Новинарска сторија: Широк консултативен процес – патот кон еколошка правда

Борбата за креирање на механизми и платформа за воспоставување еколошка правда во овој момент ни е потребна како никогаш досега.

Моменталниот социо-економски систем е карактеризиран со општествена поставеност која го овозможува продлабочувањето на економската и политичката нееднаквост во интерес на мал број на луѓе, а на грб на здравјето на планетата Земја како и на останатите 99% од нејзината популација. Оние кои придонесуваат најмалку кон испреплетените кризи со кои се соочуваме (климатската, еколошката, политичката, економската) се најчесто оние кои се најсилно погодени од последиците од истите. Ваквата системска поставеност се вкоренува во секојдневието, како низ светот, така и во нашата држава. Пандемијата КОВИД-19 не само што ги обелодени овие неправдини, туку и ги интензивира и продлабочи. Борбата за креирање на механизми и платформа за воспоставување еколошка правда во овој момент ни е потребна како никогаш досега.

Во неодамна објавениот извештај (септември 2020), Оксфам и Институтот за животна средина во Стокхолм (СЕИ) ги презентираа наодите позади јаглеродната нееднаквост, укажувајќи на тоа дека „само 1% од глобалното население (најбогатите) има двојно поголем придонес (одговорност) за климатската криза од вкупниот придонес на долната половина – 50% од глобалното население (односно сиромашните во светот)“, се вели во статијата на The Climate Herald. Не е тајна дека во неолиберален капиталистички систем, капиталот, односно оние кои го поседуваат, се оние кои ја држат моќта за носење на одлуки кои влијаат на животите на луѓето и на екосистемите. Па така, за жал, корпорации кои стојат позади загадување на водите, воздухот и почвите, ретко кога вистински ја носат одговорноста за своите постапки и нелегални индустриски дејствувања, кои ги експлоатираат и луѓето (работниците) и природата. Ова е во голема мера заради недоследноста и несоодветните професионални и материјални капацитети на релевантните институции, но и неимуноста на истите на длабока корупција, како на локално, така и на централно ниво. Истото резултира со неефективна имплементација и спроведување на донесените закони и законски мерки во сферата на животната средина.

Но тоа не е се’. Самиот извештај (2020) на Европската комисија за Северна Македонија укажува на „ограничен напредок“ на државата во транспонирање и усогласување на ЕУ законодавството со националното, во сферата на животната средина. Министерството за животна средина и просторно планирање, како и Државниот инспекторат за животна средина имаат ограничени надлежности и недостаток на потребните капацитети за справување со повредите на постоечките закони и подзаконски акти во сферата на животната средина (вклучително и граѓански, административни и регулаторни повреди). Судиите и јавните обвинители, пак, за да постапуваат по прекршувањата на законите во оваа сфера, имаат потреба од специјализација и зајакнати соодветни знаења за законодавство на ЕУ за животна средина и климатски промени, како и оформување на основни познавања за најголемите кризи на денешницата – еколошката и климатската.

Еколошка правда

Овие состојби не’ оставаат со малку избор за општествено праведно и еколошки одржливо движење кон иднината. Потребата за воспоставување на интерсекторско, функционално еколошко тело е сега поголема од било кога; простор каде учеството на граѓаните и експертската јавност во носењето на одлуки поврзани со животната средина е во срцето на неговото постоење. Соработката на истите со одговорните институции (на кои, патем, им е потребна целосна реконфигурација) ги зголемува можностите за креирање на сеопфатна и објективна анализа за потребните постапки по прекршувањата на законите на ова поле, како и планирањето на патоказ за подобрување на состојбите за уважување на уставно загарантираното право на здрава животна средина за секого (член 43). Единствено интерсекторско тело кое без компромиси дејствува само во интерес на граѓаните може да донесе вистински решенија за справување со проблеми како длабоката енергетска сиромаштија, фатално загадениот воздух и дејствувањата на рударското лоби во државата.

