
Еден од фундаменталните аспекти на владеењето на правото е принципот на правната сигурност. Различните одлуки во слични случаи, донесени од ист суд, кој дополнително е и суд од последна истанца за одлучување по правното прашање, може во отсуство на правен механизам кој обезбедува конзистентност на одлуките, да го повреди тој принцип и со тоа да ја намали јавната доверба во судството, која е една од основните компоненти на државата заснована на владеењето на правото. Токму од тие причини на 5 и 6ти октомври 2023 година беше одржан работен состанок со судиите и дел од судските соработници на Врховен суд, со цел избор на најрелевантна и најзначајна судска пракса за периодот од 2017 до 2023 година. На состанокот беа издвоени најзначајните одлуки, кои подоцна ќе бидат објавени во Билтенот за судска пракса на ВСРСМ.

