Денеска во Клубот на пратеници се одржа состанок на работните групи за подготовка на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2026–2028 (НАП7), како продолжение на процесот на ко-креација започнат со конференцијата организирана на почетокот на април оваа година. Настанот беше организиран од Министерството за јавна администрација, во соработка со Фондацијата Метаморфозис и Центарот за граѓански комуникации.
На настанот присуствуваше и Центарот за правни истражувања и анализи, како дел од граѓанскиот сектор вклучен во процесот на консултации и ко-креација на новиот акциски план.
Работниот состанок ги обедини претставниците на институциите, граѓанските организации и експертската јавност во тематски работни групи, со цел заедничко дефинирање на приоритетите и идните заложби во рамки на новиот акциски план.
Учесниците работеа во пет тематски области:
- антикорупција, интегритет, одговорност и отчетност;
- граѓански простор, учество и слободи;
- дигитално управување;
- клима и животна средина;
- отворен парламент и отворено судство.
Работниот состанок претставува важен чекор во инклузивниот ко-креациски процес на подготовка на новиот Национален акциски план, кој треба да придонесе кон поотворени, поотчетни и подостапни институции, во партнерство со граѓанското општество и другите засегнати страни.
Процесот на ко-креација на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2026–2028 продолжува во наредниот период преку дополнителни консултации и тематски дискусии со сите релевантни чинители.
