Работилница на тема „Модел и начин на развој на унифицирана судска пракса“

Од 26 до 28 февруари 2016 во хотелот Епинал во Битола, ЦПИА во соработка со Врховниот суд на Република Македонија, одржаа работилница на тема „Модел и начин на развој на унифицирана судска пракса“.

Овој настан е дел од проектот „Поддршка за воспоставување на унифицирана судска пракса во македонскиот правен систем“ поддржан од Британската амбасада Скопје.

На работилницата беа поканети повеќе од 20 претставници на правосудните институции во државата, со цел изнаоѓање заеднички модел за понатамошно унапредување на судската пракса во работата на судовите.

Работилницата ја отворија Жарко Хаџи-Зафиров, раководител на проектот во ЦПИА и судија Лидија Неделкова, претседателка на Врховниот суд на Република Македонија. По претставувањето на проектот, неговите активности како и идејата за работилницата, тие ја истакнаа важноста на унифицирана судска пракса во македонскиот правен систем, осврнувајќи се на фактот дека единствено судската пракса може да ја врати правната сигурност во државата како и довербата на јавноста во правосудството.

Судијата Мирјана Лазарова Трајковска од Европскиот суд за човекови права во Стразбур одржа две презентациии проследени со дискусија. Таа одржа предавање за важноста на судската пракса во работата на Европскиот суд за човекови права, а како поранешен судија на Уставниот суд на Република Македонија таа имаше излагање и за судската пракса како гарант на правната сигурност во рамките на функционирањето и на Уставниот суд на Република Македонија.

По излагањето на судијата, Јелена Ристиќ, адвокат и правен експерт од ЦПИА, одржа презентација на Анализата на релевантните одредби во националното законодавство во однос на статусот и третманот на судската пракса.

За време на работилницата, учесниците преку работа во групи дадоа предлози, заклучоци и конкретни насоки за примена на судската пракса во Република Македонија, кои беа поделени во три категории. Учесниците се согласија дека е потребна измена на членовите 10 и 11 од Законот за судови како и дека круцијална улога во унификацијата на судската пракса игра администрацијата во судовите, па во овој поглед стручно-административните капацитети треба да се зголемат. Трето и последно, учесниците едногласно се согласија дека е неопходно ново софтверско решение за објавување на судски одлуки, со оглед на фактот дека сегашниот АКМИС систем не функционира правилно. 

Gorica Nadjinska
Share
This