Проблемите и предизвиците во работата на судството дискутирани со судии и судски службеници

Центарот за правни истражувања и анализи на 12 ноември во Битола ги промовираше документите за јавни политики кои произлегоа од првата национална примена на Матрицата на индикатори за мерење на перформансите и реформите во правосудството.

Документите беа дискутирани помеѓу судиите и претставниците на судската служба од основните судови на апелационото подрачје Битола.

Никола Јовановски, проектниот менаџер од ЦПИА ги презентираше главните наоди на Матрицата и истакна дека 60% од судиите не се задоволни со износот на судскиот буџет, како и дека 40% од судиите не се задоволни со постоечката инфраструктура и модернизација на условите во судството и поттикна широка дискусија за перцепциите и заклучоците од самите судии.

Професорката Гордана Лажетиќ ги дискутираше препораките и заклучоците за петте клучни области за реформи во правосудството, како што е ефикасноста, транспарентноста и отчетноста, квалитетот на судската правда, независноста и професионалниот развој во судството. Во таа насока, присутните констатираа дека најгорливи проблеми со кои се соочуваат судиите се совладувањето на обемот на работа во услови на недостаток на судии и судски службеници, а беше констатирано дека е потребно да се најдат начини за подобрување на негативната перцепција на граѓаните кон судството.

Преку широка дискусија, судиите дебатираа за најважните проблеми со кои се соочуваат, како што е недефинираното значење на сложеноста на предметите и дека нормата како фиксна категорија им прави дополнителни проблеми бидејќи не е адаптирана на условите и работата на судот. Судиите истакнаа дека како предизвик во нивната работа е и начинот за оценување и унапредување на судиите како суштински аспект на независноста на судиите, функционирањето на АКМИС системот, како и прашањето за критериумите и квалификациите при избор на судии во АСЈО.

Во периодот кој следи ЦПИА ќе ги презентира документите пред секое апелационо подрачје и пред високите судови и ќе подготви план за подобрување и спроведување на политиките кој ќе биде споделен со Министерството за правда и Судскиот совет на Република Северна Македонија. Целта е Планот да помогне во реализација и ревизија на Стратегијата за реформа на правосудството 2017-2022 година.

Подготовката на документите за јавни политики како и нивната промоција е со поддршка на Британската амбасада Скопје во рамки на програмата „Подобрување на транспарентноста, правната сигурност и ефикасноста на судството во Северна Македонија“ имплементирана од Центарот за правни истражувања и анализи.

Gorica Nadjinska
Share
This