РЕАКЦИЈА ПО ПОВОД ОСТАВКИТЕ ОД ФУНКЦИЈА ЧЛЕНОВИ НА СУДСКИ СОВЕТ НА РСМ ДАДЕНИ НА 06.06.2023 

Блупринт групата за реформи во правосудството смета дека одлуката на членовите на Судскиот совет на РСМ кои поднесоа оставка од нивната функција е во добра насока и соодветствува на претходната реакција на Блупринт групата и искрено се надеваме дека и другите членови ќе го следат овој чекор. 

Како група, подолго време ја следиме работата на Судскиот совет на РСМ. Сметаме дека почитувањето на законот при секојдневното работење на една институција треба да е императив во нејзиното работење. Тие стандарди посебно треба да се однесуваат на Судскиот совет на РСМ кој ја обезбедува и ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт согласно Уставот на РСМ, гарантирање на законитоста во постапувањето и владеење на правото. Сметаме дека единствен начин за враќање на довербата и зачувување на интегритетот на Судскиот совет е избор на нов состав на членови избрани во законска и транспарентна постапка. Новите членови на ССРСМ кои ќе бидат избрани од редот на судиите потребно е да бидат судии со интегритет и да поседуваат високи морални и етички квалитети. Особено ја истакнуваме потребата кандидатите за членови кои ги избира Собранието на РСМ да доаѓаат од редот на истакнати правници кои имаат докажано долгогодишно искуство во работата, се препознаени во правната професија и за кои не постои никаков основ за сомнеж за нивна политичка или лична поврзаност со сегашни или поранешни носители на јавни и политички функции.  

Оттука, се надеваме дека останатите членови на Судскиот совет ќе го преиспитаат своето досегашно постапување и ќе ја покажат и докажат својата професионална етика и морал како членови со што ќе ја исполнат својата должност кон функцијата која ја вршат и ќе ја поднесат својата оставка по примерот на своите двајца доскорешни колеги.  

Во моменти кога довербата во судството е на незавидно ниско ниво со понирачка тенденција, неопходно е Судскиот совет на РСМ за да го поврати својот легитимитет согласно Уставот на РСМ да биде наново екипиран како чувар и гарант на самостојноста и независноста на судската власт, со што ќе започне процесот на враќање на довербата пред се на граѓаните но и на судиите кои полагаат отчет кон Судскиот совет на РСМ за своето работење.  

• Македонско здружение на млади правници (МЗМП) 

• Институт за европска политика (ЕПИ) 

• Институт за човекови права (ИЧП) 

• Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС) 

• Хелсиншки комитет за човекови права 

• Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА) 

Лице за контакт: Гоце Коцевски, тел. 078/252-942, [email protected]  

Ana
Share
This