Презентирана предлог Методологијата за сложеност на предмети во Судскиот совет на РСМ

На 2 септември 2020 година, во Судскиот совет на Република Северна Македонија беше презентирана предлог Методологијата за сложеност на предметите.

Оваа методологија е подготвена во од страна на експертскиот тим на Центарот за правни истражувања и анализи, а во соработка со Судскиот совет на РСМ, во рамките на проектот „Поддршка на Судскиот совет во воспоставување на квалитетен систем за оценување на судии“ – финансиран од Холандската Амбасада во Северна Македонија.

Презентацијата на Методологијата се одвиваше во живо и онлајн преку алатката zoom и на истата присуствуваа претседателот на Судскиот совет на РСМ, судија Киро Здравев и останатите членови на советот.

Настанот започна со поздравните обраќања од судијата Здравев и претседателот на Центарот за правни истражувања и анализи Лидија Стојкова-Зафировска, кои ја истакнаа важноста од подготовката на оваа Методологија и нагласија дека со оваа предлог Методологија, Република Северна Македонија се приклучува кон групата на судски системи во Европа кои имаат системи на степенување на сложеноста на предметите како чекор кон правилно нормирање на предметите и оценување на судиите. Професор д-р Гордана Лажетиќ, како главен експерт на тимот, го образложи процесот на подготовка на Методологијата и детално ги објасни индикаторите за сложеност на предметите од граѓанската, кривичната и управната област. Таа ги образложи и подобластите кои биле опфатени во текот на подготовката на Методлогијата како што се: работни односи, трговски спорови, вонпарнична постапка и стечај. Професорката Лажетиќ се задржа и на процесните индикатори и детално ги образложи пред присутните членови на Советот.

Во продолжение професор д-р Горјан Наџински, кој во тимот е задолжен за дизајнирање на формула (математички модел) со цел олеснување на процесот на утврдување на сложеноста согласно предложената Методологија, ги образложи трите фази во кои ќе се одвива спроведувањето на Методологијатa.  Тој објасни дека моментално се финaлизира тестирањето на првата фаза која го дефинира начинот на оценување на сложеноста на судските предмети врз основа на нивните карактеристики, област, и процесни индикатори и нивни тежини. Втората фаза ќе ги земе предвид и карактеристиките на предметот и околностите на негово решавање и врз основа на тоа ќе дефинира модел на очекувано времетраење на решавање на предметите. Конечно, третата фаза ќе ја дефинира тежината на предметите како композитно својство од нивната сложеност и времето потребно за на нивно решавање, со што ќе се добие моќна алатка за оценување и класификација на предметите, како и за дефинирање на нормите за нивно решавање во иднина.

Во самата подготовка на Методологијата значаен придонес имаа судиите од Врховниот суд на Република Хрватска, судија Дамир Контрец и судија Жељко Пајалиќ, кои учествуваа со свои совети и коментари во секоја фаза од процесот, а на презентацијата ги истакнаа искуствата од хрватскиот модел за сложеност на предметите.

Предложената Методологија ги следи законските основи што ја чинат сложеноста на судските предмети утврдени во членот 85 став 1 од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија, при што експертскиот тим ги разработи истите според сложеноста на правната материја, видот на судовите, степенот и стварната надлежност.

При изработката на оваа предлог Методологија беа спроведени широки консултации со судии од сите судови во земјата, и во сите степени, сѐ со цел најсоодветно да се идентификуваат и потврдат предложените индикатори. Овој инклузивен и консултативниот процес беше спроведен преку посебно подготвен прашалник за граѓанската, кривичната и управната област, за што попрецизно да се утврдат индикаторите специфични за секоја судска постапка. Високата респонзивност на судиите од речиси 70%, укажува на фактот дека судиите се подготвени да соработуваат на важни прашања од интерес за нивната работа, што дава легитимитет на предложениот модел. Потврда за процесот е и тоа што повеќе од 90% од судиите го прифаќаат она што беше понудено како бројчан (квантитативен) израз на индикаторите за секоја правна област, а земени се предвид и коментарите и забелешките од тековни консултации поединечно со секој вид на суд.

За подготовка на Методологијата и моделот на утврдување сложеност на предметите, беше направена и компаративна анализа и увид во судските системи на повеќе европски  држави, меѓу кои: Австрија, Бугарија, Германија, Холандија Литванија, Естонија, Романија, Италија, Малта, Унгарија, Хрватска и други. Истовремено, беа анализирани и стандардите на повеќе европски и меѓународни мрежи (CEPEJ, ENCJ, UN, CoE и др.)

ЦПИА, во тесна соработка со Судскиот совет, ќе продолжи со понатамошните фази од проектот, и ќе го финализира планот за успешно спроведување на Методологијата во пракса. 

Gorica Nadjinska
Share
This