На 12.06.2023 на апелационото подрачјe Гостивар, се одржа последната обука од овој циклус на обуки на тема ,,Улогата и потребните вештини на менторите на новоизбрани и унапредени судии’’. Како и досега, целта на обуката беше да се пренесат знаењата и искуствата од веќе обучените ментори (судии) кои учествуваа на обуката за обучување тутори за новоизбрани и унапредени судии, која беше спроведена од страна на Холандскиот судија и претседател на судот во Зволе, Холандија г-дин Берт Ман и специјалистот за обука на судии, Марина Наумовска – Милевска. Обучените судии во текот на обуката ги пренесоа своите искуства со други искусни судии од своето апелационо подрачје, со идеја, тоа понатаму да се примени секој пат кога во судот ќе има нов или унапреден судија.
Обуката беше поделена на два дела, во првиот дел Судијата Ељведин Ферати од Основниот суд во Тетово, одговараше на прашања и зборуваше за своите почетни предизвици и очекувања како новоизбран судија. Свое излагање имаше и Претседателот на Апелациониот суд Гостивар, Беким Мехмеди, кој ги сподели искуствата со новоизбраните судии во својот суд, а адвокатот Жарко Хаџи Зафиров зборуваше за искуствата кои лично тој ги имал, во својство на адвокат во споровите пред новоизбран, односно унапреден судија.
Во вториот, завршен дел од обуката, во својство на веќе обучени судии, со цел да ги пренесат своите знаења, излагања и презентаци имаа: судија Емине Мурати од Основен суд Гостивар, судија Али Алиу од Апелационен суд Гостивар и судија Џемали Саити од Врховен суд на РСМ. По завршувањето на излагањата, присутните судии се впуштија во дебата и дадоа свои коментари и предлози за остварување на целите на обуката.
Обуката беше предвидена во рамки на проектот ,,Унапредување на квалитетот и одговорноста на Македонскиот правосуден сектор’’, кој е финансиски поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија.