Повикувајќи се на уставно загарантираното право на здрава животна средина, граѓанин од Куманово бара од Управниот суд да донесе одлука со која се утврдува дека му е повредено уставно загарантираното право на здрава животна средина и со која се задолжува државата да ги преземе сите обврски за заштита на животната средина.
Повредата на правото на здрава животна средина, истакнува граѓанинот, е поради пропуштање од страна на државата да се обезбедат услови за здрава животна средина односно квалитетен амбиентен воздух и навремена и точна информација за квалитетот на амбиенталниот воздух.
Предметот на граѓанинот по трет пат се најде пред Управниот суд, откако Врховниот суд го врати предметот пред Управниот суд на повторно одлучување.
„Секој човек има право на здрава животна средина“
Во поднесениот предлог до Управниот суд се посочува дека дека секој човек има право на здрава животна средина и дека во согласност со Уставот, Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.
И покрај фактот дека чуствувал дека му е попречено и оневозможено правото на здрава животна средина и бил известуван преку јавните медиуми за честото загадување на воздухот односно за нискиот квалитет на воздухот во Куманово, граѓанинот нагласува дека немал можност да се обрати до кој било надлежен орган со цел да го оствари своето право.
„Обврска на државата е да обезбеди услови за уживање на правото на здрава животна средина“
Тој посочува дека државата не презела дејствија за остварување на правото на здрава животна средина и дека во согласност со Законот за управните спорови потребно е Управниот суд да донесе одлука со што ќе се оствари судска заштита на слободите и правата.
„Обврска на државата е да обезбеди услови за уживање на правото на здрава животна средина“, се образложува во предлогот до Управниот суд во кој се упатува на уставните одредби и на Законот за управните спорови.
Според Законот за управните спорови, заштитата која ја обезбедува Управниот суд е уредена во согласност со овој закон, ако слободите и правата загарантирани со Уставот се повредени со дејствие на службено лице во орган на државната управа, односно на одговорно лице во претпријатие, установа или во друга организација или заедница, со кое спротивно на закон непосредно му се спречува или ограничува на поединец, организација или заедница, остварување на слобода или право.
Во таа смисла, основот на предлогот до Управниот суд е заштита од незаконито дејствие – непревземање на дејствија за исполнување на законската обврска за обезбедување услови за остварување на правото на здрава животна средина.
Не се почитуваат обврските и континуирано се прекршуваат законите
Граѓанинот во поднесениот акт посочува на законските и подзаконските акти кои мора да се почитуваат за заштита на правото на здрава животна средина, но кои, сепак и покрај обврската, државата не ги почитува. Во предлогот до Управниот суд приложени се и докази во насока на презентирање на целосната фактичката состојба.
Законот за животната средина, Законот за квалитет на амбиентниот воздух, Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух и прагови на алармирање, Правилникот за содржината и начинот на преносот на податоците и информациите за состојбите во управувањето со квалитетот на амбиентниот воздух, се дел од прописите кои континуирано се прекршуваат.
Не се почитува обврската за донесување на стратешки документи за квалитет на амбиентниот воздух, ниту се спроведува доследен мониторинг на квалитетот на амбиентниот воздух и изворите на емисии.
Постои надминување на граничните вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух и не се известува, ниту се алармира за надминување на прагот.
Фактичката состојба преку месечните извештаи на Министерството за животна средина и просторно планирање укажува дека очигледно е пропуштено е да се преземат сите неопходни мерки и не се обезбедени услови за да не дојде до надминување на граничните вредности за загадувачките супстанции во амбиентниот воздух.
Во предлогот, исто така, се истакнува и дека не се почитува ниту обврската за воспоставување на Единствен катастар за животна средина, а должниот инспекциски законски надзор не се спроведува. Воедно, не се донесени ниту стратешките документи за квалитет на амбиентниот воздух.
Според ЕСЧП, правата за заштита на животната средина се признаени граѓански права
Граѓанинот во предлогот пред Управниот суд упатува и на повредата на меѓународното право ратификувано согласно Уставот на Република Северна Македонија, како и на практиката на Европскиот суд за заштита на човековите права.
Прашањата на заштитата на животната средина согласно праксата на ЕСЧП се признаени права кои спаѓаат во опсегот на цивилни односно граѓански права.
Државата има позитивна обврска во согласност со членот 2 и 8 од Европската конвенција во контекст на загадување по животната средина која подразбира преземање на конкретни чекори за да се избегне, спречи или намали загадувањето кое е штетно врз животот и здравјето на луѓето.
Државата, посочува Судот во Стразбур, има обврска да креира и примени ефективни мерки кои би ги земале предвид интересите на локалното население, на кое му наштетува загадувањето и кои би биле доволни за да го намалат загадувањето до прифатливи нивоа.
Да се донесе судска одлука со забрани и задолженија
Потребата од донесување на ваквата одлука, нагласува граѓанинот, е во согласност со остварувањето на правото на здрава животна средина и во согласност со стандардите и практиката на Европскиот суд за човековите права. Една ваква одлука, потенцира граѓанинот, не само што ќе овозможи ефективна судска заштита на правото, туку ќе има и превентивна улога во поглед на заштитата на животната средина.
