Презентација на Вториот национален извештај од Матрицата за мерење на перформансите и реформите на правосудството

На 12 мај 2021 година, Центарот за правни истражувања и анализи го презентираше Вториот национален извештај од Матрицата за мерење на перформансите и реформите на правосудството.

Извештајот е резултат од второто национално мерење спроведено преку Матрицата на индикатори за следење на правосудните реформи која е предвидена како механизам во Стратегијата за реформа на правосудството 2017-2022 година во делот на Стратешкото планирање и креирање на политиките.

Во својот воведен говор во својство на модератор на настанот, претседателот на Здружението на судии на РСМ судија Џемали Саити, го поздрави целокупниот процес на подготвување на Извештајот, притоа истакнувајќи ја неговата голема важност како документ кој овозможува кредибилна анализа, заснована на научни методи и  емпириски истражувања, особено во делот на мерењето на ефектите од реформите во областа на правосудството.

Министерот за правда Бојан Маричиќ во своето обраќање, пред се’ ја поздрави долгогодишната соработка со ЦПИА и Судскиот совет, наведувајќи дека второто мерење овозможува веродостоен и реален увид во следењето и споредувањето на реформите во правосудниот сектор, кој притоа овозможува сеопфатен приказ на актуелните состојби во правосудството, следејќи ги директно перцепциите на најзасегнатите чинители во правосудството како и оценувањата од меѓународните извештаи. Особено го истакна задоволството на подобрување на перцепциите кај судиите како една од најрелевантните групи на испитаници во делот на организираноста на човечки ресурси и транспарентноста во работењето. Како наведува тој зголемената позитивна перцепција кај судиите во ослободување од надворешен притисок при правораздавањето, како и вклучувањето на сите значајни фактори преку еден инклузивен процес на работење ќе доведе до зголемување на незавиноста, а со тоа и враќање на довербата на граѓаните во правосудството.

Претседателот на Судскиот совет, г-ѓа Павлина Црвенковска исто така ја наведе соработката со Судскиот совет и ЦПИА како позитивен исчекор во креирањето на документи кои вклучуваат ентузијастички настроен процес кон реформи во правосудството, кои се темелат на меѓународните европски стандарди и начела на правично судство. Таа воедно ја истакна и високата респознивност на релевантните групи на испитаници, особено на судиите и судската администрација. Црвенковска наведе дека Извештјот е документ кој ќе биде од значење за сите засегнати чинители на правосудство, во секојдневните предизвици на нивното правораздавање.

Претставникот на Амбасадата на Обединетото кралство во Скопје, г-ѓа Рејчел Галовеј го поздрави амбициозното подготвување на Извештајот во период на рестриктивно ограничување на активности кои подразбираат намалена можност за непосредна комуникација со релевантните чинители во правосудството. Г-ѓа Галовеј во својот говор наведе исто така дека реформите во правосудство се од голема важност, бидејќи истите значително влијаат на добриот јавен интерес. Таа исто така ја изрази и поддршката на Британската амбасада во понатамошното континуирано следење на реформите во сите сегменти на правосудниот сектор во насока на воспоставување на квалитетно судство.

Претседателот на ЦПИА, г-ѓа Лидија Стојкова Зафировска наведе дека Извештајот е резултат на сеопфатен и длабински процес на следење на перцепциите на значителен број на испитаници во делот на правосудството, кој документ одговара на реалните потребни на македонското правосудство, притоа давајќи детален осврт и на меѓународние состојби и извештаи за правосудтвото. Таа го поздрави учеството и заложбата на сите испитаници, наведувајќи дека токму високиот процент на респонзивност во анализата укажува на заедничкото залагање и желбата за унапредување на правичноста во правораздавњето и дека истото е возможно само кога ќе се вклучат сите засегнати чинители.

Г-дин Жарко Алексов, клучниот правен експерт во процесот истакна дека важноста на документот произлегува од групите на испитаници кои се директно поврзани со проблематиката на правораздавањето и соочување на аномалиите во целокупниот правосуден систем. Во однос на ефикасноста како прва област на евалуација тој наведе дека перцепцијата на испитаниците е дека истата е на релативно задоволително ниво и покрај недволниот број на судски службеници и исполнување на одредени технички аспекти во процесот на  правораздавањето. За жал компјутерската опрема во судовите и понатаму е во директна зависност од донаторската помош и обновувањето на истата не е на задоволитено ниво поради недостаток на средства.

Професорката Гордана Лажетиќ во делот на транспарентноста и отчетноста истакна дека не е на задоволително ниво поради нередовното ажурирање на веб страната на судовите како основен пристап на граѓаните до судските одлуки и можноста за полесно следење на работата на судот. Дополнителен проблем се јавува и во делот на организацијата на одделот за односи со јавност, бидејќи судовите само формално имаат назначено лице за истото, а во реалноста таа задача ја имаат претседателите на судовите, што дополнително влијае на организацијата на работата на судовите.

Г-дин Александар Гоџо во делот на квалитет на судската правда наведе дека има одредена позитивна перцепција во насока на забележување мал напредок во однос на обезбедувањето на конзистентна судска одлука. Тој наведе дека донесените методологии во изминатиот период за мерење на квалитетот на судска правда, ќе доведат до поголемо ниво на правна аргументација на судските одлуки што оди во прилог на обезбедување поголема правна сигурност.

За жал независноста и непристраноста и понатаму останува најниско оценета област и покрај направените подобрувања на законската и подзаконската регулатива, во делот на назначувањето, унапредувањето, дисциплинската постапка и разрешувањето на судиите. Изборот и разрешувањето на судиите според најголем број на испитаниците од сите категории се предмет на притисоци и влијанија однадвор и се резултат на недоволна транспарентност.

Меѓународниот експерт за статистичка анализа и член на работната група на CEPEJ, г-дин Адис Хоџиќ наведе дека следењето на реформите, а со тоа и постепеното подобрување и унапреудвање на перформансите на правосудството е од значителна важност, имајќи предвид дека наведеното е поврзана целина која е од значење и за останатите економски и социјални параметри за земјата. Тој исто така наведе дека перцепциите на судиите во однос на останатите групи на испитаници се разликуваат во голема мера, но повторно се забележува мал напредок во однос на резултатите од првото мерење. Главниот јаз во перцепциите постои помеѓу судиите како главни испорачувачи на правдата и странките во постапката, што пак доведува до отворање на можност за креирање на одреден акциски план за намалување на тој јаз преку подобрување на перцепциите на странките за квалитетот на судството. Дополнителен аспект во креирањето на политики кои ќе доведат до намалување на јазот помеѓу наведените таргет групи, може да бидат позитивните искуства на европските земји во регионот кои имаат воспоставено сериозен систем на следење на реформите на правосудството, заснован на начелата на квалитетно и независно правораздавање, кои ги содржат сите 5 области на евалуација.

На самиот крај, уште еднаш беше изразено големо задоволство од сите присутни, со желба за продолжување на следењето на напредокот на правосудниот сектор и придонес во реформите.

Мерењето беше спроведено а извештајот подготвен во рамки на проектот „Воспоставување аналитички и мониторинг алатки за следење на реформите во правосудсниот сепктор во Република Северна Македонија“ имплементиран од ЦПИА, и поддржан од Британската амбасада Скопје.
Извештајот е достапен тука.

Gorica Nadjinska
Share
This