Нoвинарска сторија: Потребата од тутори во македонското судство

 Потребата од тутори во македонското судство

Тутор е судија со долгогодишно искуство, кој ги има комплетирано обуките за туторство и  е одбран/назначен од страна на претседател на суд за да ги воведува и надоградува знаењата на новоизбраните судии кога ќе започнат со работа во одрден суд. Во таа насока поддршката за новоизбраните судии и начинот на кој тие ќе ги исполнуваат своите јавни должности и квалитетот на судските активности е одговорност на самиот суд, всушност на претседателот на судот во случај ако претходно нема усвоено програма, акт или закон кои го регулираат туторството. Па така, судот, односно претседателот на судот има овластување да назначи тутор, да го определи времетраењето на туторството и да ги одреди неговите неопходни квалификации и карактеристики.  Туторството на новоизбраните судии е временски ограничено и согласно компаративните искуства најчесто трае до две години. За време на овој период новоизбраните судии ги учат судските вештини од поискусните судии.

Новоизбраните судии во првостепените судови веќе имаат поминато почетна обука и имаат стекнато практично искуство за работење во судовите, но не може да се занемари фактот дека тие за прв пат ќе се соочат со вистинската улога и одговорност на судиите.

Унапредените судии пак во апелационите судови  имаат потреба од друга форма на туторство, бидејќи тие генерално имаат искуство како судии во други судови. Работата во апелационите судови е различна од онаа во првостепените судови, пред се поради фактот дека вообичаено функционираат во совети од тројца судии.   Туторството пак за новоизбраните судии на Врховниот суд има свои специфичности пред се заради посебниот начин на функционирање, имајќи ја предвид комплексноста  во  нивната работа.

Карактеристики кои треба да ги поседуваат туторите и менторите

Судиите тутори треба да се искусни, достапни и приемчиви, да се заинтересирани за поддржување на помлади колеги/шки, да имаат искуство со обуки на млади лица во судот, да имаат изградени ставови за воведување на новиот судија во понатамошната  работа без надреден однос  или премногу барања, како и да можат да пренесуваат вештини кои се однесуваат на спроведување сослушувања.

Првата и основна карактеристика на туторството е судијата да биде мотивиран да биде тутор. Туторството, како што посочуваат експертите, одзема поприлично многу време, бидејќи туторот со новиот судија поминува низ случаи кои треба да се дискутираат, присуствува на сослушувања, посветува внимание на добросостојбата и напредокот на новиот судија, а воедно му ги пренесува и етичките аспекти. Туторството треба да се смета како дел од работните задачи на судиите и токму поради тоа треба да  се размислува во насока на намалување на  обемот на работа на судиите тутори за време на периодот додека активно функционираат како тутори. Сепак, според експертите, надоместот за туторирање или менторирање не треба да биде главниот мотив за давање ваков тип поддршка за новоизбраните судии.

За разлика од туторот менторот пак е судија кој е назначен да го води кандидатот судија низ делот за практична работа во судот во текот на програмата за воведна обука која ќе биде координирана од страна на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО).Со оглед на разликите во поимите и значењето на улогата на туторите и менторите, постојат разлики и во нивното практично постапување. Имено, менторите ги оспособуваат кандидатите за судии за практично извршување на професијата пред да бидат избрани за судии, додека туторите треба да бидат помош и поддршка на новоизбрани судии во нивната понатамошна кариера. Менторите се назначуваат од Академијата за судии и јавни обвинители и тоа повеќе ментори во рамки на еден менторски тим за еден кандидат, распределни во апелациони подрачја во зависност од периодот и институцијата во која ја извршуваат практичната обука. Менторите се еден вид на  едукатори кои треба да поседуваат добри комуникациски и обучувачки вештини. Воедно тие треба да споделуваат знаење и информации, а исто така да имаат разбирање за потребите на кандидатите.

