Новинарска сторија: Признавање на екоцидот – поставување на законска должност за грижа за животот на Земјата

Независниот експертски панел за правната дефиниција на ‘екоцид’ го дефинира овој поим како „сурови и незаконски дејствија извршени со сознание дека постои значителна веројатност за сериозна, широко распространета или долгорочна штета на животната средина предизвикана од тие дела.“ Криминализирањето на екоцидот, односно неговото вклучување во правната рамка за животна средина и клима, придонесува кон борбата за климатска правда, велат од Stop Ecocide International. Поимот ‘екоцид’ е дел од меѓународниот правен вокабулар уште од 1970-тата година, но истиот сѐ уште не фигурира во Статутот од Рим, на база на кој е формиран и функционира Меѓународниот кривичен суд во Хаг. Па така, екоцидот сѐ уште не е кривично казнив на меѓународно ниво, иако неколку држави во светот веќе прават напори за да го вклучат како кривично дело во своите кривични законици, како таков или преку признавање на правата на природата.

Криминализацијата на екоцидот – што вистински значи тоа?

Во Мериам Вебстер речникот ‘екоцидот’ е дефиниран како „уништување на големи површини од животната средина како последица на човековата активност.“ Воведувањето на овој поим како кривично дело во Кривичен законик како на национално, така и на меѓународно ниво, е првиот значителен чекор кон обезбедување на механизам и процес за корпоративните и владините одлучувачки структури и индивидуи да носат одговорност за еколошките штети и злоупотреби на околината, екосистемите и заедниците, кои се резултат на нивните одлуки и дејствувања. Овие штети се однесуваат на: масовно уништување на шумите, загадување на почвата, површинските и подземните води, излевање на нафта, метан, и други фосилни гасови и горива, уништување на екосистемите, но не се ограничени само на овие.

Растечко движење за заштита на жените, небинарните лица и девојчињата сѐ погласно го осудува насилството против нив, односно ‘фемицидот’, и ги прави паралелите помеѓу феминицидот и екоцидот: „Фемицидот е директно поврзан со екоцидот … треба да има поголема свесност дека екстрактивните индустрии што влијаат на климата и ги уништуваат нашите територии, е испреплетено со насилство врз нашите жени и девојки,“ вели активистка Дели Никал од домородната територија Wet’suwet’en погодена од индустријата за фосилен гас.

Според истражувачот и писател Џорџ Монбиот, постапувањето со екоцидот како кривично дело би создало систем не само за кривична одговорност на извршните директори на корпорациите и владините врвови за штетата што ја нанесуваат на планетата и луѓето со нивните дејствија, но и „законска должност за грижа за животот на Земјата.“ Тој вели дека кривичното гонење на предизвикувачите на екоцид радикално би ја променило непропорцинолната моќ која големите корпорации (особено за фосилни горива) и владите (особено на глобалните сили) ја имаат акумулирано со моменталниот екстрактивен економски систем движен од акумулација на профит по секоја цена. Според Монбиот, криминализацијата на екоцидот би ги „принудила истите да се запрашаат: ‘Дали поради ова ќе завршам пред Меѓународниот кривичен суд?’, а тоа би ја направило разликата помеѓу планета погодна или непогодна за живот“ за сите нас.

Историјат

Терминот ‘екоцид’ за прв пат влегува во употреба поиницијатива на биологот Артур Галстон на Конференцијата за војна и национална одговорност во Вашингтон во 1970-тата година, каде тој предлага штетите нанесени на околината да бидат забранети со закон. Тој ја покренува оваа иницијатива заради увидените последици на животната средина од хербицидот употребуван од војската на САД во Виетнам. Две години подоцна, оваа иницијатива е поддржана на Стокхолмшката Конференција за човекова околина на Обединетите Нации (ОН), каде премиерот на Шведска, Олоф Палме, индиската премиерка и истакната лидерка на Движењето на неврзаните, Индира Ганди и лидерот на кинеската делегација, господинот Танг Ке, ги осудуваат дејствијата за време на Виетнамската војна нарекувајќи ги екоцид и воени злосторства против цивили. Овде тие повикуваат екоцидот да стане меѓународно кривично дело и како резултат на ова на конференцијата е формирана Работната група за кривични дела против околината која во 1973-тата година веќе ја поднесува нацрт Меѓународната Конвенција за екоцид како кривилно дело до ОН. Првото официјално дефинирање на ‘екоцид’ потекнува од трудот на професорот Ричард Фалк објавен од страна на Revue Belge de Droit International.