Агенцијата за заштита на животната средина на САД ја дефинира еколошката правда (1998) како „праведен третман и значајно вклучување на сите луѓе без оглед на расата, бојата, националното потекло или приходите во однос на развојот, имплементацијата и спроведувањето на законите, регулативите и политиките за животна средина. Праведен третман значи дека ниту една група на луѓе, вклучувајќи [било која] расна, етничка или социоекономска група, не смее да има непропорционално учевство во негативните влијанија врз животната средина што произлегуваат од индустриски, општински и трговски операции или извршување на национални, државни, локални и племенски програми и политики.“ За воспоставување и достигнување на еколошка правда во општеството во кое живееме, имаме раце полни работа.

Основана платформата за еколошка правда

Еден чекор во добар правец е неодамна основаната платформа за воспоставување на ефикасна и ефективна еколошка правда. Во средината на декември минатата година, истата беше претставена од страна на иницијатор организацијата – Центарот за правни истражувања и анализи, во тесна соработка со Македонска академија на науките и уметностите и Министерството за животна средина и просторно планирање, а финансиски поддржана од страна на програмата Good Governance Fund на Владата на Обединетото Кралство. Временската рамка за спроведување на проектот е од 1-ви октомври минатата година до крајот на март годинава.

Од страна на Центарот за правни истражувања и анализи за идејата позади проектот велат:

„Проектот се заснова на трите столба на Архуската конвенција што Република Северна Македонија ја ратификуваше во 1999 година, за правото на пристап до информации поврзани со еколошки прашања. Проектот ќе се фокусира на еколошката правда и нејзиниот надзор од перспектива на еднаквост и вклученост, со оглед на влијанието на предложените мерки врз правата на луѓето изложени на ризик од социјално исклучување (жени и девојчиња, Роми, лица со попреченост, млади, семејства со ниски приходи и сл.), поттикнување дијалог и простор за носителите на одлуки да најдат заеднички јазик за прашањата на политиките во партнерство со овие помалку застапени групи.“

Проектот има за цел да ги идентификува и проблемите поврзани со надзорот над спроведувањето на законодавството за животна средина и преку спроведување на широк консултативен процес да обезбеди препораки кои ќе ја подобрат еколошката ревизија и спроведувањето на регулаторната рамка за животната средина.

„Клучниот фокус на заштитата на животната средина треба да се стави на превенција и ревизија, како и на прифаќање на одржливи мерки и структури кои ефикасно ќе одговорат на прекршоците и нарушувањата на законите за животната средина,“ велат од Центарот за правни истражувања и анализи.

Се очекува дека потоа ова ќе резултира со воведување на модел на политика за ефикасен надзор и спроведување на еколошките политики и регулативи, зајакнувајќи ја имплементацијата на меѓународните еколошки стандарди.

Академик д-р Владо Камбовски забележа дека Платформата и самиот проект имаат за цел да го приближат поимот еколошка правда до националните иституции и самите граѓани во Северна Македонија. Според д-р Камбовски, „[Платформата е] Eден повик за сеопшт ангажман на сите фактори кои можат да придонесат во креирањето на јавните политики во оваа област, уредувањето на законодавството, во конституирањето на стабилни и ефикасни институции, ефикасна примена на законите, сето тоа како една нужност која се наметнува во сознанието дека до сега по оценките кои ги добивала Р.С.М. за состојбите во заштитата на животната средина и природата биле далеку од поволни во извештаите на Европска Комисија.“

Според заменик министерката за животна средина и просторно планирање, г-ѓа Христина Оџаклиеска, платформата има големо значење во спроведувањето на прекршочната политика од областа на животната средина.

„Со креирањето на Платформата за еколошка правда треба да се надминат слабостите кои се утврдени во изминатите години односно да се има во предвид досегашното искуство и да се создаде модел за ефикасна соработка помеѓу сите релевантни надлежни институции кои треба да бидат вклучени со цел правилно спроведување на политиката и регулативата од областа на заштитата на животната средина,“ вели заменик министерката.

Теорија на промени: широк консултативен процес е патот до воспоставување на еколошка правда

Од Центарот велат дека активностите за време на овој проект се планирани да бидат спроведувани преку широк партиципативен процес вклучувајќи тела на државните институции, академската заедница, секторот за правда, како и граѓански организации ангажирани во развивање на најсоодветна и ефикасна правна и институционална реформа на политиките за надзор на животната средина.

