Трета тркалезна маса – Промоција на матрицата на индикатори за мерење на реформите во правосудството

На 30 март 2016 година, во хотелот ТЦЦ Гранд Плаза во Скопје беше одржана третата тркалезна маса со претставници од правосудните органи и граѓанскиот сектор на тема: “Промоција на матрицата на индикатори за мерење на реформите во правосудството“

Тркалезната маса беше организирана од страна на Центарот за правни истражувања и анализи, а во рамки на проектот “Развивање на индикатори за мониторинг на перформансите на правосудството”, поддржан од Британската амбасада Скопје.  

На тркалезната маса беа присутни претставници од правосудните органи како и граѓанскиот сектор на Република Македонија кои работат во областа на правосудството. Оваа тркалезна маса беше воедно и последната од трите планирани тркалезни маси кои ќе се одржаа во периодот од јануари до март 2016 година, на кои беа повикани претставници од различни институции и организации кои се занимаваат со оваа проблематика.

На оваа тркалезна маса беше промовирана „Матрица на индикатори за мерење на реформите во правосудството“. Искуствата од мерењето на реформите на правосудството во земјите членки на Европската Унија ги сподели Реда Молиен, директорка на Националната судска администрација на Литванија која беше и дел од тимот на меѓународни експерти кои ја изработија компаративната анализата “Мерење на напредокот на судските реформи: Клучни принципи, стандарди и практики во Македонија и 7 земји-членки на ЕУ: Хрватска, Естонија, Франција, Унгарија, Литванија, Словенија и Обединетото Кралство”.

(фото – Академик)

Методолошката оправданост на матрицата за мерење на реформите на правосудството ја презентираше  професорката од Правниот Факултет „Јустинијан Први“, Јасна Бачовска, која беше ангажирана како национален експерт од страна на ЦПИА со цел да ја изготви методологијата за мерењето на реформите.

На последната сесија, професорката на Правниот Факултет „Јустинијан Први“ Гордана Бужаровска ги презентираше придобивките од  мерењето на реформите во правосудството на Република Македонија.

(фото – Академик)

По презентациите и излагањата на меѓународниот и националните експерти, во делот на дискусијата, покрај претставниците од судовите и невладиниот сектор, поддршка за прокетот и изработената матрица изразија претставниците од Министрството за правда како и Академијата за судии и јавни обвинители.

Gorica Nadjinska
Share
This