По долго мирување на употребата на поимот ‘екоцид’, тој се враќа на меѓународната правна сцена после 1990-тата година кога Виетнам станува првата земја која го вклучува како кривично дело во националното законодавство, наведувајќи дека „оние кои ќе извршат дела на геноцид или чин на екоцид или ќе ја уништат животната средина, ќе бидат казнети со затвор од десет до дваесет години, доживотен затвор или смртна казна“ во член 278 од Кривичниот законик. По ова, во 1991-ва година следува вклучувањето на член 26 во нацрт Кодексот за злосторства против мирот и безбедноста на човештвото на Меѓународната правна комисија кој го осудува „намерното оштетување на животната средина.“ Меѓутоа, по лобирањето на империјалистичките сили како Холандија, Франција и Велика Британија, во 1996-тата година Меѓународната правна комисија ги отстранува еколошките злосторства од нацрт Кодексот и го намалува Статутот од Рим само на четири од планираните пет кривични дела: геноцид, злосторства против човештвото, воени злосторства и злосторства на агресија, отстранувајќи го екоцидот во најдоцната фаза на изготвување на Кодексот по кој постапува Меѓународниот кривичен суд во Хаг.

Стоп за екоцидот и Независниот експертски панел за правната дефиниција за екоцид

Следни значителни напори за утврдување на екоцидот како меѓународно кривично дело се прават дури во 2012-тата година при Меѓународната конференција за еколошки криминал, потпирајќи се на студии изготвени од страна на две тела на ОН: Програмата за животна средина (UNEP) и Интеррегионалниот истражувачки институт за криминал и правда (UNICRI). Следната година Меѓународниот кривичен суд објавува документ на политики каде го зема екоцидот во предвид при проценката на обемот на злосторствата наведени во Статутот од Рим. Но, вистинскиот пресврт во залагањето екоцидот да стане признаен меѓународен криминал е основањето на Stop Ecocide International кампањата во 2017-та година од страна на правните експертки Поли Хагинс и Џоџо Мехта кои ги посветуваат своите животи на каузата за еколошка правда и поттикнуваат глобално движење во оваа насока кое сега вклучува илјадници поединци, организации, групи и бизниси. Во 2020-та, Stop Ecocide фондацијата го свикува Независниот експертски панел за правната дефиниција за екоцид кој се состои од 12 правни експерти со широко искуство во еколошко, климатско и кривично право. Работата на овој експертски панел е помогната од страна на голем број на правни експерти ширум Земјената топка, како и преку јавни консултации на стотици луѓе со разновидни „правни, економски, политички, младински, верски и домородните перспективи од целиот свет.“

Моментална состојба

Главната цел на работата на Независниот експертски панел е подготовката на нацрт амандманот на Статутот од Рим со легална дефиниција на екоцид во насока на вклучување на истиот под јурисдикција на Меѓународниот кривичен суд во Хаг, кој е поднесен во јуни 2021-ва година. На почетокот на годината се забележуваат и зачестени разговори за признавање на екоцидот на ниво на Европската унија. Исто така, научното списание за истражување на геноцид објавува специјално издание со истражувања кои ги покажуваат врските помеѓу геноцидот и екоцидот.

