Новинарска сторија: Обелоденети празнините, недостатоците и можностите на институционалната и законодавната рамка во 5 области на животната средина

Постоењето на предизвици во работата и функционирањето на националните институции со надлежности за заштита и зачувување на животната средина не е тајна.

Бројни засегнати заедници, индивидуи, граѓански организации и иницијативи во текот на годините укажуваат на непочитувањето на уставно загарантираното право на здрава животна средина за секого (Член 43) од страна на компании од различни индустриски сфери. Со непостапувањето по ваквите прекршоци, односно давање дозволи за активности кои уништуваат екосистеми и предизвикуваат екстремно негативни последици по здравјето и начинот на егзистенција на многу луѓе и заедници, овој член од Уставот на Република Северна Македонија е прекршуван дури и од страна на надлежните институции.

Платформата за еколошка правда која беше креирана во декември минатата година во рамки на проектот „Воспоставување ефикасна и ефективна еколошка правда“, има цел да се справува со погоре споменатите проблеми. Идејата на платформата е да бидат идентификувани проблемите поврзани со надзорот над спроведувањето на законодавството за животна средина и преку иницирање и спроведување на широк консултативен процес да бидат обезбедени препораки кои ќе ја подобрат еколошката ревизија и спроведувањето на регулаторната рамка за животната средина. Платформата би дала „стручна поддршка и вклучување на сите клучни чинители кои имаат надлежност да преземат активности согласно препознаените еколошки приоритети, преку креирање на законски формулации и решенија,“ забележуваат од Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА), иницијаторите на проектот.

Изготвена Анализа на празнини и недостатоци на институционалната и законодавната рамка за животната средина

За да се постигнат гореспоменатите цели, ЦПИА поддржи тим од пет експерти во пет области на животната средина во изготвувањето на GAP анализа, односно Анализа на празнини и недостатоци – предизвици и можности за институционалната и законодавната рамка за животната средина. Во извршното резиме на истата се вели:

„Анализата […] претставува сеопфатен преглед меѓу законски планираните наспроти спроведените функции и надлежности на овластените чинители од областа на животната средина. Препознавањето на празнините и недостатоците во правната рамка која ја уредува животната средина е појдовната претпоставка пред да се истакнат причините за конкретните ограничувања кои оневозможуваат ефикасна, ефективна и економична имплементација на целите и приоритетите во областите на животната средина.“Изготвената анализа во моментов подлежи на процес на прибирање коментари и преглед од страна на членовите на Платформата. Крајниот документ би бил достапен за очите на јавноста после финализирањето на овој процес. Сепак, анализата беше неодамна презентирана од страна на ЦПИА и на експертскиот тим пред засегнатите институции кои беа ставени во фокус на истата; Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и Државниот инспекторат за животна средина. 

Во однос на имплементацијата на проектот, овој документ ги поставува темелите за креирање на информирани насоки за поддршка на креаторите на политики во петте анализирани области: животна средина, заштита на природата, води, управување со отпад и квалитет на амбиентен воздух. Во анализата се вели дека препознавањето на предизвиците со кои се соочуваат надлежните институции и донесувачите на одлуки во овие сфери е првиот чекор кон „планирањето на најдобри национални мерки и активности, а со цел воспоставување на модел за остварување на еколошка правда.“ Меѓу другото, резултатите од анализата ќе бидат база за работата на Платформата за еколошка правда чии членови ќе работат на креирање на гореспоменатиот модел. Преку овој модел би се земале во предвид ‘препознаените приоритети и потреби за управување со кризи во делот на животната средина според постојните ресурси на земјата’ и би се предлагале алтернативни решенија. Од ЦПИА известуваат:

„Од презентацијата на настанот произлегоа првите насоки за работа на Платформата за еколошка правда. Прв чекор претставува утврдување на хиерархија на приоритети за надминување на еколошки штети и кризи, потоа извршување на законските функции кои се должат на недостатокот на технички капацитети и финансии, а како трет стожер се истакна зајакнувањето на свеста на граѓаните и на надлежните институции за што е потребно здружување на техничките капацитети и заедничка едукација.“

