Консултативен состанок за основање на оперативна група за гонење на кривични дела во животната средина

На 30.03.2021, Центарот за правни истражувања и анализи во хотел Солун одржа консултативен состанок за основање на Оперативна група за гонење кривични дела во животната средина. На состанокот беа присутни претставници од ДИЖС, МАНУ, МЖСПП, МВР, ОЈО, АСЈО, ЗЕЛС, невладините организации Екосвест, Милиеуконтакт, МЗМП и Фронт 21/24. Целта на овој состанок беше презентирање на идејата за основање на Оперативна група за справување со кривичните дела против животната средина на национално ниво која ќе спроведува ефикасна и ефективна кривична истрага и гонење на незаконски дела против животната средина пред националните судови.

Идејата е во оваа Оперативна група да бидат вклучени полициски сили, експерти за животна средина и јавни обвинители за борба против еколошки прекршоци во координација со претставници на Министерството за внатрешни работи, Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина и Јавното обвинителство.

Во воведниот дел програмскиот менаџер во ЦПИА, Никола Јовановски даде краток преглед на активностите и очекуваните резултати на проектот „Проект за добро управување со животната средина“, во рамките на кој е предвидено и формирањето на оваа Оперативна група. Истакнато беше дека примарните цели на Оперативната група ќе бидат:

  • Ефикасно да се истражат и да се гонат кривични дела од животната средина и други незаконски акти што директно им штетат на животната средина, дивиот свет, биодиверзитетот и природните ресурси;               
  • Да се подобри комуникацијата со членовите на заедницата за да се зголемат придобивките во областите каде најчесто се кршат законите за животна срединаa                                                                                               
  • Да се ​​подобри комуникацијата со заедниците и јавноста во врска со загриженоста за еколошката правда и со цел зголемување на придобивките од акциите за усогласеност и спроведување.

Академикот Камбовски се надоврза, подржувајќи ја иницијативата и нагласувајќи дека временскиот период е совршено погоден за еден ваков проект бидејќи во нашата држава постои голем расчекор во законодавството и праксата односно иако правото на здрава животна средина е уставно загарантирано, и е јавен интерес, во пракса го гледаме спротивното. За животната средина рече дека е објект на небранет напад. За поздрав е и евидентниот напредокот кај граѓанските организации кои се будат и притискаат за здрава животна средина што е клучна точка за развој на општествениот живот. Професорот Камбовски нагласи дека Уставот треба да претрпи одредени измени бидејќи не обезбедува директни гаранции за заштита на животната средина.

Г-дин Блинков од ДИЖС сподели со присутните дека изминативе 13-14 години активно се вклучени во заштита на животната средина заедно со МЖСПП, МВР, АСЈО со кои имале многу обуки на судиите и јавните обвинители. Како најголем проблем со кои се соочуваат е лошата централизација особено во поглед на менаџирање на отпадот. Со ова со согласи и г-ѓа Ивана Серафимова од ЗЕЛС која го истакна фактот дека се додека инспекторите се платени од градоначалниците, одлуката на инспекторот нема да е веродостојна. Затоа како предлог за надминување на овој проблем беше дадено централизација ли регионализизација на  инспекциските служби.

Александра Каракашова Сачкарска сподели со присутните дека во рамки на Милеуконтакт е формиран првиот Архус центар кој работи на трите столба и моментално се работи на мониторирање на веб страни на институции во однос на првиот и вториот столб. Како најпроблематичен го издвои третиот столб, односно пристапот до правда.

Г-ѓа Серафимовска исто така ја поздрави иницијативата, нагласувајќи дека оперативната група има солиден состав каде се прифатени сите структури, сите институции има солидна хиерархија, но смета дека клучна улога имаат инспекциските служби, кои за жал се со слаб капацитет.

Консултативната средба заврши со позитивна нота и поддршка од сите присутни истакнувајќи дека се во исчекување на Планот за работа, кој ќе се изработи во наредниот период.

Ana
Share
This