Во тој контекст, во предлогот пред Управниот суд се бара да се забрани на службените лица претседателот на Владата на Република Северна Македонија, министерот за животна средина и просторно планирање, директорот на Државниот инспекторат за животна средина како и на Владата на Република Северна Македонија и Министерството за животна средина и просторно планирање вклучувајќи го и Државниот инспекторат за животна средина да ги пропуштаат дејствија кои се должни да ги преземат во согласност со Уставот на Република Северна Македонија, Законот за животна средина и Законот за квалитет на амбиентниот воздух.
Во таа насока, потребно е да се задложи претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Владата на Република Северна Македонија, министерот за животна средина и просторно планирање и Министерството за животна средина и просторно планирање доследно да ги почитуваат начелото на претпазливост и начелото на превенција дефинирани во Законот за животната средина и начелото на внимателно и одговорно однесување и начелото на претпазливост дефинирани во Законот за квалитет на амбиентниот воздух.
„Се задолжува министерот за животна средина и просторно планирање да изготви Предлог – Национален план за заштита на амбиентниот воздух и истиот да го достави до Владата на Република Северна Македонија.
Се задолжува претседателот на Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Северна Македонија да донесе Национален план за заштита на амбиентниот воздух со рок на важење од најмалку 5 години.
Се задолжува министерот за животна средина навремено и континуирано да ја информира јавноста преку Македонскиот информативен центар за животна средина, кој изготвува и објавува годишни извештаи за емисии, годишни извештаи за квалитетот на амбиентниот воздух и периодични извештаи за имплементирање на законските обврски.
Се задолжуваат претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Владата на Република Северна Македонија, министерот за животна средина и просторно планирање и Министерството за животна средина и просторно планирање да воспостават ефективен, ефикасен и економичен систем за намалување на загадувањето на амбиентниот воздух“, се наведува во предлогот до Управниот суд.
Донесувањето на судска одлука е пресудно за заштитата на животната средина
Инаку, досега пред домашното судство иницирани се повеќе постапки заради утврдување одговорност за непреземање дејствија да се спречи аерозагадувањето.
Македонското здружение на млади правници има иницирано две граѓански постапки пред Основниот граѓански суд Скопје и Основниот суд Битола заради утврдување одговорност за непреземање дејствија да се спречи аерозагадувањето и кое како последица има за предизвикување здравствени проблеми кај граѓаните.
Од МЗМ велат дека дополнително во тек е постапка пред Основниот суд Струга за дивата депонија. Паралелно во тек се две управни спорови, еден за недонесувањето на водостопанска основа а друга за плановите за управување со речните сливови кои не се донесени.
„Отсуството на судски одлуки, независно во која постапка, во која се утврдува одговорност за дејствија со кои се загрозува животната средина како и особено пропуштање на вршење на законски обврски во оваа област е пресудно да обезбедување почитување на прописите од оваа област. Без утврдување одговорност малку е веројатно дека негативните практики на деградација на животната средина и отсуството на брз и делотворен одговор од страна на институциите на системот ќе бидат спречени“, нагласуваат од Македонското здружение на млади правници.
За жал, додаваат од Здружението, постојат процесни пречки во областа на парничната постапка (во однос на предметот како и во однос на формулацијата на тужбеното барање) кои оневозможуваат и обесхрабруваат водење на постапки од овој вид иако постои основ за нив. Дополнителен товар е докажувањето, особено кога е неопходен наод и мислење од вешто лице.
„Неопдходно е при утврдување на штетата, покрај конвенционалните начела утврдени со ЗОО да се земат во предвид и особено начелата на претпазливост, превенција, загадувачот плаќа за кои веќе постои правна рамка во Законот за животната средина“, истакнуваат од Македонското здружение на млади правници, нагласувајќи дека донесувањето на судска одлука за заштита на животна средина спаѓа во редот на пресуди кои носат општествени промени, особено во сферата на еколошката правда.
Потребна е ефективна еколошка правда
Значајни активности и заложби за воспоставувањето ефективната еколошка правда со посебен фокус на спроведување на еколошките политики, регулативи и меѓународните еколошки стандарди во држвата презема Центарот за правни истражувања и анализи. Правото на здрава животна средина, истакнуваат од ЦПИА е фундаментално право. Граѓаните заслужуваат ефективна еколошка правда и во таа насока ефективна судска заштита на правото на здрава животна средина.
„Улогата на судиите не треба се состои само од одлучување дали органот постапил согласно закон. Судот може и мора да реагира доколку во одредени случаи утврди дека јавниот орган не постапил во согласност со законот или доколку јавниот орган преземал дејствија или пропуштил да преземе дејствија со кои може да се предизвика штета на здравјето на луѓето или животната средина. При тоа особено треба да се цени опасноста која би можела да настане од преземањето или непреземањето на одредени дејствија и какво влијание ќе имаат истите врз здравјето на луѓето и животната средина краткорочно или долгорочно“, се вели во курикулумот за еколошка правда за обуки на судии и јавни обвинители подготвен од страна на Центарот.
Новинарската сторија е изработена од Даниела Марковска Алексовска во рамки на проектот „Унапредување на квалитетот и одговорноста во Македонскиот правосуден сектор“ финансиран од Амбасадата на Кралството Холандија.