Генерални забелешки од анализата

Приоритетите во областа на заштита и зачувување на животната средина на кои е изградена постоечката правна рамка и националната законска регулатива во оваа сфера произлегуваат од Уставот на Р.С.М. од 1991, односно од членот 43. Анализата проценува дека моменталните закони и прописи кои опфаќаат различни аспекти на животната средина се застарени и не ја отсликуваат реалната состојба во земјата. Освен недоследноста на многу од законските прописи во сферата во овој поглед, големи пропусти се увидени и во спроведувањето на истите. Според аналитичкиот тим кој ја спроведуваше анализата, ова е резултат на ‘институционалната поделеност на државните органи кои што се надлежни за спроведувањето, на недоволниот кадар и технички ресурси во управата и инспекциските служби на локално ниво.’

Методологија на изготвување на анализата

Во процесот на изготвување на анализата користена е конзистентна методологија за секоја од петте клучни области кои се прегледани. Освен законската рамка и надлежностите, анализирани беа и соодветните подзаконски акти и стратешките документи за секоја од областите: животна средина, заштита на природата, води, управување со отпад и квалитет на амбиентен воздух. Анализата беше спроведена во две фази:

●  Фаза 1 карактеризирана со преглед на законски предвидените функции на надлежните институции, како и анализарање на подзаконските акти и стратешки документи кои го пропишуваат деталното уредување; и

●  Фаза 2 каде беа спроведени интервјуа со засегнатите страни и експерти со цел потврдување на резултатите и недостатоците од Фаза 1.Посебен фокус при изработката на документот е ставен на внатрешната организација, начинот на финансирање и достапноста на ресурси и инструменти на МЖСПП и Државниот инспекторат за животната средина. За оваа цел беа земени во предвид податоците истакнати во годишните извештаи и во актите за систематизација и внатрешна организација на работните места на овие две институции.

Во однос на применетиот методолошки пристап во подготовка на анализата, во самиот документ се вели дека: „[Овој пристап] беше со цел да се оцени ефектот на имплементација на легислативата, стратешките документи и подзаконските акти кои произлегуваат од законите. Начинот на нивната примена во пракса беше оценета преку анализа на законски планираните наспроти спроведените функции и надлежности на овластените чинители од областа на животната средина. Преку примена на овој пристап беше направена проценка на подзаконските акти и законските одредби од кои произлегуваат, при што се анализираше навременост во донесувањето и функциите на надлежните субјекти и капацитетите за спроведување на стратешките документи од областа на животната средина. Притоа, се анализира нивната усогласеност со меѓународните стандарди и националните стратешки политики.“

Ни претстои долг пат во креирање на функционален модел за зачувување на животната средина

Освен внимателно прегледаните пет области од животната средина, анализата става фокус и на: достапноста на ресурси и инструменти во институционалната рамка за животна средина, управувањето со човечки ресурси и организациски менаџмент во институционалната рамка за животна средина, и спроведувањето и извршувањето на одлуките во однос на загрозување на животната средина. Со оглед на големиот број пропусти и недостатоци и во овие полиња, заклучоците од анализата укажуваат на долгиот пат кој треба да се помине за ефективно функционирање на надлежните институции и останатите релевантни фактори во оваа област.

„Од извршената нормативна и легислативна анализа, произлегува дека и покрај обемноста на правните прописи и комплексноста на прашањата кои ги уредуваат во најголем дел се донесени актите кои се однесуваат на нејзина заштита и управување, утврдени се функциите на надлежните чинители како и содржините кои директно или индиректно ја регулираат животната средина. Имплементацијата на голем дел од предвидените системи и стратешки документи за поединечните области се воспоставени и усогласени со законските одредби и меѓународните стандарди, но политиката за животна средина е неопходно да се измени и надополни со нови приоритети, цели и насоки на делување што ќе одговараат акутелните проблеми во животната средина,“ се вели во анализата.

