Новинарска сторија: Како до ефикасна и ефективна еколошка правда? – чекор поблиску до патоказот за иднината

Освен моменталната здравствена криза, еколошката и климатската се кризи кои ја загрозуваат планетата и опстојувањето на човештвото и на целиот жив свет веќе долго време.

Општествено-економскиот поредок (капитализмот) зависен од бесконечен раст на ограничена планета ги турка планетарните граници надвор од сигурносните и одржливи лимити на глобално ниво. За жал, состојбата не е поинаква на национално ниво. Наместо јасно идентификување на системски поткрепените виновници за уништувањето на животната средина и повикување на истите на одговорност, справувањето со овие проблеми наидува на многубројни предизвици. Некои од нив се: организациската и стратешката поставеност на институциите кои се (или треба да бидат) надлежни да постапуваат по овие прашања, материјално-техничките и човечки ресурси во овие институции и пошироко, и недоследноста на закондавната рамка во сферата на животната средина.

Токму овие предизвици беа детално прегледани при изготвувањето на Анализата на празнини и недостатоци на институционалната и законодавната рамка за животната средина, и со тоа се увиде степенот на (не)ефективност и (не)ефикасност на внатрешните механизми за заштита на животната средина. Освен спроведување на гореспоменатата анализа, во рамките на проектот „Воспоставување ефикасна и ефективна еколошка правда“ на Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА) финансиран од Владата на Обединето Кралство со поддршка на Британската амбасада во Скопје, креирана е Платформа за еколошка правда која има за задача да анализира и предлага алтернативни процеси за зајакнување на надзорот и спроведување на законодавството за животна средина. Како природен следен чекор, проектот поддржи изготвување на Документ за јавни политики „Како до ефикасна и ефективна еколошка правда?“ кој има за цел да го кристализира патоказот за идни чекори за некои од институциите кои (треба да) функционираат во сферата на животната средина.

Презентиран документот за јавни политики „Како до ефикасна и ефективна еколошка правда?“

На почетокот на март годинава беше презентиран изготвениот документ за јавни политики од страна на ЦПИА и експертите (тим составен од 4 локални и 1 меѓународен експерт) кои учествуваа во неговото изготвување. Од ЦПИА изјавуваат:

„Се надеваме дека овој документ ќе допринесе на сите клучни чинители во заштитата на животната средина да креираат политики кои ќе бидат поефикасни и поефективни.“

Крајната цел на проектот е да се воведе модел на политика за ефикасен надзор и спроведување на еколошките политики и регулативи, зајакнувајќи ја имплементацијата на меѓународните еколошки стандарди, а овој документ за јавни политики придонесува со соодветни препораки за надминување на празнините и недостатоците воочени во претходно изготвената Анализа.

Структура на документот за јавни политики

Документот за јавни политики е изготвен и презентиран на лесно разбирлив начин за сите чинители во сферата на животната средина. Истиот е составен од три дела, и тоа:

  1. Сумарни согледувања и препораки за 5 вредносни категории: ефикасност, транспарентност, ажурност, квалитет и пристап до правда. Препораките во овој дел претставуваат еден вид на водилка во утврдување на идните чекори за чинителите во сферата, разгледувани низ призмата на гореспоменатите 5 вредносни категории.
  2. Семафор на функционална и формална усогласенот. Овој дел е карактеризиран со сликовит приказ на формалната и функционалната усогласеност во однос на 5-те вредносни категории, како и додадените две, заеднички за сите, категории: човечки ресурси и вршење надзор и извршување одлуки.
  3. Меѓународни практики од земјите членки на ЕУ и ‘списоци за проверка’ на добри практики во полето на управување со животната средина.

Сумирани препораки

Главните препораки од документот се провлекуваат во шест категории кои се сумирани на графикот подолу:

Извор: ЦПИА

1. Клучни согледувања и предлози во однос на 5-те вредносни категории

Погоре претставените препораки се базираат на широка анализа на согледувањата за функционалната и формалната усогласеност во однос на 5-те вредносни категории. Клучните согледувања, односно ‘болки’, и предлози, односно ‘лекови’, за секоја од категориите се сумирани во следната табела:

2. Семафор на функционална и формална усогласенот

Семафорот на функционална и формална усогласенот е визуелен приказ за тоа до кој степен е усогласеноста на законодавната рамка во сферата на животната средина, заштита на природата, водите, управувањето со отпад, и амбиентниот воздух. Семафорот е направен анализирајќи ги 5-те индикатори, а во анализата се додадени и дополнителни две области како заеднички именител за сите веќе анализирани 5 области на животната средина, и тоа: човечки ресурси и организациски менаџмент и вршење надзор и извршување одлуки. Од семафорот подолу се гледа дека генерално, процесите за усогласување односно транспонирање на законската рамка се некаде на средина, но дефинитивно најнизок перформанс за сите области се воочува при пристапот до правда.

