Студиска посета на Хаг

Во периодот од 2 до 8 јуни 2019 година, претставници и членови на Центарот за правни истражувања и анализи присуствуваа на студиска посета во Хаг, Холандија.

Студиската посета беше организирана со цел учесниците преку размена на искуства со претставници на правосудните институции да се запознаат со добрите практики на холандскиот правен систем. Во рамките на посетата, ЦПИА посети повеќе институции и оствари состаноци со професионалци во областа на владеење на правото, заштита на човековите права, лобирање и застапување на политики.

При посетата на Судскиот совет на Холандија беше дискутирана улогата и начинот на функционирање на Советот. За време на состанокот беше посочено дека судството ужива голема доверба помеѓу граѓаните на Холандија и дека Советот на период од 4 до 5 години врши мерење на јавното мислење за работата на судските институции. ЦПИА оствaри средба со г. Реинер ван Зутфен, Обдусман на кралството Холандија и поранешен судија. На средбата беа разменети искуства за начинот на работа на канцелариите народните правнобранители во двете држави, како и за начинот на кој холандскиот Омбдусман го следи имплементирањето на препораките и заклучоците од своите извештаи како и од индивидуалните случаи што ги процесира.

Самиот проект има за цел да ги зајакне капацитетите на ЦПИА во областите на лобирање и застапување, па беше оставерна средба и со др. Едвард Фиге, експерт во областа лобирање.

Со цел да се комплетира сликата за развој на соработка и финансирање на странски програми од страна на кралството Холандија, беше остварена посета на Холандското Министерство за надворешни работи со г-ѓа Симоне Геритс, проектен офицер за земјите од Западен Балкан. На средбата беа дискутирани чекорите кои Северна Македонија треба да ги преземе при обезбедување на владеењето на правото во државата со цел отворање на пристапните преговори со Европската Унија.

За време на посетата, ЦПИА оствари средба и со г. Мартин Кујер, правен експерт, советник во Министерството за правда на Кралството Холандија и член на Венецијанската комисија. Долгогодишното и сеопфатно искуство на г. Кујер им овозможи на претставниците на ЦПИА одблиску да дискутираат за реформата на Европскиот суд за човекови права од 2010 година, за механизмите на проверка на квалитетот на легислативата, начинот на кој адвокатите ги застапуваат случаите пред ЕСЧП, за процесот на ветинг на судиите во новите демократии, како и за практиките на зајакнување на етиката на холандските судии и нивниот интегритет.

Покрај правосудните институции, ЦПИА одржа средба и со г. Доналд Калф, претставник на Transparency International Netherlands. Г. Калф разговараше за предизвиците и слабостите во холандскиот правен систем и сподели препораки за справување со коруптивните практики во судството.

Претставниците на ЦПИА го посетија и Врховниот суд на Холандија. На средбата со судија Ибо Бурума. ЦПИА имаше можност одблиску да се запознае со поставеноста и функционирањето на Врховниот суд, улогата и довербата што судството ја има кај граѓаните во зачувувањето на јавниот интерес. Судијата Бурума објасни дека Врховниот суд во рамки на својата надлежност ја има улогата да ги следи промените во правото и да го толкува преку неговото влијание врз граѓаните. На тој начин Врховниот суд ја има најзначајната улога за обезбедување на воедначената примена на правото во духот на времето и унифицирањето на судската пракса во државата.

Во текот на посетата беше организиран и состанок со г. Барт ван дер Виел, адвокат и претставник на организацијата Lawyers for Lawyers. Организацијата има за цел да ја зајакне правната професија во Холандија и се залага за адвокати кои се загрозени или се спречени во нивната работа. Тие ги поддржуваат адвокатите ширум Холандија да ја исполнат својата улога како суштински агенти во спроведувањето на правдата.

Студискиот престој во Хаг беше заокружен со посета на Парламентот на Холандија. Во Парламентот се одржа состанок со г. Ан Мулдер, член на Народната партија за слобода и демократија во Холаднија на кој се дискутираше за остварените реформи и моментална состојба во Република Северна Македонија. Воедно, беше истакнато дека Република Северна Македонија има забележан напредок во билатералните и меѓународните односи, но беше потенцирано дека е потребно тие напори да се пренесат и во полето на владеење на правото се со цел да се зајакне моментална положба на Западниот Балкан во процесот на пристапување кон ЕУ.

За време на престојот, членовите на ЦПИА продолжија со активна работа, развој на идеи и унапредување на своите вештини кои се однесуваат на подобра комуникација и ефективно лобирање. Прилагодените обуки за потребите на ЦПИА беа модерирани од експертите за владеење на правото и комуникација Сервас Фејертаг и Лен Миделбеек.

Посетата на Хаг беше организирана како дел од проектот за Зајакнување на капацитетите на Центарот за правни истражувања и анализи, финансиран од Холанското Министерство за за Надворешни работи преку Нуффиц (Nuffic – Orange Knowledge Platform), а спроведен од Центарот за меѓународна правна соработка (CILC).

Gorica Nadjinska
Share
This