На настанот учествуваа претставници на институциите и граѓанските организации кои во изминатите месеци заеднички работеа на утврдување на приоритетите и подготовка на новите заложби, со цел унапредување на транспарентноста, отчетноста и учеството на граѓаните во креирањето на јавните политики.
Со претставувањето на Нацрт-планот беше заокружена уште една значајна фаза од процесот на заедничка подготовка, кој започна во април 2026 година и се спроведува преку партнерство меѓу институциите и граѓанското општество.
Во воведниот дел се обрати министерот за јавна администрација, Горан Минчев, кој ја истакна важноста на отвореноста како составен дел од реформата на јавната администрација и потребата заеднички утврдените приоритети да се преточат во конкретни и остварливи резултати. Тој нагласи дека транспарентноста, учеството и отчетноста треба да бидат составен дел од работењето на институциите и процесите на донесување одлуки од јавен интерес.
За значењето на институционалната соработка и придонесот на трите компоненти на Партнерството за отворена власт говореа и Христина Софронијоска, заменик генерален секретар на Собранието на Република Северна Македонија, и судија м-р Катерина Георгиевска, заменик на претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија. Тие ја истакнаа важноста на Отворен парламент и Отворено судство, кои преку сопствените процеси на подготовка придонесуваат кон заедничката национална рамка на Партнерството за отворена власт.
Резултатите од процесот на заедничка подготовка ги претстави Гордана Гапиќ-Димитровска, национална координаторка за Партнерство за отворена власт при Министерството за јавна администрација и копретседателка на Советот за ПОВ. Таа даде осврт на спроведените консултации, работата на тематските работни групи, оценувањето на предложените заложби и нивното дополнително усогласување со надлежните институции.
Во подготовката на новиот план беа вклучени околу 140 претставници од 45 институции и 25 граѓански организации. Нацрт-планот содржи вкупно 25 предложени заложби, од кои 19 се однесуваат на Отворена влада, четири на Отворен парламент и две на Отворено судство.
При подготовката на планот особено внимание било посветено на усогласувањето на предложените решенија со законските надлежности, институционалните капацитети и расположливите ресурси, со цел да се утврдат заложби што одговараат на препознаените потреби и имаат реални можности за спроведување.
Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации, копретседател на Советот за ПОВ, го претстави процесот од перспектива на граѓанското општество, истакнувајќи го значењето на партнерскиот пристап, заедничкото утврдување на приоритетите и активното учество на граѓанските организации во подготовката и следењето на заложбите.
Во продолжение беа претставени предложените заложби од четирите приоритетни области на Отворена влада, како и заложбите во рамките на Отворен парламент и Отворено судство, со осврт на очекуваните резултати и придобивките за граѓаните.
Заложбите во областа на антикорупцијата, интегритетот и отчетноста ги претстави Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации. Тие се насочени кон поголема транспарентност на јавните набавки, подобар пристап до податоците за вистинските сопственици и поголема јавна достапност на договорите за концесии и јавно-приватни партнерства.
Стојан Мишев од Здружението ЕСЕ ги претстави заложбите за унапредување на граѓанското учество на локално ниво, подобрување на јавните консултации преку ЕНЕР, дигитализација на Регистарот за младинско учество и унапредување на евиденцијата на податоците за насилството врз жените и семејното насилство.
Во областа на дигиталното управување, Данче Даниловска-Бајдевска од Фондацијата Метаморфозис ги претстави предложените решенија за унапредување на јавните регистри, достапноста на здравствените и инспекциските податоци, електронските услуги на локално ниво и транспарентноста на финансирањето на политичките партии.
Заложбите од областа на климата и животната средина ги претстави Кире Миловски од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје, со акцент на поголема достапност на податоците за дивите депонии и бучавата, вклучително и преку развој на јавни интерактивни мапи.
Во рамките на компонентата Отворен парламент, Златко Атанасов од Собранието на Република Северна Македонија ги претстави заложбите насочени кон поголема отвореност на законодавниот процес, унапредување на граѓанското учество и подобра достапност на парламентарните информации и податоци.
Заложбите во рамките на Отворено судство ги претстави Никола Јовановски од Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА). Тој се осврна на заложбите за унапредување на електронскиот судски портал, подобрување на пристапноста на судските информации и воспоставување поусогласени стандарди за комуникација на судовите со јавноста.
Во рамките на отворената дискусија, учесниците разменија мислења и дадоа дополнителни предлози за унапредување на заложбите, со посебен акцент на нивната остварливост и очекуваните резултати.

Во завршниот дел, Гордана Гапиќ-Димитровска ги претстави следните чекори во процесот. По финализирањето на Нацрт-планот, предвидено е одржување седница на Советот за ПОВ, на која ќе се разгледува и утврдува Предлог-националниот акциски план за периодот 2026–2028 година. Потоа, планот ќе биде доставен до Владата на Република Северна Македонија за разгледување и усвојување, што се очекува до крајот на 2026 година, по што ќе започне неговото спроведување.
Данче Даниловска-Бајдевска, координаторка на Мрежата на граѓански организации за Партнерство за отворена власт, го истакна значењето на континуираното партнерство меѓу институциите и граѓанското општество, како и подготвеноста на Мрежата активно да придонесува во следните фази преку учество во структурите на ПОВ, соработка со институциите при спроведувањето на заложбите и следење на постигнатиот напредок.
Подготовката на новиот Национален акциски план претставува продолжување на заедничките заложби на институциите и граѓанското општество за унапредување на транспарентноста, отчетноста и граѓанското учество, со цел постигнување конкретни резултати и придобивки за граѓаните.
Извор: Министерство за јавна администрација – Партнерство за отворена власт