Постоечки закони и покренати иницијативи 

Закони за екоцид веќе постојат во неколку национални јурисдикции, и тоа: во Русија, Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Грузија, Белорусија, Украина, Молдавија и Арменија, но 2021-ва година е всушност годината кога трудот на иницијативите за криминализација на екоцидот вродуваат со плод. Неодамна, Белгискиот парламент побара екоцидот да се воведе како казниво дело во меѓународното право, а Европскиот парламент се повикува на две клучни истражувања (на Комитетот за правни прашања за одговорност на фирмите за нанесување еколошка штета и на Комитетот за надворешни работи за ефектите од климатските промени врз човековите права и улогата на бранителите на животната средина) да гласа во прилог на признавање на екоцидот на ниво на Европската унија. Во 2021-ва Франција го криминализира екоцидот во законот за Клима и отпорност, Чиле го впишува во Уставот, а Велика Британија започнува да разгледува амандман на Законот за животна средина за вклучување на екоцидот во законодавството.

Движењето за признавање на Правата на природата е исто така сѐ погласно и сѐ поголем број на држави во своите устави и правни рамки ги признаваат правата на природата. Ова движење се залага „за екосистемите како што се реките, езерата и планините да имаат законски права на ист, или барем сличен начин како и луѓето“ за со тоа да ја осигура со закон нивната заштита. Иницијатива во оваа насока гледаме и од страна на Европскиот парламент кој во 2021-ва ја објавува студијата за признавање на правата на природата во Европскиот контекст.

Една значителна, инспиративна историска победа во насока на осигурување одговорност на корпорациите за штетата нанесена на животната средина и поконкретно, нивниот придонес кон климатскиот колапс е правната победа на Friends of the Earth Netherlands во случајот против нафтениот гигант Шел, каде судот во Холандија донесува одлука во прилог на човештвото и екосистемите и му наредува на Шел драстично да ги намали емисиите на стакленички гасови кои произлегуваат од функционирањето на оваа корпорација за фосилни горива.

Предизвици

Криминализацијата на екоцидот не е процес без предизвици. Неколку од увидените се:

  • Предизвикот кој се однесува на тоа што меѓународното право против екоцидот веројатно би се применувало само за поединци, но не и за компании како правни тела.
  • Спроведувањето на домашните статути за екоцид може да резултира со ‘жртви’ во однос на економијата, што прави многу држави да се колебаат да направат нешто во насока на признавање на истиот и покрај големите штети нанесени на екосистемите, а со тоа и животите на заедниците особено во близина на оштетената околина.
  • Фактот што многу држави сѐ уште го немаат ратификувано Статутот од Рим каде екоцидот би бил вклучен како кривично дело, а со тоа овие држави не би биле обврзани со условите во Статутот.

Регион – состојба и потенцијал

Балканскиот регион, иако регион на силни движења против предизвикувачите на штетите на околината и екосистемите, особено од екстрактивната индустрија за руда, сѐ уште нема извојувано криминализација на екоцидот како таков во ниедна од државите во регионот. Но фактот дека граѓаните во државите од регионот се сѐ погласни и сѐ позасегнати за здравјето на екосистемите и својата благосостојба поврзана со ова, е многу надежен. Постои голем потенцијал во работата на ЦПИА во Северна Македонија и нивната иницијатива за предложување екоцидот да биде кривично дело во новиот Кривичен законик. Особено е надежно потенцијалот што оваа иницијатива го има да работи рака под рака со засегнати заедници ширум државата, да ги стави во фокус гласовите на најпогодените од еколошки неправди, но и да се приклучи кон меѓународното движење за Стопирање на екоцидот и да се бори за истото на глобално ниво.

Автор

Симона Гетова

Симона е докторант во областа на политичката екологија на катедрата за политички и социјални науки на Универзитетот Помпеу Фабра во Барселона. Таа е организатор за климатска и социјална правда и работи на пресеците на политичкото образование, управувањето и колективното делување за социјално-праведни и еколошко-здрави заедници на Балканот и пошироко. Симона е ко-основач на The Climate Herlad и на Kolektiv Z. Twitter: @SimonaGetova

Ana
Share
This