Новинарска сторија: Бучавата еден од најголемите непријатели на животната средина

Секој гласен, непријатен и неочекуван звук кој во организмот создава штетни ефекти е бучава. Според негативното влијание врз животната средина, таа се наоѓа во самиот врв, заедно со загадувањето на воздухот и водата и е проблем кој е распространет во целиот свет. Загадувањето од бучавата главно се должи на сообраќајот, градежните активности, индустриско – производните активности, како и активности од јавниот живот кои директно влијаат на здравјето на луѓето и квалитетот на живеењето.

Секојдневно се соочуваме со бучава која може да биде постојана, испрекината – кога настанува од еден или повеќе извори со неправилни и ненадејни прекини и почетоци и импулсивна – кога настанува ненадејно и многу брзо прекинува, како на пример при експлозија или истрели. Бучавата се манифестира како висока гласност од 110 до 120 dB (децибели), додека за нормална бучава се смета шумот на лисјата на дрвјата кој изнесува 20 (dB), тивок глас (40 dB), звукот од телевизор кој не е прегласен (60 dB) или уличен сообраќај (90 dB).

Во урбаните средини граѓаните најчесто се жалат за бучавата од гласна музика од угостителските објекти, кафе барови и ресторани, каде што има силно озвучување.

Во првите пет месеци од годинава, Министерството за внатрешни работи евидентирало вкупно 28 пријави за вознемиреност од бучава, при што 23 случаи се решени како поплака со писмено предупредување на пријавените. Во истиот период, за 13 случаи се поднесени соодветни барања за поведување на прекршочна постапка до Комисијата за прекршоци по член 8 од Закон за прекршоците против јавниот ред и мир (ЗППЈРМ).

Според статистиката на МВР во текот на 2022 година од страна на сите Сектори за внатрешни работи констатирани се вкупно 58 прекршоци по член 8 од ЗППЈРМ.

Оштетување на слухот, замор и стрес – дел од влијанијата врз човековото здравје

На тркалезната маса на тема „Заштита од бучава во животната средина“, која се одржа минатиот месец во Скопје во организација на Центарот за правни истражувања и анализи, правниот експерт Жарко Алексов цитираше наоди на Светската здравствена организација (СЗО), според кои бучавата е втората најголема еколошка причина за здравствени проблеми, веднаш по влијанието на загадениот воздух. Пред учесниците на тркалезната маса беше посочено дека над 1 милијарда луѓе на возраст од 12 до 35 години ризикуваат да го загубат слухот поради продолжена и прекумерна изложеност на гласна музика и други рекреативни звуци. СЗО препорачува нивоата на изложеност на бучава да не надминува 70 dB во период од 24 часа и 85 dB во период од 1 час.

Но, освен оштетувањето на слухот, бучавата има и други штетни ефекти врз нашето здравје. Истражувањата покажуваат дека бучавата доведува до замор и стрес, исцрпеност, забрзана срцева работа, зголемен крвен притисок и негативни ставови.

Светската здравствена организација во еден извештај наведува дека зголемената бучава придонесува и за проблеми со учењето и разбирање на прочитаното, помнењето и вниманието.

Проблемот со бучавата во последниве децении станува сè подоминантен не само во урбаните средини, туку и вон градските средини, односно на магистралните и регионалните патишта поради постојаниот пораст на сувоземниот и воздушниот сообраќај. Поради тој факт бучавата мора соодветно да се третира. Експертите посочуваат дека е можна превенција од негативното влијание на бучавата на човечкото здравје и тоа се постигнува меѓу другото со изолација на работниот и животниот простор, со користење заштитни чепчиња за уши, како и со почесто правење пауза на работа, скратено работно време и продолжен годишен одмор.

Бучавата „на хартија“ ја регулира Законот за заштита од бучава во животната средина

Животната средина на светско и републичко ниво е легислативно регулирана со низа законски акти, како и со меѓународни конвенции, декларации и протоколи. Иако сè уште не е членка на Европската Унија, Република Северна Македонија има усвоено соодветна законска регулатива за заштита од бучава, како и правилници кои ги дефинираат потребните услови за реализација и допрецизирање на законските постапки.

Проблематиката во однос на штетната бучава која се емитира во животната средина во Република Северна Македонија е регулирана со Законот за заштита од бучава во животната средина. Во Законот е даден правен основ за изворите на бучава во животната средина, граничните вредности на ниво на бучава во животната средина, индикатори за бучава во животната средина, управување со бучава во животната средина, методи на оценување на штетни ефекти, донесување и спроведување на плански документи, мерки за заштита од бучавата во животната средина, мониторинг на бучавата во животната средина, информативен систем, услови и технички мерки за заштита од бучава во животната средина предизвикана од посебни извори, финансирање, надзор и надлежни органи.

Врз основа на одредбите од Законот за бучава во животната средина во периодот од 2007 година до денес донесени се 11 подзаконски акти кои се однесуваат на индикатори за бучава, мониторинг и инспекциски надзор на бучавата во животната средина.

Глобите за бучава се движат од 50 евра до 10 илјади евра

При пријава на граѓани за зголемена бучава Секторите за внатрешни работи постапуваат според Законот за заштита од бучава и вршат редовни акциски контроли на угостителски објекти во однос на тоа дали се придржуваат на законските дозволени граници за пуштање на музика, согласно Закон за прекршоците против јавниот ред и мир (ЗППЈРМ).

