РАБОТИЛНИЦА НА ТЕМА – ПРЕЗЕНТАЦИЈА НА МАПА ЗА ДВИЖЕЊЕТО НА ПРЕДМЕТИТЕ ВО КРИВИЧНО-ПРАВНИОТ СИСТЕМ – НАОДИ И ПРЕДИЗВИЦИ

На 27.10.2023 година Центарот за правни истражувања и анализи во рамките на проектот ,,Континуирана и одржлива употреба на алатка за следење на перформансите (АСП) во Јавнообвинителскиот систем во Северна Македонија’’ организира работилница на тема – Презентација на мапа за движењето на предметите во кривично-правниот систем – наоди и предизвици. Проектот е резултат на континуирана финансиска поддршка од Британската амбасада во Скопје.

Лидија Стојкова Зафировска, претседател на ЦПИА, во своето поздравно обраќање се заблагодари за големата заинтересираност за присуство на настанот. Таа истакна дека идејата на работилницата на оваа тема произлегла од потребата да се претстават предизвиците со кои се соочува правосудниот систем во целокупниот процес почнувајќи од приемот на една пријава во јавното обвинителство па сѐ до донесувањето на пресуда и да се изнајдат решенија со цел побрза и поефикасна обработка на предметите во кривично-правниот систем.

На работилницата, свое излагање имаше и претставникот на Кемоникс Аран Мекмахон, кој го изрази своето задоволство за присуството на настанот и ја посочи неопходноста од темелна разработка на оваа тема со цел потенцирање, но и соочување со предизвиците присутни во секојдневното работење на сите правосудни институции.

Правниот експерт Жарко Алексов, во своето излагање, го објасни начинот на кој била изготвена мапата односно ја претстави методологијата за подготовка на анализата и мапата во секоја поединечна фаза со цел успешно да се лоцираат проблемите и да се вложат напори истите да се редуцираат или отстранат.

Во продолжение, свое излагање имаа и професорката Гордана Лажетиќ и адвокатот Александар Гоџо, кои детално ги презентираа наодите од анализата и ги произнесоа своите ставови во врска со предизвиците кои се јавуваат при движењето на предметите во кривично-правниот систем како и начините на кои истите би можеле да се надминат.

По завршувањето на излагањата на говорниците, голем дел од присутните се впуштија во дискусија и споделија дел од проблемите со кои се соочуваат институциите од каде доаѓаат. 
Според нив, мапата и претходно споделените извештаи се добра можност за да се долови каде всушност обвинителството и јавнообвинителскиот систем имаат проблеми и дека токму ваквото мапирање на проблемите може да доведе до нивно решавање.

Присутните апелираа дека актуелениот проблем со движењето на предметите во кривично-правниот систем потекнува и од недоволно јаки кривични пријави, а присутните истражители за финансиски криминал и корупција потенцираа дека немаат доволно обуки на доста актуелни теми од областа на финансискиот криминал (крипто валути, перење пари..), а воедно и на непостоењето на софвери кои би биле од помош при гонењето на таквиот криминал. А според нив дополнително како пречка се јавува и немањето пристап до податоците, како и долгиот временски период кој минува при спроведувањето на бирократски постапки.

Ana
Share
This