Промоција на документот за јавни политики: Новини во примената на Закон за ДДВ и нивното влијание на работата на граѓанските организации- Дали физичките лица се ДДВ обврзници?

Центарот за правни истражувања и анализи на 23 ноември 2018 година го промовираше документот за јавни политики со наслов “Новини во примената на Закон за ДДВ и нивното влијание на работата на граѓанските организации”

Настанот го отвори Никола Јовановски од ЦПИА кој накратко објасни дека анализата е исклучително важна бидејќи ја поставува правната основа за да одговори на горливите прашања како дали е оправдано и физичките лица што вршат стопанска дејност да бидат обврзници за плаќање на ДДВ, дали е тоа двојно оданочување, како и оправданоста на намалувањето на прагот за регистрација од 2.000.000 на 1.000.000 денари без притоа да биде спроведена соодветна проценка од страна на Министерството за финансии.

Јане Димоски од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ го објасни значењето на процесот на ПВР во контекст на утврдување на краткорочните и долгорочните влијанија на правните акти врз националниот систем, и додаде дека само преку спроведување на овој процес може да се добијат релевантни информации за позитивните и негативните влијанија од можните начини за решавање на проблемот.

Оливер Митов, проектниот менаџер од Центарот го презентираше проектот во чии рамки е изработен овој документ на јавни политики и накратко ги претстави активностите кои беа спроведени во изминатите 11 месеци.

Авторите на документот Гоце Коцевски и Елена Георгиевска го презентираа документот за јавни политики и детално ја објаснија неговата цел. Имено, документот ја анализира постојната правна рамка како и даночната политика која се однесува на физичките лица како ДДВ обврзници, но воедно и дава препораки за пополнување на празнините за спроведување на процесот на проценка на влијанието на регулативата (ПВР).

Тие објаснија дека документот ги идентификува импликациите од оданочувањето на физичките лица со данокот на додадена вредност, негативните аспекти од примената на зконот, а го проценува и степенот на усогласеност на законодавната рамка со регулативите на ЕУ. Дополнително тие истакнаа дека измените на Законот за ДДВ, ќе влијаат и врз работата на граѓанските организации особено бидејќи во одредени ситуации и тие можат да вршат дејности со кои се остварува добивка и притоа постои можноста да бидат ДДВ обврзници. Можноста за  оваа обврска има индиректно, но притоа силно влијание врз граѓанските организации бидејќи ангажирањето на надворешни експерти е директно врзано со работењето на граѓанските организации, а притоа и неопходно за остварување на нивните активности. Тие додадоа дека граѓанските организации не се и не треба да бидат третирани како бизниси, односно нивната непрофитна дејност треба да се согледа низ призма на јавниот интерес и јавното добро.

Авторите додадоа дека од спроведената анализа несомнено произлегува потреба од преземање на одредени мерки во насока на зајакнување на предвидливоста од примената на правните норми кои се однесуваат на физичките лица како обврзници на ДДВ. Тие додадоа дека е неопходно усогласување на одредбите од ЗДДВ кои се однесуваат на дефинирањето на поимите „даночен обврзник“ и „стопанска дејност“ со Директивата 2006/112/EC на ЕУ, враќање на прагот за регистрација на даночни обврзници за ДДВ од 1.000.000 на 2.000.000 денари, како и намалување на рокот за задолжителна регистрација како ДДВ обврзник од пет на три години.

Документот за јавни политики „Новини во примената на Закон за ДДВ и нивното влијание на работата на граѓанските организации- Дали физичките лица се ДДВ обврзници?“ е дел од проектот Акција против данок плус кој го спроведува ЦПИА, а е дел од подгрантирањето во програмата Процена на влијанието на регулативата во сенка: Промовирање на креирањето политики базирани врз докази, финансирани од ЕУ, а спроведувани од ИДСЦС и Центарот за економски анализи.

Gorica Nadjinska
Share
This