План за подобрување на правосудството 2020-2022

Планот за подобрување на правосудството 2020-2022 претставува заокружување на процесот на Првото национално мерење на реформите и перформансите во правосудството кое ги истакна клучните аспекти во кои е потребно да се вложат повеќе напори и ресурси.

Имајќи ги предвид наодите од Првиот национален извештај на реформите и перформансите на судството како и препораките содржани во документите за јавни политики за подобрување на ефикасноста, транспарентноста, независноста, непристрасноста, квалитетот на судската правда и професионалниот развој во правосудството, во директни дијалози и консултации со претставниците на судството, Центарот за правни истражувања и анализи подготви План за подобрување на состојбите во правосудството 2020-2022. Планот има за цел да им помогне пред се на Министерството за правда, Судскиот совет и судовите да ги оценат клучните области на активност и да ги евалуираат достигнувањата на реформите во конкретните области, но и да ги постават приоритетите за судските реформи и за натамошен развој на правосудниот сектор. Во неговата изработка учестуваа сите судови во Република Северна Македонија, Судскиот совет, Министерството за правда и Академијата за судии и јавни обвинители.

Планот за подобрување на правосудството е изработен во рамки на програмата „Подобрување на транспарентноста, ефикасноста и правната сигурност во Република Северна Македонија“, поддржана од Британската амбасада Скопје.

Gorica Nadjinska
Share
This