Одржана работилница на тема ‘’ Развој и воведување Алатка за следење на перформансите во Јавнообвинителскиот систем во Северна Македонија ‘’

Центарот за правни истражувања и анализи на ден 18.10.2022 година организира работилница во рамки на проектот ‘’ Развој и воведување Алатка за следење на перформансите во Јавнообвинителскиот систем во Северна Македонија ‘’. Овој проект е финансиски подржан од Владата на Обединетото Кралство  и е резултат на континуинираната подршка која Обединетото Кралство ја дава за подобрување на правосудството во Република Северна Македонија.

На овој настан присуствуваа Јавни обвинители, членови на Советот на јавни обвинители и претставници од Министерството за правда, а целта на нивното присуство беше тие да бидат запознаени со начинот на кој новата алатка функционира и кои бенефити би ги имале тие со нејзиното користење.

Работилницата ја отвори претседателката на ЦПИА, Лидија С. Зафировска, која во своето воведно обраќање напомена дека во моментов се потребни системски реформи во Јавното обвинителство со цел тоа повторно да ја стекне довербата на граѓаните и да ја подобри својата транспарентност, ефикасност и ефективност.

На настанот беа присутни домашни и странски правни експерти. Домашните експерти во своите излагања најпрво се осврнаа на тековната ситуација во Ј.О. и за таа цел неколку пати се повикуваа на функционалната анализа за јавните обвинителства во РСМ изготвена од ЦПИА. Функционалната анализа им беше од голема помош за да ги идентификуваат проблемите со кои јавнообвинителскиот систем секојдневно се соочува и каде се потребни реформи. Тие ги потенцираа бенефитите од користењето на алатката во пракса и презентираа позитивни примери од примена на вакви алатки во Велика Британија и Данска. На самиот крај, Адис Хоџиќ, во својство на меѓународен експерт за статистичка анализа одржа презентација за практичниот дел од алатката, односно на присутните им го претстави статистичкиот модел за квалитативна анализа на работата.

Целта на настанот беше да им се долови на идните корисници, што всушност е алатката, како да ја користат и како таа ќе им ја олесни работата. Алатката функционира на начин што преку стандардизиран пристап на собирање и обработка на податоци, развива објективен мониторинг на работата на јавните обвинителства. Со нејзиното користење ќе се овозможи мерење на перформансите на обвинителскиот систем, ќе се идентификуваат неговите потреби и слабости и ќе се поттикне креирање на поефикасни реформски мерки базирани на докази, а во согласност со меѓународно поставени стандарди.

По завршувањето на излагањата, присутните беа задоволни од прикажаното.  Се разви и дискусија помеѓу нив и говорниците за самата алатка, а дел од присутните начна и други проблеми од нивното работно секојдневиe.

Gorica Nadjinska
Share
This