На 29 февруари 2016 година, во хотелот Холидеј Ин во Скопје беше одржана втората тркалезна маса со претставници од граѓанскиот сектор на тема: “Развивање на инструменти за мерење на реформите во правосудството”.
Настанот беше организиран од страна на Центарот за правни истражувања и анализи, а во рамки на проектот “Развивање на индикатори за мониторинг на перформансите на правосудството”, поддржан од Британската амбасада Скопје.
На тркалезната маса беа присутни претставници од граѓанскиот сектор на Република Македонија кои работат во областа на правосудството. Оваа тркалезна маса беше втората од трите планирани тркалезни маси кои ќе се одржат до крајот на месец март 2016 година, на кои ќе бидат повикани претставници од различни институции и организации кои се занимаваат со оваа проблематика.
На овој настан беше презентирана компаративната анализата “Мерење на напредокот на судските реформи: Клучни принципи, стандарди и практики во Македонија и 7 земји-членки на ЕУ: Хрватска, Естонија, Франција, Унгарија, Литванија, Словенија и Обединетото Кралство” на Центарот за правни истражувања и анализи, и веб форумот кој беше лансиран во текот на месец февруари кој служеше за доставување на предлози и дискусија во врска со индикаторите и методологијата за мерење на реформите во правосудството.
Нацрт матрицата за мерење на судските реформи ја презентираше Реда Молиен, директорка на Националната судска администрација на Литванија која е дел од тимот на меѓународни експерти кои ја изработија компаративната анализата. Јасна Бачовска, професорка на Правниот Факултет „Јустинијан Први“ во Скопје ја презентираше методологијата која беше користена за мерење на судските реформи.
Понатаму, свои излагања во делот на тоа како да се зголеми ефикасноста во мерењето на судските реформи во Република Македонија имаа професорката од Правниот Факултет „Јустинијан Први“, Гордана Бужаровска и Зоран Нечев, истражувач од областа на владеење на правото и Европската Унија.