Во  Северна Македонија во пракса се уште официјално не е започнато „туторството“

Во Република Северна Македонија се уште не постојат нормирани правила и прописи по однос на условите за избор и назначување на туторите и нивните права и обврски, поради што во пракса се уште официјално не е започнато „туторството“ на новоизбраните судии.

Меѓутоа, иако не постојат законски и подзаконски акти, сепак судиите со подолг стаж врз основа на нивна добра волја секогаш им помагаат на новоизбраните судии давајќи им информации за начинот, условите, постапувањето и праксата во работата, појаснува судијата од Апелацискиот суд Скопје, Тања Милева.

Воедно, Милева ја посочува потребата од воспоставување нормирани правила во кои точно ќе се определат условите и постапката за избор/назначување на тутори, правата и обврските на туторите и на новоизбраните судии и начинот и постапката за помош и поддршка на новоизбраните судии преку изготвување на план и програма за „работа“.

За разлика од туторството, менторството е регулирано со Законот за Академијата за судии јавни обвинители и согласно овој Закон, Академијата е единствено тело одговорно за почетни обуки на идните судии и обвинители. Обуките ги вршат сертифицирани ментори од АСЈО (избрани од судовите и канцелариите на обвинителството), кои имаат докажани капацитети и се назначени обучувачи на кандидатите во судството. Според актите на АСЈО за еден кандидат да биде ментор, потребно е да биде активен судија или јавен обвинител, со најмалку 8 години работно искуство, континуирана позитивна оцена, способност и подготвеност за пренесување на искуствата и знаењата и завршена обука за тренинг на ментори (тренери) организиран од Академијата.

Холандско искуство за македонските судии

Во организација на Центарот за правни истражувања и анализи во рамки на проектот „ Унапредување на квалитетот и одговорноста во Македонскиот правосуден систем“ поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје беше организирана работилница за тутори. Искуствата ги споделија судија Берт Маан, поранешен судија и претседател на судот во Зволе – Холандија и Марина Наумовска Милевска, специјалист за едукација на судии. , Презентирани беа и компаративните искуствата за работата на туторите во Холандија, Англија и Велс, Германија, Франција и Белгија.

Искуствата стекнати на обуката понатаму беа пренесени на работилниците одржани во четирите апелациони подрачја, на тема „Улогата и потребните вештини на менторите на новоизбрани и унапредени судии“.

Присутните учесници на работилниците, како што вели судија Милева, искажаа подготвеност и желба за помош и поддршка на новоизбраните и унапредените  судии, со цел зајакнување на нивните капацитети во текот на нивната кариера, нивен развој и запознавање со начинот на работата во судот, унапредување на квалитетите како непристрасност, независност, одговорност, вештини на однесување, на кој начин успешно ќе ги извршуваат своите должности, зголемувајќи ја и довербата во правосудството во нашата држава.

– Големиот број на предмети по кои постапуваат судиите, нивната оптовареност со судења, како и одговорноста во делот на ефикасно, ефективно и квалитетно испорачување на правдата, претставува најчеста причина кои ја истакнуваат судиите како пречка за ваквата дополнителна ангажираност со новоизбраните судии, посочува судијата Милева.

Според неа, туторството треба да биде во интерес и на судијата тутор и на новоизбраниот или унапредениот судија, засновано на добра волја и желба за пренесување на нивното знаење и искуство на новоизбраните судии од кои се очекува да донесуваат правични и законити одлуки, а на судијата тутор ваквата дополнителна работа да му биде можност за негово напредување во судот каде што работи, но и во повисокиот суд.

Каква е меѓународна пракса за „туторството“ на новоизбраните судии ?

Во Холандијапред назначувањето, кандидатите за судии обично  поминуваат почетна обука со времетраење од две до четири години, која најчесто се  содржи од работа во секојдневната пракса во правосудството во најмалку два оддели во судот. Кандидатите за судии постепено се стекнуваат со вештини, се запознаваат со вредностите и ставовите на судот и им се дава  можност да присуствуваат на судењата во рамки на советт. . За време на почетната обука, секој кандидат за судија ќе добие поддршка од најмалку еден тутор, како и втор тутор кој ќе помага во стекнувањето на потребните вештини и ставови.