Согласно член 8 од овој Закон предвидени се глоби за нарушување на мирот на други со пеење, користење на музички инструменти, радио и телевизиски апарати и други технички уреди, како и со механички извори на врева (мотор и слично), во периодот од 15:00 до 18:00 часот и по 23:00 часот до 6:00 часот наутро, тие се движат од 50 евра до 10 илјади евра.

– Доколку некој го стори овој прекршок, полицијата ќе го спречи и ќе му се изрече глоба во износ од 50 до 100 евра во денарска противвредност. За прекршокот од ставот 1 на овој член ќе му се изрече глоба на правното лице од 50 до 1.000 евра во денарска противвредност – за микротрговци, од 50 до 2.000 евра во денарска противвредност – за мали трговци, од 250 до 6.000 евра во денарска противвредност – за средни трговци и од 250 до 10.000 евра во денарска противвредност – за големи трговци и за одговорното лице во правното лице од 50 до 500 евра во денарска противвредност, велат од МВР.

Охрид „најпрепознатлив“ по пријави за вознемиреност од бучава

Според статистиката на МВР, на подрачјето на СВР Охрид се евидентирани најмногу пријави за вознемиреност од бучава.

– Постапувајќи по пријавите во 63 случаи истите се решени со писмено предупредување на пријавените, во 22 случаи Комисијата определила глоба по поднесено барање за поведување на прекршочна постапка по член 16 од ЗППЈРМ, додека за еден случај постапката сѐ уште трае а се работи за пријави за гласна музика во угостителски објекти, велат од МВР.

Градот надлежен за контрола на бучавата од сообраќајниците, инспекциските служби за големите индустриски капацитети

Контролата на бучавата од сообраќајниците и од инсталациите кои имаат Б интегрирана дозвола е во надлежност на Градот Скопје, додека, државните инспекциски служби се надлежни за контрола на големите индустриски капацитети кои работат со А интегрирани дозволи, бучавата на автопатите, како и авионскиот и железничкиот сообраќај. Општините, пак, се надлежни за контрола на бучавата од малите индустриски погони, како и угостителските објекти.

Бучавата од гласна музика претставува проблем за општина Центар, бидејќи приземни делови на зградите се наменети за кафулиња каде во ноќните часови се одржуваат забави со голем број гости и гласна музика. Бројот на пријави од граѓани во пролетниот и летниот период, како што информираат од Општина Центар, е во просек околу 5 пријави месечно. Како втор проблем од Општина Центар го посочуваат и работното време, до 12 или 1 часот по полноќ, кое се преминува, како и собирањето млади лица на улиците, возењето мотори и слично.

За да се надмине овој проблем Општина Центар спроведува мониторинг на подрачјето на општината, за што имаат склучено договор со овластена лабораторија за животна средина, која ги извршува мерењата на бучавата.

– По добиени пријави за бучава од гласна музика, или во редовна контрола на терен, овластениот инспектор за животна средина со претставник на овластената лабораторија излегува на терен во ноќните часови, после 23:00 часот. За извршените мерења, лабораторијата доставува извештаи, согласно кои се спроведува инспекциска постапка во рамки на законот. Доколку бучавата надминува максимално дозволени вредности, согласно Правилник, овластениот инспектор води постапка со записник, решение за преземање мерки за намалување на бучавата, како и прекршочен платен налог за глоба, која што согласно Законот за заштита од бучава, член 56, став 1, е во дијапазон според големината на правниот субјект, појаснуваат од Општина Центар.

Повеќе од 300 пресуди на ЕСЧП за заштита на животната средина

Праксата на Европскиот суд за човекови права, како што кажа правниот експерт Жарко Алексов на тркалезната маса, според последната статистика покажува дека повеќе од 300 пресуди се однесуваат на заштита на животната средина.

Судот преку креативно толкување наоѓа начини да ги примени членовите за заштита на животната средина, иако тоа не е изрично признаено како право.

Пример за тоа е пресудата Олуиќ против Хрватска (https://justiceobservers.org/article/79316/63647/187) . Имено жителка на Риека, Хрватска, се жалела на бучава што ја прави бар/кафуле кое било отворено во дел од куќата каде што живеела, а којшто дел бил во сопственост на друго лице. Постапките пред надлежните органи траеле долго и биле безуспешни по што жалителката поднела апликација пред ЕСЧП. Жалителката тврдела дека таа соодветно ги исцрпила достапните правни лекови и дека сите други правни лекови би биле излишни. Дополнително таа тврдела дека нивото и континуираноста на бучава било такво што ги исполнувала критериумите за повреда која влегува во опсегот на членот 8 од Конвенцијата. Судот утврдил повреда на членот 8 бидејќи Конвенцијата има за цел да гарантира права кои се „практични и ефективни“, а не „теоретски или илузорни“.

Кај нас пак, според евиденцијата на Одделот за прекршоци при Основниот кривичен суд Скопје изминативе години со правосилна пресуда завршени се само три предмети во врска со прекршување на членот 8 од Закон за прекршоците против јавниот ред и мир.

По предметите, како што велат од Судот, е постапуван во 2018 и 2020 година, а во однос на одлуките за еден е прекината постапката, а за два предмета се изречени глоби. 

Ana
Share
This