Отворено судство

За Проектот

Градењето на довербата на граѓаните во правосудството останува еден од клучните предизвици за правосудниот систем во Република Северна Македонија. Истражувањата континуирано покажуваат дека судството е меѓу институциите со најниско ниво на доверба, додека меѓународните извештаи укажуваат на предизвици поврзани со транспарентноста, отчетноста и комуникацијата со јавноста. И покрај значителниот напредок во спроведувањето на правосудните реформи и дигитализацијата, пристапот до информации за работата на судовите и понатаму е ограничен, а комуникацијата со граѓаните и медиумите често е недоволно развиена.

Во овој контекст, Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА) го спроведува проектот „Отворено судство“, со цел да придонесе кон поотворено, потранспарентно и поотчетно судство. Проектот се реализира во рамките на Советот за отворено судство, во партнерство со Врховниот суд, Судскиот совет, Министерството за правда и Академијата за судии и јавни обвинители. Активностите се директно усогласени со мерките од националниот Акциски план за Партнерството за отворена власт (OGP), со што се обезбедува институционална поддршка и одржливост на резултатите.

Главната цел на проектот е да ја зајакне транспарентноста, отчетноста и довербата на граѓаните во правосудството преку воспоставување на одржливи стандарди за отворени податоци, унапредување на комуникацијата со јавноста и стратешко управување со судската отвореност. Проектот директно придонесува кон исполнување на приоритетите од Поглавјето 23 – Правосудство и темелни права, како дел од процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската Унија.

Специфични цели на проектот:

  • Воспоставување на единствен модел за стандардизирано објавување на отворени податоци на веб-страниците на сите судови.
  • Унапредување на комуникацијата на судството со јавноста и медиумите преку подготовка на методологија и прирачник за проактивна комуникација.
  • Институционализација на судската отвореност преку подготовка и усвојување на Петгодишна стратегија за судска отвореност (2026–2030).

Проектот „Отворено судство“ е поддржан од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (UNOPS).

Период:
04/05/2026 - 03/05/2027
Статус:
Во тек