Ваквите типови на почетна обука – кои главно се спроведуваат во првостепените судови (сите случаи во Холандија во прв степен се сослушуваат од вкупно 11 општи првостепени судови) имаат во просек 110 судии и 650 лица како помошен персонал. Одборот на судот се состои од претседател (судија) и управител (кој не е судија) и трет член, судија, кој е задолжен за квалитет, обука и едукација. Овој судија/член на одборот ги координира едукативните активности и преку контакт лицето (судија) во еден од трите оддели обезбедува доволен број тутори кои ќе бидат достапни и ќе бидат назначени на секој обучен/кандидат. За тие тутори Центарот за обука на судии и обвинители организира наменски обуки, како и обуки за методи за учење на возрасни, за ставови на предавачите, справување со стрес, давање фидбек, пристап на учење од професионалци во мали групи.

Судството во Англија и Велс функционира на две нивоа судовите во вистинска смисла и вишиот судски систем. Во судовите обично се бираат многу искусни адвокати, главно адвокати со право на застапување во вишите судови, кои имаат толку многу искуство и поддршка, поради што нема потреба од воведна поддршка.

Ова е различно во вториот систем, вишите судови, каде околу 98%  од сите судски случаи се сослушуваат и се одлучува по нив. Вишите судии се волонтери избрани на локално ниво поддржани со писар во секој суд. Пред да бидат назначени, вишите судии следат воведна обука од најмалку 3 дена. Една година по назначувањето треба да следат обука за зајакнување на капацитетите која има за цел да го рефлектира и надгради нивното искуство и компетентност како виши судии. Дополнително, обуката редовно се изведува од страна на Судскиот колеџ, со цел да се осигура дека вишите судии и понатаму се компетентни и сигурни во вршењето на нивната улога. На крајот, задолжителна „прва продолжителна“ обука се спроведува за сите виши судии кои се на функција најмалку три години. На сите нови виши судии им се доделува ментор, искусен виш судија кој има поминато обука за ваков тип на работа. Менторот ќе ги советува, поддржува и води вишите судии, посебно во првите неколку месеци. Менторот ќе присуствува на шест сослушувања на новите виши судии. Потоа ќе разговараат што се случило дента, што помага при консолидирањето на сѐ научено за време на почетната обука.

Во Германија, како и во повеќето европски земји, младите адвокати може да бидат избрани за судии без почетна обука. Многу често тие работат како судии без никаков или со многу краток вовед во нивното поле на работа. Затоа, има потреба од дополнителна обука во рана фаза по назначувњето, со цел да се стекне потребната експертиза и знаење за секојдневните случувања во суд. Уште повеќе, понекогаш само одреден дел од просечниот обем на работа им се доделува на помладите судии. Исто така, во некои судски администрации од искусните судии се бара да постапуваат како советници или тутори на помладите судии и обвинители. На помлад судија му се дава целосна судска независност во вршењето на неговите или нејзините должности. Секако, со ова не се исклучува можноста да се побара мислење и совет од постарите судии на доброволна основа. Во регионалните судови (Landgericht) помладите судии често се назначени во совети од тројца судии. На овој начин тие ја делат одговорноста за донесување одлучи со постарите колеги и стекнуваат искуство преку следење на нивната работа. Во судски надлежности со еден судија или со судии кои се придружувани од двајца судии поротници, некои судови имаат воведено помалку или повеќе неформален период од две до осум седмици за воведни инструкции. Во овој период, на новите судии не им се доделуваат случаи, но може да ги придружуваат и набљудуваат постарите судии во нивната работа.

Дополнително, некои од судовите имаат воведено задолжителни семинари за помлади судии, се со цел да има континуирана едукација. Учеството е задолжително, и имаат за цел да им овозможат на учесниците да се стекнат со стандардните вештини потребни за работа како судија.

