Во рамки на обуката беа опфатени повеќе аспекти од практичната примена на европските стандарди во областа на еколошката правда. Судија Мирјана Лазарова Трајковска се осврна на практиката на Европскиот суд за човекови права во случаи поврзани со еколошкиот криминалитет, со фокус на пристапот на Судот кон прашањата поврзани со заштитата на животната средина и човековите права.

Проф. д-р Тања Каракамишева Јовановска ја претстави практиката на Судот на правдата на Европската Унија во областа на заштитата на животната средина, со осврт на релевантните европски правни стандарди и нивното значење за националното законодавство и неговата примена. Во продолжение, адвокатот Жарко Хаџи Зафиров ја обработи темата на зелената виктимологија, посветувајќи внимание на положбата и заштитата на жртвите на еколошкиот криминалитет, како и на специфичните предизвици со кои тие се соочуваат.

Преку овие тематски сесии, учесниците имаа можност да ги продлабочат своите знаења за европската судска практика и да дискутираат за практичните аспекти на спроведувањето на еколошката правда. Обуката заврши со заклучни согледувања и дискусија, во рамки на која беа отворени прашања и дилеми од практиката.
Обуката беше реализирана во рамки на проектот „Добро владеење во животната средина за Зелена агенда за Западен Балкан“, финансиран од Европската Унија.