Презентиран Првиот национален извештај од Матрицата на индикатори за мерење на перформансите и реформите на правосудството

Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА) на 28 февруари 2019 година, го презентираше Првиот национален извештај од Матрицата на индикатори за мерење на перформансите и реформите на правосудството.

Поздравни обраќања на настанот имаа судијата Џемали Саити, претседател на Здружението на судии, Доминик Отвеј, заменик британски амбасадор, Рената Дескоска, министер за правда, и Жарко Хаџи-Зафиров, програмски раководител во Центарот за правни истражувања и анализи.

Судија Џемали Саити, претседател на Здружението на судии го отвори настанот и ги поздрави присутните, притоа потенцирајќи ја важноста на ова истражување кое ја поставува основата за понатамошни реформи во правосудството. Тој посочи дека од извештајот е евидентно дека има подобрување на квалитетот во пресудите на судовите, како и дека тековно се преземаат чекори што ги задоволуваат и другите параметри во однос на независноста и непристрасноста. Тој истакна дека Извештајот има методолошки научен пристап и дека во иднина ќе биде корисен како за самите судови, така и за Владата на Република Северна Македонија, Судскиот совет, но и професионалните здруженија.

На настанот се обрати Заменик амбасадорот на Британската амбасада во Скопје, НЕ Доминик Отвеј кој ги истакна честитките за сработениот труд, и потенцираше дека поддршката која Британската амбасада ја дава во поглед на реформата во правосудството ќе продолжи и натаму. Тој говореше дека вредностите кои се вградени во концептот на владеење на правото се заеднички за сите, а дека неговото зајакнување е можно ако постојат начини за мерење на неговиот напредок. На тој начин ќе може да се пристапи и на предизвиците и проблемите, но и врз основа на реални факти да се придонесе кон зајакнување на стабилноста, просперитетот и интегритетот на судскиот систем во земјата.

„Она што се мери, може да се унапреди“ истакна Министерката за правда на Република Северна Македонија, Рената Дескоска. Таа нагласи дека овој пристап на креирање политики преку мерење и испитување е вистинскиот принцип по кој Министерството за правда се води при преземањето на сите мерки во правосудството. Таа додаде дека согласно целите утврдени во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор (2017-2022), наодите од извештајот ќе бидат корисни за изготвувањето на предлог реформите во правосудството и нивното преточување во конкретни законски решенија.

Жарко Хаџи-Зафиров, програмскиот раководител во ЦПИА истакна дека овој извештај е прв од ваков вид и е особено значаен пред се поради пристапот на инклузивност на сите целни групи во мерењето. „Во процесот на првото национално мерење учествуваа над 6000 испитаници, а респонзивноста од директно вклучените страни во правосудството е над 70%“, додаде тој. „ Тоа што е особено значајно е дека овој извештај е резултат на вклученоста на сите страни и не претставува оценка на судството однадвор и тоа го прави кредибилен и легитимен. Денес, после 4 години поминати во креирање на самата Матрица, нејзиното пилотирање во 2017 година и нејзината национална примена во 2018 година, го имаме првиот извештај кој ќе послужи како основа за унапредување на Стратегијата. “

Центарот за правни истражувања и анализи преку длабинска анализа во која беа вкрстени перцепциите, правната рамка и релевантните извештаи и податоци од правосудните институции, го подготви извештајот кој овозможува оцена на перформансите и реформите во правосудството во петте клучни области.

Состојбата со ефикасноста, укажува дека и покрај недоволно развиената инфраструктура и недостатокот на кадри во судската служба, судовите покажуваат високо ниво на ефикасност во својата работа. Во поглед на транспарентноста и отчетноста, состојбата укажува дека постоечкиот систем за објавување на судските одлуки се уште нема функционална примена за стручната и за општата јавност. Дополнително, потребно е поголемо вклучување на јавноста во работата на Судскиот совет на Република Северна Македонија. Во делот на квалитет на судската правда, се уште не постојат соодветни критериуми за нејзина проценка, но се создаваат услови за нејзино мерење преку измена на законскaта рамка и преку зголемена аргументација на судските одлуки и употребата на судската пракса. Забележана е делумна независност на судството која е условена од финансиски и политички фактори. Непристрасноста е сè уште на ниско ниво, но постои тренд на создавање на механизми за нејзино конзистентно обезбедување. Професионалниот развој задолжително треба да се специјализира и да продолжи да ги следи трендовите и потребите на правосудството. Соодветната застапеност по основ на пол, возраст и етничка припадност е на солидно ниво, но постои потреба од избор на судии од ромска етничка припадност.

На крајот беа презентирани наодите од меѓународните извештаи за земјата во областа на правосудството кои во голема мера се усогласени со наодите од перцепциите и домашните извори. Беа дадени и соодветни препораки за подобро користење на податоците од Судскиот совет на РСМ и се потенцираше дека преку системски и инструментален пристап на анализа, ќе се откријат итните проблеми во правосудството.

На самиот крај на настанот, судијата Саити потенцираше дека наодите од извештајот се резултат од перцепциите на вклучени страни во правосудството и дека таа е реалноста која треба да се прифати со цел во иднина да имаме унапредувања и развој. Тој додаде дека овие податоци се корисни и во насока на исполнувањето на препораките во Поглавјето 23 и претпристапните преговори со ЕУ.

Извештајот е резултат од првото национално мерење спроведено преку Матрицата на индикатори за следење на правосудните реформи која е предвидена како механизам во Стратегијата за реформа на правосудството 2017-2022 година во делот на Стратешкото планирање и креирање на политиките.

Извештајот е подготвен во рамки на проектот „Подобрување на транспарентноста, правната сигурност и ефикасноста во судскиот систем во Македонија имплементиран од ЦПИА, и поддржан од Британската амбасада Скопје.

Целосниот извештај е достапен тука.

Gorica Nadjinska
Share
This