На 09.06.2023 на апелационото подрачје Скопје, се одржа втората обука од серијата обуки на тема ,,Улогата и потребните вештини на менторите на новоизбрани и унапредени судии’’. Целта на обуката беше да се пренесат искуствата од веќе обучените ментори (судии) кои учествуваа на обуката за обучување тутори за новоизбрани и унапредени судии, која беше спроведена од страна на Холандскиот судија и претседател на судот во Зволе, Холандија г-дин Берт Ман и специјалистот за обука на судии, Марина Наумовска – Милевска. Обуката во Скопје беше можност веќе обучените судии да ги пренесат своите искуства со други искусни судии од своето апелационо подрачје, со замисла, тоа понатаму да се примени секој пат кога во судот ќе има нов или унапреден судија.
Обуката беше поделена на два дела, во првиот дел Судијата Бисера Стефковска Митиќ од Основниот граѓански суд Скопје, одговараше на прашања и зборуваше за своите почетни предизвици и очекувања како новоизбран судија. Свое излагање имаше и Претседателот на Основниот кривичен суд – Скопје, Иван Џолев, кој ги сподели искуствата со новоизбраните судии во својот суд, а адвокатот Александар Гоџо зборуваше за искуствата кои лично тој ги имал, во својство на адвокат во споровите пред новоизбран, односно унапреден судија.
Во вториот, завршен дел од обуката, во својство на веќе обучени судии, свои излагања и презентаци имаа: судија Љубица Колиќ од Основен граѓански суд – Скопје, судија Наталија Донева – Основен граѓански суд и судија Тања Милева од Апелациониот суд – Скопје. По завршувањето на излагањата, присутните судии се впуштија во дебата и дадоа свои коментари и предлози за остварување на целите на обуката.
Обуката беше предвидена во рамки на проектот ,,Унапредување на квалитетот и одговорноста на Македонскиот правосуден сектор’’, кој е финансиски поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија.