На 8 јули, европската комесарка за проширување Марта Кос ја посети Република Северна Македонија за да разговара за напредокот на земјата на нејзиниот пат кон Европската Унија, како и за спроведувањето на клучните реформски приоритети, со посебен акцент на Реформската агенда во рамките на Планот за раст за Западен Балкан.
Во рамките на посетата, комесарката оствари средба со претставници на граѓанското општество и медиумите, на која се разговараше за спроведувањето на клучните реформи поврзани со пристапувањето во Европската Унија, со посебен акцент на владеењето на правото.
За време на дискусијата, Центарот за правни истражувања и анализи ја истакна важноста на доследното усогласување на реформските процеси со преговарачката рамка на Европската Унија, особено во однос на Поглавјето 23 – Правосудство и фундаментални права. ЦПИА ја нагласи потребата реформите да бидат суштински, транспарентни и засновани на мерливи резултати, како предуслов за напредок во пристапниот процес и понатамошно зајакнување на владеењето на правото.
