Од 29 септември до 1 октомври 2016 година, во хотелот Изгрев во Струга Центарот за правни истражувања и анализи одржа дводневна работилница на тема „Креирање насоки за употреба на судската пракса од страна на Врховниот суд на Република Македонија“.
Овој настан е дел од компонентата за судска пракса од програмата „Подобрување на квалитетот на правдата во Македонија преку градење на капацитети за судии и мониторинг на судски реформи“ финансирана од Британската амбасада Скопје.
На работилницата учествуваа судии и стручни соработници на Врховниот суд, а истата беше модерирана од судија Мирјана Лазарова Трајковска, македонскиот судија во Европскиот суд за човекови права.
Работилницата ја отвори Жарко Хаџи-Зафиров, раководител на програмата во ЦПИА. Тој ја претстави програмата, објасни дека целта на работилницата е Врховниот суд да даде заклучоци за насоки за користење на судската пракса и нејзино пренесување кон пониските судови и потенцираше дека судовите и судиите се веќе обрзани со неколку закони да ја применуваат судската пракса на Европскиот суд за човекови права. Судија Лидија Неделкова, претседател на Врховниот суд на Република Македонија истакна дека целта на работилницата е судиите заедно со стручните соработници на неформален начин активно да дискутураат за оваа тема со цел да дојдат до заклучоци кои ќе доведат до подобрување на системот за судска пракса. Судија Мирјана Лазарова Трајковска искажа задоволство за учеството на настанот и истакна дека градењето на базата на податоци за судската пракса е од примарно значење за функционирање на системот на судска пракса.
За време на првиот работен ден, Јелена Ристиќ, адвокат од Скопје ја презентираше својата анализа на релевантните одредби во позитивното законодавство на Република Македонија за примена на судската пракса на Европскиот суд за човекови права, изработена за потребите на Центарот, додека судија Лидија Тасева, раководител на одделението за судска пракса во Врховниот суд на Република Македонија презентираше како се одвива систематизацијата на судската пракса во Врховниот суд. Судија Лазарова Трајковска преку презентации објасни каква е методологијата за користење на судската пракса во Европскиот суд за човекови права по што следување активна дискусија. Претседателката на Врховниот суд Лидија Неделкова ја водеше дискусијата на тема Уредување на судската пракса во Врховниот суд.
На вториот работен ден, учесниците ги презентираат нивните идеи од кои произлегоа заклучоци за начинот на употреба на судската пракса во работата на судиите. На крајот на работилницата од страна на експертите и учесниците беше заклучено дека во престојниот период тимот на експерти анагажиран од страна на Центарот за правни истражувања и анализи ќе обезбеди поддршка на Врховниот суд за изработка на насоки за примена на судска пракса со кои ќе се зајакне процесот за униформирана примена на правото од страна Врховниот суд.