Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА) во рамки на проектот ,,Вградување на аналитички и мониторинг алатки за поддршка правосудните реформи во Северна Македонија’’ финансиран од Британската амбасада во Северна Македонија во 2021 година ја подготви функционална анализа на основните судови во Република Северна Македонија.
Целта на анализата беше да се идентификуваат предизвиците со кои се соочуваат основните судови при остварувањето на судските надлежности и вршењето на судската власт. Меѓу другото во анализата посебен осврт се стави и на условите за работа, физичкиот пристап и безбедносните услови во основните судови.
При анализирање на просторните услови, во делот посветен на Основниот суд Куманово, ЦПИА укажа и апелираше дека постои голем ризик од пожар во подрумските простории каде се чува архивскиот материјал на судот. Во прилог извадок од анализата кој се однесува на веќе опожарената архива:
,,Архивата на судот се наоѓа во подрумските простории каде воедно се чуваат и предмети со кои се извршени кривични дела и приодот во истата е заштитен со врата со метални решетки. Просториите во кои се наоѓа архивата немаат прозорци но останатите делови од подрумските простории имаат решетки на прозорците. Овие предмети заземаат поголем простор не само поради количината туку и поради ненавременото подигање од страна на Агенцијата за управување со одземен имот. Архивата претставува посебен ризик од причина што истата не е лачена односно не се предадени во државниот архив и не се поништени од 1946 година и поради тоа постои пренатрупаност до мерка на целосна исполнетост на подрумите во кои се наоѓа архивата. Постои ризик од пожар бидејќи сите подрумски простории се до плафон полни со судски списи’’
Оттука сакаме да укажеме дека ризикот од пожарот кој избувна на 11.07.2023 година, беше навремено детектиран и нотиран во Функционалната анализа за основните судови во Северна Македонија. ЦПИА како организација која во изминатите 10 години има постојана соработка со судовите и правосудните органи со цел поддршка на нивната работа и развој на правосудството, изразува жалење за настанатиот пожар во ОС Куманово, но и апелира до надлежните органи во иднина воочените проблеми детектирани во анализите и извештаите кои се изготвуваат во рамките на проектите за институционална поддршка да не се игнорираат, туку по укажувањата да се превземаат соодветни мерки со цел да се избегне ризикот од нивно настанување.