Прва тркалезна маса – Развивање на инструменти за мерење на реформите во правосудството

На 28 јануари 2016 година (четврток), во хотелот Арка во Скопје беше одржана првата тркалезна маса со претставници од правосудството на тема: “Развивање на инструменти за мерење на реформите во правосудството”.

Настанот беше одржан во организација на Центарот за правни истражувања и анализи, во рамки на проектот “Развивање на индикатори за мониторинг на перформансите на правосудството”, поддржан од Британската амбасада Скопје.

На тркалезната маса беа присутни претставници од Министерството за правда, судовите во Македонија, како и претставници од професионалните здруженија од областа на правосудството. Оваа тркалезна маса беше првата од трите планирани тркалезни маси кои ќе се одржат до крајот на месец март 2016 година, на кои ќе бидат повикани претставници од различни институции и организации кои се занимаваат со оваа проблематика. Исто така, во продолжение на тркалезните маси, како алатка за поголема инклузивност на сите актери од правосудството, Центарот за правни истражувања и анализи ќе лансира и веб форум во текот на месец февруари оваа година, за доставување на предлози и дискусија во врска со индикаторите и методологијата за мерење на реформите во правосудството.

На оваа прва тркалезна маса беше презентирана компаративната анализа „Мерење на напредокот на судските реформи: Клучни принципи, стандарди и практики во Македонија и 7 земји-членки на ЕУ: Хрватска, Естонија, Франција, Унгарија, Литванија, Словенија и Обединетото Кралство“.

Стандардите и методологијата при мерењето на судските реформи ги презентираше Реда Молиен, директорка на Националната судска администрација на Литванија. Таа е дел од тимот на меѓународни експерти кои ја изработија компаративната анализа.

Развојот на судските реформи во Република Македонија, мерењето и евалуацијата на резултатите ги презентираше Иван Штерјовски, национален правен експерт и еден од основачите на Центарот за правни истражувања и анализи. 

Gorica Nadjinska
Share
This