковска


[1] Истражувачка сторија: проблемот наречен Русино: сметот се трупа и пали, решението сѐ уште на хартија; Достапно на: http://istrazifakti.org.mk/%D0%B8%D1%81%D1%82%D1%80%D0%B0%D0%B6%D1%83%D0%B2%D0%B0%D1%87%D0%BA%D0%B0-%D1%81%D1%82%D0%BE%D1%80%D0%B8%D1%98%D0%B0-%D0%BF%D1%80%D0%BE%D0%B1%D0%BB%D0%B5%D0%BC%D0%BE%D1%82-%D0%BD%D0%B0%D1%80%D0%B5/

[2] Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Швајцарскиот секретаријат за економски прашања (SECO) планира да инвестира над 8 милиони евра за изградба на овој објект.

[3] Национален план за управување со отпад на Република Македонија

2020-2030; https://www.moepp.gov.mk/wp-content/uploads/2020/08/NPUO-2020-2030-final-draft.pdf

[4] https://www.moepp.gov.mk/wp-content/uploads/2018/04/SWM-Polog-Izvestuvanje-za-namera-Rusino.pdf

[5] Проект за воспоставување на нов регионален самоодржлив систем за управување со отпад во Полошкиот регион, преку грант од Швајцарската Влада за Влада на РСМ од 1.900.000. 00 швајцарски франци

[6] Министерот Нуредини издаде наредба за итно спроведување на брзите мерки во Русино; https://vlada.mk/node/23429

[7] Изјава за новинарска сторија за проектот „Воспоставување на ефективна и ефикасна еколошка правда“

[8] Животна средина и енергија вода соларна централа Звентендорф на патот; https://mkn.koshachek.com/articles/zhivotna-sredina-energetska-voda-soncheva-centrala.html

Gorica Nadjinska
Share
This