Согласно работниот план на ваквите семинари, опфатени се темите во однос на организацијата на судовите, соработката во рамки на судовите и нивните совети, справување со странки во судскиот процес, техниките на работа, планирање на судења, како и сфаќањето на улогата и функцијата на судијата.

Исто така на семинарите се опфатени и психолошките аспекти при комуникација со странките во судскиот процес и адвокатите, обезбедување факти, испрашување сведоци, процена на докази, како и откривање и справување со конфликти, справување со судење, управување со време, управување со протокот на работа, како и техники на говор.

Што се однесува до Франција, како што посочуваат експертите, не може да се каже дека поддршката за новоизбраните судии е систематски организирана. Всушност, пред завршување на програмата за почетна обука и во моментот на напуштање на Националната школа за магистрати – ЕНМ (Ecole Nationale pour la Magistrature ENM) обучените, наречени „auditeurs“, мора да следат тримесечна обука во суд за специјалноста која ќе ја практикуваат (како на пример „Juge d’instruction” – истражен судија – или други области на специјалност). Во текот на обуката тие ќе работат заедно со искусен судија и така ќе се запознаат со начинот на кој функционира системот. Сепак, кога ќе почнат да работат во друг суд не им се нуди никаква посебна поддршка бидејќи се смета дека се комплетни судии кои може да ги вршат должностите за кои се назначени. Од друга страна, кога во текот на судската кариера функцијата судија се менува, мора да се следи задолжителен двонеделен курс на EНМ пред да настапи промената, со цел да бидат целосно запознаени и информирани за конкретната судска пракса и начини на работа во судот.

Во Белгија се спроведува почетна обука за судии на која кандидатите работат како обучувани во судовите, со поддршка и обука од искусен судија како „stagemeester” (учител на обуката). Дополнително, тие следат задолжителна програма за едукација која ја регулира секој од регионите во Белгија. На крајот на обуката се прави оценување со цел да се одлучи за подобноста на позицијата во судството. По успешно спроведен формален испит, кандидатите се избираат за судии, обично во судот каде што се веќе активни. Секој суд го одредува начинот на кој новиот судија ќе биде поддржан, но не се применува формален курикулум.

Казнените случаи од сериозна природа ќе бидат сослушани во прв степен од страна на совет од тројца судии. Вообичаено новиот судија ќе биде ставен во еден од советите за да може да стекне искуство и да осознае кој е начинот на кој вообичаено функционираат судиите.

До неодамна законот пропишуваше дека новите судии може да постапуваат индивидуално само по одреден временски период, но претседателот на судот може да одреди и поинаку, веројатно врз основа на оценувањето на квалитетот на судијата. Како член од советот од тројца судии, судијата има можност да стекне искуство за пишување пресуди, читање и коментирање, како што тоа го прават повозрасните колеги.

Како мировни судии (судии за поедноставни случаи) сѐ уште се номинираат искусни адвокати без претходна едукација или судско искуство. Формалната поддршка за овие судии не е регулирана, што понекогаш води до недостатоци во резонирањето во писмените пресуди.

Белгиското судство има два института за добра, квалитетна судска едукација (за холандско и француско говорно подрачје), кои вообичаено ги прашуваат судиите и обвинителите кои се нивните потреби за едукација на годишно ниво. Тие самите организираат едукација, на пример за кривични теми и други прашања како правата на жените, но исто така и овозможуваат да се следат обуки со други сертифицирани општи институти за едукација на нивен трошок.

Нема моќ без должност и нема должност без одговорност

Добрата работа на судиите е одговорност на самите судови. Во организацијата на светско ниво принципот дека трите елементи: моќ-должност-одговорност, си припаѓаат еден на друг во нераскинлива врска значи дека нема моќ без должност, и нема должност без одговорност.  Со тоа се укажува дека квалитетот на судските активности во судот се одговорност на самиот суд, и значи дека судот мора да има овластување да преземе потребни мерки за истото да го овозможи.

Ana
Share
This