Eкономска анализа на трошоци и придобивки- Дали споровите од мала вредност се исплатливи?

Центарот за правни истражувања и анализи на 22 март ја промовираше Економската анализа на трошоците и придобивките во споровите од мала вредност.

На настанот се обратија Жарко Хаџи-Зафиров, програмски раководител во ЦПИА и правниот експерт Ивица Пеповски кој детално ја презентираше анализата. На настанот се обрати и државниот советник во Министерството за правда на РСМ- Љубица Караманди Попчевски.

Анализата ги опфаќа податоците кои се однесуваат на споровите од мала вредност по кои постапувале судовите во периодот од 2015 до 2017 година и вклучува податоци за 27.002 спорови од мала вредност. Вкупниот број нерешени предмети е 967, а најголема просечна вредност на спорот во овој тригодишен период се движи околу 90.000 денари. Просечниот број рочишта во спор од мала вредност изнесува 2,5 рочишта, истакна Ивица Пеповски.

Најмногу спорови од мала вредност се однесувале помеѓу граѓански лица и трговски субјекти, а максималниот број на рочишта во период од 2015 до 2017 година е 26 и тоа во Основен суд Скопје 2.

Се што е над десет одржани рочишта се смета за екстремна вредност додаде Ивица Пеповски. Во 18 од 25 судови, 72 отсто имаат случај со одржани повеќе од десет рочишта. Шестотини четириесет и три случаи имаат одржано десет или повеќе рочишта по предмет. Најголем дел од овие случаи се во Основен суд Скопје 2, односно со повеќе од 70 отсто, а потоа следува судот во Тетово, Гостивар и Кичево. Во оваа насока беше дадена препорака дека вкупниот број на одржани рочишта треба да се намали, а со тоа ќе се намалат и вкупните трошоци.

Во анализата се опфатени конкретни податоци и информации во врска со трошоците на судскиот буџет по случај на спор од мала вредност и во врска со трошоците за инволвираните странки.

Буџетските трошоци за решавање на 26.038 спорови од мала вредност во текот на тригодишниот период (од 2015 до 2017 година) се проценуваат на околу 90.419.555 денари (или 1.469.520 евра), што би можело да претставува значителна заштеда доколку се користат други начини за решавање на спорови (т.е. медијација). Со други зборови, груба процена е дека во просек 500 илјади евра би се заштедиле на годишно ниво доколку се користат други опции за решавање на споровите“, се образложува во анализата.

Во анализата се вели и дека процените за вкупните трошоци, вклучувајќи ги судските такси и адвокатските трошоци, во случаи со одржани три рочишта, ги надминуваат придобивките од случаите на спорови од мала вредност каде што вредноста на случајот е помала од 12.700 денари (или 206 евра). За вредности над 13.700 денари (или 206 евра) придобивките ги надминуваат вкупните проценети трошоци.

„Во првичната процена се претпоставува дека најголем дел од предметите во Основниот суд Скопје се решаваат со три рочишта. Прибавените податоци покажаа дека просечниот број на рочишта во Основниот суд Скопје во 2017 година изнесувал 2,7, што претставува пад од 4,0 проценти по случај во 2015 година. Со оглед на тоа, не постои економска логика да се поведува постапка пред Основен суд Скопје за спорови чија вредност е помала од 12.700 денари (или 206 евра).

Љубица Караманди-Попческа, советник во Министерството за правда, се осврна на стратешките определби на Министерството за зајакнување на ефикасноста на судството. Таа истакна дека во тек е иницијатива за измени на Законот за парничната постапка и намалување на максималниот број на одржани рочишта. Таа додаде дека наодите од анализата Министерството за правда ќе ги искористи со цел воведување практики за зголемување на ефикасноста во судските постапки.

Настанот се одржа во хотел Солун, во рамки на програмата „Подобрување на транспарентноста, правната сигурност и ефикасноста на судскиот систем во Република Северна Македонија“, која ја спроведува ЦПИА со поддршка на Британската Амбасада Скопје. 

Анализата можете да ја прочитате во целост на следниот линк

Gorica Nadjinska
Share
This