Засегнати страни во проектот се: Парламентот на Република Северна Македонија, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Државниот инспекторат за животна средина, Министерството за економија, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, шумската полиција, Државниот завод за статистика, националните судови и јавни обвинители и Центарот за управување со кризи.

Моменталната структура на платформата за еколошка правда е следнава:

Министерство за животна средина и просторно планирање
Државен инспекторат за животна средина
Центар за управување со кризи
Дирекција за заштита и спасување
Министерство за внатрешни работиМинистерство за правда
Македонска академија на науките и уметностите
Академија за судии и јавни обвинители
Центар за правни истражувања и анализи
Македонско здружение на млади правници
Еко свест
Фронт 21/42
Град Скопје
ЗЕЛС
Експерти

Целта на телата кои се дел од платформата би била да бидат вклучени во вршење на анализа на регулаторното влијание на тековните закони поврзани со надзор на политиките за животна средина за да се обезбедат итни систематски решенија.

„Нашата стратегија и теорија на промени е препознавање на важноста на мултисекторскиот пристап и активната вклученост на бројни државни и други релевантни институции во постигнувањето на предвидените цели. Нашиот пристап ги смета проектните активности како почеток на движењето за реформа на правдата во животната средина, кое треба да продолжи да се развива во стратешка работна група, способна да ги оспори системските причини за социјалните и еколошките неправди што сега постојат низ Северна Македонија,“ велат од Центарот за правни истражувања и анализи.

Што понатаму? Одржливост на активностите

Во наредниот период платформата ќе ја објави спроведената анализа на недостатоци и предизвици на институционалната и законската рамка, а во меѓувреме работи и на развивање на алтернативни политики за ефикасен надзор и спроведување на политики и регулативи за животна средина и подготовка на патоказ за еколошка политика за поддршка на креаторите на политики во планирањето на најдобри национални мерки и активности.

Од Центарот велат дека платформата за еколошка правда е отворена за дополнително вклучување во нејзината работа и дека идејата е проектот да работи заеднички и со други комплементарни проекти и иницијативи во областа на животната средина. Партиципативната дигитална платформа за градење на колектива визија за општествено праведна и еколошки здрава иднина, како и креирање на националниот и регионален Зелен договор – Зелен глас (zelenglas.mk), како и иницијативата Зелен хуман град произлезена од Граѓанскиот буџетски форум „Моја заедница. Моја визија“ одржан во септември минатата година, се други две особено надежни граѓански иницијативи со фокус на директна демократија и партиципативно носење на одлуки, особено од страна на најранливите граѓани, најпогодени од социо-економски и еколошки неправди.

Во однос на одржливоста на иницијативата за еколошка правда на Центарот и судбината на Платформата после завршувањето на проектот, од Центарот известуваат:

„Крајот на проектот не значи и крај на работата на Платформата. Програмата и деловникот за работа на Платформата, кои се во тек на изработка предвидуваат најмалку еднаш месечно состанување на членовите на платформата, на кои ќе се дискутира за актуелните прашања од областа на животната средина (особено ако е во прашање измена или дополнување на релевантен законски или подзаконски акт).“

За повеќе информации за проектот и Платформата на следниот линк:

Автор

Симона Гетова

Симона е докторант во областа на политичката екологија на катедрата за политички и социјални науки на Универзитетот Помпеу Фабра во Барселона. Таа е организатор за климатска и социјална правда и работи на пресеците на политичкото образование, управувањето и колективното делување за социјално-праведни и еколошко-здрави заедници на Балканот и пошироко. Симона е ко-основач на The Climate Herlad и на Kolektiv Z. Twitter: @SimonaGetova

Овој производ е подготвен во рамки на проектот „Воспоставување ефикасна и ефективна еколошка правда“ финансиран од Владата на Обединето Кралство, со поддршка на Британската амбасада Скопје.  Мислењата и ставовите наведени во оваа содржина не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската Влада.

Gorica Nadjinska
Share
This