Работна група со Врховниот суд на Република Македонија за измена на Законот за судовите

Како дел од проектот „Поддршка за воспоставување на унифицирана судска пракса во македонскиот правен систем“ спроведуван од ЦПИА, а поддржан од Британската амбасада Скопје, беше одржана работна група за измена и дополнување на Законот за судовите.

Во склоп на дводневната работилница „Модел и начин на развој на унифицирана судска пракса“, беше заклучено дека воспоставувањето на ваков тип на работната група е потребно.  Таа беше организирана во соработка со Врховниот суд на Република Македонија и се одржа во Свечената сала на судот на 18 април 2016 година.

На работната група учествуваа Лидија Неделкова, претседателка на Врховниот суд на Република Македонија, Лидија Тасева и Киро Здравев, судии во Врховниот суд на Република Македонија, Надица Андреева и Зоран Димитриевски, судии во Апелациониот суд Скопје, Санде Зиков, судија во Основен суд Скопје 2 и Гордана Бужаровска, професорка на Правниот Факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

Работната група работеше на изготвување на измени на сегашниот Закон за судовите со цел да се создаде правна основа за инкорпорирање на судската пракса.

Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за судовите кој е резултат на Работната група е во согласност со различните закони кои Собранието ги донесе во последниве години, а се грижат за следење и директна примена на праксата, ставовите и мислењата на Европскиот суд за човекови права.

Предложените измени и дополнувања на Законот за судовите уредуваат конзистентност во работата и одлучувањето на судовите, единствена примена на законите од страна на судовите, поедноставена примена на Европската конвенција за човековите права и слободи од страна на судовите во Република Македонија, како и заштита на правата на граѓаните на Република Македонија гарантирани во судовите на Републиката. Исто така, со измените се зголемува предвидливоста на законите и правната сигурност на граѓаните на Република Македонија кои произлегуваат од одлуките на судовите. Цел на измените е целосна примена на член 101 од Уставот на Република Македонија, кој предвидува дека во ексклузивна надлежност на Врховниот суд како највисока судска инстанца, е да се обезбеди единството во примената на законите од страна на судовите.

Целта на Предлог измените на Законот за судовите е да се обезбеди поголема транспарентност и правна сигурност во работата на судиите и предвидливоста при примена на  законите во насока на обезбедување на правна сигурност за граѓаните на Република Македонија. Измените исто така имаат цел да обезбедат целосно почитување и спроведување на уставната надлежност на Врховниот суд во однос на обезбедување на единствена примена на законите и обезбедување еднообразна и континуирана судска пракса на судовите во Република Македонија и да се овозможи поголемо почитување и примена на Европската конвенција за човековите права и слободи на граѓаните и на судовите во нивната секојдневна работа.

Gorica Nadjinska
Share
This