Заклучоците во однос на недостатокот на компетентни човечки и технички капацитети на национално и локално ниво за целосно, ефикасно и навремено спроведување на поставените законски обврски и цели за животна средина, како и недостатокот на добра комуникација и координација со општините и континуиран мониторинг на имплементацијата на законите на секое ниво, беа униформни за сите анализирани области. 

Дел од главните заклучоци од посебните сфери наведени во анализата се следните:

●  Област животна средина

○  Усвојувањето на предвидените измени и дополнувања на законот за животна средина и донесувањето на подзаконски влијаат на (не)имплементација на голем дел од предвидените системи

○  Потребен е ажуриран Националниот акционен план за животната средина (НЕАП)

●  Област заштитата на природата

○  Постои усогласеност на законските одредби со меѓународни стандарди

○  Неопходно донесување на нов Закон за природа и дополнително усогласување на Законот за шуми и Законот за ловство со Законот за природа

○  Потребен е функционален  Национален совет за заштита на природа, како и носење на нов Општ план за стопанисување во рамките на Законот за шуми

○  Потребно е да се формира Завод за заштита на природата, како и експертска меѓуресорска комисија за соработка помеѓу институциите

●  Област вода

○  Потребно е донесување на ажурирана Водостопанска основа

○  Недостасуваат Планови за управување со речни сливови на реките Вардар, Црн Дрим, Струмица

○  Непочитувани се бројни законски рокови со недонесувањето на 33 од предвидените Правилници при законот за води кој е во сила уште од 2011

○  Потребно е унапредување на ефективноста и ефикасноста на институционалната рамка во поглед на управувањето со водите.

○  Потребен е реизбор на Националниот совет за води и ставање во функција на ова советодавно тело

●  Област управување со отпад

○  Законската рамка за управуавње со отпадот е квалитетна и сеопфатна

○  Постои неконзистентност во стратешкото управување со отпадот во државата

○  Недостасува национална стратегија за управување со отпад која би била продолжеток на Стратегијата за управување со отпад 2008-2012

○  Не е усвоен Национален план за управување со отпад уште од 2016 година

●  Област квалитет на амбиентен воздух

○  Оценката на квалитетот на воздухот од страна на МЖСПП да не се спроведува целосно и да не се врши континуиран мониторинг на сите загадувачки супстанци

○  Анализата за степенот и обемот на спроведување на Националниот  план  за  заштита  на  амбиентниот  воздух МЖСПП да не ја извршува соодветно, бидејќи не може да ја следи имплементацијата на сите потребни мерки за спроведување на Националниот план

○  Нема изготвено Годишна програма за мониторинг на квалитетот на амбиентниот воздух

○  Не се изготвени два клучни стратешки документи за квалитет на амбиентниот воздух: Национален  план  за  заштита  на  амбиентниот  воздух  и Национална програма за постепена редукција на количините на емисии на одредените загадувачки супстанции на ниво на Република Северна Македонија.

Читањето на заклучоците на анализата го наметнува прашањето: за вистинско воведување на еколошка правда на локално и национално ниво, дали ни е потребно само зајакнување на законските прописи, нивната имплементација и капацитетите на институциите, или целосно реобмислување на системот?

За повеќе информации за проектот и Платформата на следниот линк:

Автор

Симона Гетова

Симона е докторант во областа на политичката екологија на катедрата за политички и социјални науки на Универзитетот Помпеу Фабра во Барселона. Таа е организатор за климатска и социјална правда и работи на пресеците на политичкото образование, управувањето и колективното делување за социјално-праведни и еколошко-здрави заедници на Балканот и пошироко. Симона е ко-основач на The Climate Herlad и на Kolektiv Z. Twitter: @SimonaGetova

Овој производ е подготвен во рамки на проектот „Воспоставување ефикасна и ефективна еколошка правда“ финансиран од Владата на Обединето Кралство, со поддршка на Британската амбасада Скопје.  Мислењата и ставовите наведени во оваа содржина не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската Влада.

Gorica Nadjinska
Share
This