„Оваа алатка треба да придонесе да се развие дискусија во општеството, да се редифинираат определени концепти со цел да се изработи тој патоказ за иднината […] Во однос на ЕУ преговорите, поглавјето за животна средина е едно од најобемните и ќе биде предизвик да се работи на него,” рече господинот Александар Гоџо за време на презентирањето на семафорот.

3. Меѓународни искуства и добри практики во полето на управувањето со животната средина

Поимот управување со животната средина се користи овде со цел да опише „како ние како луѓе го практикуваме нашето овластување над природните ресурси и природните системи“. Секој љубител на природата и поборник за еколошка правда би ја проблематизирал оваа дефиниција, особено аспектот на ‘човечката доминација над природата’, ставајќи акцент на тоа дека многу од денешните социо-еколошки неправди доаѓаат токму од ваквиот доминантен однос на луѓето кон Мајката Природа.

За потребите на пишување на документот за јавни политики, под управување за животната средина се мисли на тоа „кој е одговорен, како тие ја користат својата моќ и како одговараат за истото“.

Во овој дел анализираните аспекти на управување во земјите-членки на ЕУ беа направени на база на 5 индикатори: транспарентност, учество на јавноста, пристап до правда, обезбедување усогласеност и отчетност, ефективност и ефикасност. Она што е увидено дека се провлекува во секоја од земјите со добри практики е дека таму постојат институционални структури и законски рамки кои овозможуваат брз проток на информации и податоци за животна средина кои се достапни за јавноста, вклучително и ниски трошоци за барања на овие информации. Заклучоците од оваа анализа може да ги прочитате на табелата подолу:

Учество на јавноста – лекции за потенцијално имплементирање дома

Република Северна Македонија како мала држава има огромен потенцијал да биде пример држава која ја уважува еколошката правда, бидејќи процесот на донесување и имплементирање на праведни политики за луѓето и животната средина може да оди побрзо во споредба со поголеми држави.

За воспоставување на еколошка правда, потребно е донесувањето на одлуки и политики да бидат во рацете на групи и заедници (не на индивидуи) кои работат во интересот на луѓето и животната средина. Тоа, се разбира, звучи утопистички имајќи ја во предвид моменталната институционална и законодавна поставеност во неолиберален систем и нивната ранливост на корупција, па така начинот за добивање можност за достоинствен живот за сите во чиста и здрава еколошка средина можеби треба да ја бараме на друго место?

До тогаш, постојат неколку практики кои дале позитивни резултати во неколку држави низ Европскиот континент во однос на учество на јавноста во донесувањето на одлуки и политики во сферата на животната средина. Подолу опишаните ги гледаме на некој начин применети во нашиот близок сосед, Хрватска, што може да биде доста охрабрувачки за нас имајќи го во предвид блискиот историски контекст и културолошки сличности со Северна Македонија:

●  Креирање на соодветни начини за фокусирање на искуствата, знаењата и повратните информации од локалните и засегнати заедници за одредена одлука која (ќе) влијае на животите на тие луѓе и здравјето на екосистемите во кои истите егзистираат;

●  Целосно вклучување и фокусирање на претходно споменатите знаења и искуства од засегнатите заедници при креирање на одредено законодавство;

●  Воспоставување на јавни форуми и онлајн платформи за директно учество на јавноста по прашање за управување со одредени ресурси и креирање политики околу истото;

●  Развивање и објавување на јасни насоки и достапни платформи за учество на јавноста со цел да се фасилитира работата на надлежните органи и службеници;

●  Соодветно обучување на службениците кои би ги координирале процесите за учество на јавноста;

●  Пружење на материјална, финансиска и системска поддршка за придонес на граѓанското општество во процесите на креирање и донесување на одредено законодавство во сферата на животната средина.

Многу од овие предлози и препораки за движење кон воспоставување на еколошка правда се во срцето на праведната транзиција како и во принципите на енергетската демократија. За инспирација, можеме да се свртиме кон искуствата со енергетската задруга ЗЕЗ во локалната заедница во Крижевци, Хрватска, и континуирано да се потсетуваме дека еколошката правда се воведува при борба; борба за системи за праведно управување со ресурсите и борба за модели на директно учество во донесувањето на одлуки за животната средина и здравјето на луѓето и екосистемите.

За повеќе информации за проектот и Платформата на следниот линк:

Автор

Симона Гетова

Симона е докторант во областа на политичката екологија на катедрата за политички и социјални науки на Универзитетот Помпеу Фабра во Барселона. Таа е организатор за климатска и социјална правда и работи на пресеците на политичкото образование, управувањето и колективното делување за социјално-праведни и еколошко-здрави заедници на Балканот и пошироко. Симона е ко-основач на The Climate Herlad и на Kolektiv Z. Twitter: @SimonaGetova

Gorica Nadjinska
Share
This